Сутерен.мк

Непотребно драматизирање

Имам другарка која не сака да излегува, само седи дома, гледа телевизија, јаде, поточно ждере и ништо не ја интересира. Ја викам постојано да одиме некаде и кога ќе дојде, со триста молења, не се однесува како што треба, па потоа моите другарки ја озборуваат и ми префрлаат што сум ја викнала. Сакам да и помогнам, ама таа игнорира секаков обид за социјализација.

Блонди, Скопје

Блонди дарлинг, а кого лечите вие? Неа или себе си? Толку ли сте за никаде што морате некого да „спасувате“ за да се чувствувате добро? Самодоверба градите изживувајќи се врз некој послаб? Садизам се вика тоа, садизам.

Мислам дека вашата „другарка“ е сосема свесна за манипулацијата што ја изведувате, но е премногу културна (или сосема рамнодушна на вашево запињање да и докажете колку вие многу вредите) за да ви каже директно во лице дека и додевате. И, каква е таа добронамерност кога ја носите во друштво кое очигледно, и се потсмева?!

Оставете ја девојката на мира.
Не се сите луѓе на светов опседнати со тоа како изгледаат, што партали имаат на себе, со кого се сексаат, кој што мисли за нивниот коефициент на интелегенција…
Некои се сосема во ред. Си го реализираат секојдневнието во својот микрокосмос спокојно и сигурно и не ги тангира дали комшивката ја купила најновата нијанса на трула вишна на лак за нокти.

Некои, драга моја, не мораат да бидат во мејнстримот. Ниту шик, ниту забавни, ниту убави, ниту интересни. Не мораат ништо. Тие не се апел за помош.
За завист се…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *