Сутерен.мк

Најпознатиот пиратски град

На источната половина на островот Јамајка се наоѓа градчето Порт Ројал. Денес таму ништо особено нема за гледање, но некогаш вриел од живот: алкохол, злато, комар, проституција, робови и пирати! Важел за најопасниот и најгрешниот град на светот.

Колумбо се воодушевил од Јамајка кон крајот на 15 век, а островот потпаѓа под англиска власт во 17 век, кога и започнува нејзиниот подем.

Порт Ројал бил природно пристаниште кое можело да прими 500 бродови. Станал најголемиот град на Карибите, полн можности за разни слоеви на општеството. Покрај богатите Англичани, на неговите улици многу комотно се чувствувале и пиратите, кои постојано ги напаѓале и ограбувале шпанските бродови од соседните острови.

Една четвртина од градот го сочинувале кафеани и бордели, а за анархијата што владеела доволно зборува податокот дека во 1675 година, поручник гувернер на пристаништето бил гусарот Хенри Морган!

Утрото на седми јули 1692 година Јамајка ја зафаќа земјотрес со магнитуда од 7,5 по Рихтер и трусното тло ги проголтува повеќето згради, цунамито што следи го доопустошува градот, многу луѓе ги губат животите и славата на Порт Ројал заминува во историјата. Денес, поголемиот дел од градот од 17 век се наоѓа на дното на морето.

Фото: Shutterstock/Profimedia

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *