Сутерен.мк

Ненамерни секирации

На одмор запознав еден господин десеттина години постар од мене, со кој си поминав преубаво. Ме нарекуваше најслатка на свет, ми велеше дека сум му многу интересна и дека сум интелигентна и дека никогаш не му било поубаво со некоја жена. Откако се вративме дома ( и тој е од Скопје) го снема. Не ми се јавуваше, не одговараше на моите повици. Потоа, повторно се споивме и ми кажа, речиси плачејќи дека во меѓувреме имал секс со некоја друга, но дека ете, тоа така му се случило, ненамерно. Маж е и го разбирам, а и хирург е, под постојан стрес, ама, што вие мислите?

Миси, 28, Скопје

Миси дарлинг, знаете ли под колкав стрес се врапчињата што не чекорат, ами скокаат со двете нозе или пак, слоновите, кои воопшто не скокаат!? Крај нема на тоа, стресот да се употребува како оправдување за секоја безнадежна неспособност.

Знаете како, некои дури и канибализмот го третираат како алтернативен начин на живот и искрено, во право се. Мислам, ако тргнеме по логиките што не ретко се јавуваат на оваа страница.
Ама ајде…

Пред да ги исчешлате веѓите и го покажете помпезниот ентузијазам за вашиот хирург, знајте дека на девојчиња до десет години им се вели дека се слатки. Интересни се оние кои сме ги сметале за будалетинки, ама ете, некако не изненадиле, а интелигентен е секој кој не не дави со нутриционистички совети.

Вие, со своите речиси три децении, за некој кој ве сака треба да сте возбудливи, неверојатни, спектакуларни! Суштество на кого нема да му биде гајле за раноразни градски пицајзли и транзициски кариеристи, туку за една врста која се уште не одумрела – фино воспитани млади господа, кои ја поздравуваат чистачката во влезот и не тресе глупости од типот „изгледаш здраво“, а всушност, мисли „дебела си.“

А за неверство нема никаков изговор! Особено е будалест овој – дека е маж (што значи ова: мажите се дивјаци, кои не можат да се контролираат себеси?!), па и хирург (ме здоболе главава од превртување очи!), а не е ни врапче, па ни слон… Прељубата не се случува баш така – „знаеш, малку се сопнав на нејзината вагина“!?

Можеби не е планирано, но секако е присутно сознанието дека, ако се дознае ќе влијае врз вашиот однос. Нема проблем што може некому да му биде алиби за неверство! Изневерување е изневерување без разлика кога, како, зошто, каде и со кого (му) се случило!

Е сега, вие малку сте се занеле и со тоа што „романсата“ се случила за време на летен одмор, а тогаш критериумите се баеги под основниот протокол на љубовниот рингишпил. Меѓутоа, сеедно на локацијата, вашиот хирург е се, само не господин. Чоек, де…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *