Сутерен.мк

Мирко Митревски: Македонци во Бангкок

„Тие, Тајланѓаните некои куси човечиња, јас дури и висок спроти нив. И така ’истопорен’, си се возам во автобусот, се додека не стигнавме во холот на аеродромот. Е, тогаш…“

“Пред десеттина години со моите колеги Војо Стојановски, Елизабета Стоиќ и хармоникашот Добре ( не можам да се сетам на неговото презиме, нека ми прости), бевме на турнеја кај нашите во Австралија. Беше што беше, тргнуваме за назад.

Прво што забележав во авинот на ’Квантас’ е дека освен нас четворицата, немаше ниту еден друг Македонец, ниту пак, од тогашните Југословени. Значи, се странец до странец. И така си летаме ние раат, како што не дал Господ, се додека не стигнавме во Бангкок. Со стујардесата (жената ги зборуваше сите можни и неможни јазици, а не знаеше македонски!?) се разбравме некако, откако на хартија ни нацрта дека авионот треба да се снабди со гориво и поради тоа потребно е на два часа да го ’ослободиме’ .

Бидејќи аеродромската зграда од пистите е одалечена поприлично, дојде да не ’собере’ автобус. Со самото влегување во него, мене ми олесна: држачите ми се до брадата! Тајланѓаните изгледа некои куси човечиња, јас дури и висок спроти нив!? Му велам на Добре, кој си беше исто така, кусичок: ’Добре, ова е за нас рај! Глеј ги колку се мали, дури и смешни!’ Добре само климна со главата и ништо не рече.

Раатот исчезна кога стигнавме во холот на аеродромот. Од народ, врие како во кошница! На пистите слетуваат авиони на секои петипол секунди! Како нашиот ги има десетици! Веќе не ни знам кој е нашиот! Како што се воспостави, тоа не го знаат ни останатите тројца мои сопатници. А ние, како и сите честити Македонци, друг јазик не зборуваме освен нашиот, најубавиот, македонскиот! Што значи, изгубени сме!

Се вртиме, се шуткаме, ниту имаме кого да прашаме, ниту знаеме како! Времето одминува, ние на истото место. Арно ама, пусти Македонци – касметлии. Забележуваме едно семејство: мажот ни се чини на сите многу познат. Конечно, по нагаѓањето дали ми е мене комшија, на Војо сват или на Добрета бакалинот, сфаќаме дека тоа е човекот кој патуваше со нас.

Зборуваше на за нас непознат јазик, но не беше ’мал’, а тоа значеше дека продолжува со нас понатаму. Падна одлука: тој ни е единствената надеж и не смееме да го изгуми од вид! Тргнавме по него. Тој со жената и децата во продавница, ние го чекаме пред влезот. Тој во ресторан, ние чекаме надвор. Тој во тоалет, ние пред тоалетот. Тој лево, ние лево, тој стои, ние стоиме…

Човекот, фала Богу, во таа гужва не ни забележа дека го демнеме!

Едно време не фати паника: следејќи го него со семејството ни се виде предолго тоа марширање, па почнавме да се прашуваме ’Штоа ако тие остануваат тука!?’ И пак, братска одлука: што ќе биде, нека биде! Ние не го ’пуштаме’!

На наша среќа, си беше тоа домаќин човек, па културно си го продолжи патувањето со нас и се упати кон излезот од аеродромот, па си се смести во автобусот. Ние? Се знае, по него!

Не знам кој беше и од кај беше, но вечно сум му благодарен што беше таму, па ние не заглавивме во Бангкок. Сеедно што тој град навистина беше рај за мене – не морав да се тегнам по држачите во автобусите, како во Скопје!“

Б. Н. Доневска

„Екран“, 1997 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *