Сутерен.мк

Миле Папазовски: Шо мажиште си!?

Пешачката патека околу бараката во Тафталиџе не беше во добра состојба: нагризена од студ, од фрлената сол за да се стопи мразот, од дожд, од сонце, па од АФЖ падна наредба да се ископа старата и да се стави нова патека. АФЖ е неприкосновен и во замислата и во извршувањето и имаа потреба од “мајстор” по можност од источна Македонија. Знаете, мајстор што не пие ракија ама постојано повторува: “Без една мога, сос една не мога”.

Секако им требаше и аргат-помошник без школо и по долго “барање” ме пронајдоа мене, со машински факултет!
Имавме спастрено песок во гаражата и требаше да се транспортира со количка по угорница за да го види светлото на денот, до бетономешалка – таму да се меша со цемент и да се бетонира пешачката патека.

И тргна возот… Првите колички ги полнев до половина и врвеше работата. Ама како одминуваше времето количката ја полнев се повеќе и сосема го изумив советот на чичко ми Наум (паметен човек, башка главен градежен инженер во Гранит), кој ми велеше: “Не ја преполнувај количката, работата е иста само патот е подолг!” Демек, иста работа ќе завршам и со помалку натоварена количка само повеќе пати ќе одам наваму-натаму. Паметен совет ама за кого!?

Нели сум прилепско – руска комбинација, па инаетливата прилепска половина проработи со полна пареа и ја товарев количката се повеќе и повеќе! Се дуев со својата снага што можам да туркам тешка, потешка, најтешка количка со песок! И се така додека во еден момент во мојата лева препона (горе де, кај срамотното) нешто пукна!

Од лексиконот “Мој доктор” прочитав дека сум добил ингвинална хернија, односно кила. Осетлив оток под кожата кај препоните.
АФЖ донесе одлука веднаш да одам на доктор зашто оперативниот зафат бил скоро безопасен, а секое одложување носело ризик.
И така… Во еден од весниците прочитав дека доктор во Градската болница – Скопје вршел оперативен зафат на кила под мото “Дојдеш денес – те сечеме – те крпиме – по еден ден си одиш дома”! Шубо.
Легнав во болницата во голема соба со десетина кревети, а бевме само двајца, со иста мака, со иста болка.

Најнапред за операција го зедоа комшијата и додека го чекав својот ред берберот ме избричи доле, па си се потпрашав: “Знаат ли зошто сум дојден? Да не ми прават сунет?” Од друга страна си помислив: “Па што ако ми прават!? Сунетисаните се пооиздржливи, потпорни, ама баш за се!“ А вие сами заклучете што подразбирам под “се”. Аман бе, не ви текнува?!


По некое време го донесоа комшијата заспан.
Дојдов на ред и со кревет на тркала ме префрлија во операционата сала. Ме заспаа со етер. Немаше друго. Огромната светилка над мене почна да ми се врти в круг, а во ушите ми ѕвонеше: “Ла, ла, ла, ла…ла…“ И заспав, ама се сеќавам на моите зборови пред да заспијам: “Аххх! Ме суредивте!”
Се разбудив во истата соба, со истиот комшија. Жив сум. Тоа е најважно. Со мојава луда глава тешко се останува жив!

Постоперативно и двајцата лежевме. Јас читав, а тој се преокупира со едно транзисторче – пушташе “оф леле мајко музика”! Саде завивање, ко да пеат гладни курјаци!
Наредниот ден комшијата се подигна, стана и почна да шета наваму – натаму. Јас се обидов да го имитирам, ама безуспешно. Едноставно не можев да станам, а камоли да шетам. Третиот ден комшијата го пуштија дома, а мене докторот ко расипана грамофонска плоча ми повторуваше: “Шетај, шетај!” Како да шетам кога душа сака, ама нога не дава?!

Мина и третиот ден и докторот збесна! Му ја минирав рекламата што ја даде во весниците и ми се развика: “Ај бе, не туку се лигави! Стани! Шо мажиште си!?”
Видов не видов си ги собрав парталите. Дојдоа моите, ме зедоа и ме вратија дома на рехабилитација.

По туѓ газ и 100 стапа не болат. Ама ногата ме болеше… Како да ми беше зашиена повисоко… Зајакнувањето на стомачниот ѕид со мрежа за да не ми се повтори килата ми правеше проблем. Ногата ми остана покуса. Не многу, ама покуса. И целата тежина ми ја носеше десната нога. Левата ми служеше за потпирање, особено кога одев угоре по скали. Кога одев на прошетки по рамно, не ме болеше и не се забележуваше хендикепот.

Преку прозорците од бараката гледав колку беше убава новонаправената цементна патека за оние неколку дена лежење во болница. На секое метро од патеката имаше оставено тесен празен простор засаден со трева за плочите од патеката слободно да дилатираат од температурните разлики. Излегував и надвор да се прошетам, онака подвиткан, со левата рака кај левото маде (културно е да се каже тестис) и го потпирав мадето, долго време… Миланче, Миланче… „Каде оди волчко се град го толчи!“ Ретко среќата да ми се насмее од првпат, освен во изборот на брачниот партнер. Добро е што барем тогаш, имав повеќе среќа отколку памет!

(Авторот е роден во 1947 година, во Скопје и е дипломиран машински инжинер во пензија. Инаку, дете од уметничко семејство. Љубител на поезија, проза, сликарство, фотографија. Оженет, две ќерки, четири внуци.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us