Сутерен.мк

(Не)пристојно доење

Имам бебе од осум месеци и ме мачат неколку прашања околу неговото доење. Мислам да прекинам со тоа, но блиските ми велат дека е добро што подолго да го дојам, а мене веќе почнува и да ми пречи тоа. Сама го чувам и го носам секаде со мене и кога е гладно морам да го дојам, а не ми е пријатно кога тоа го правам на улица или во парк. Луѓето се ѕверат во мене и шушкаат. Сите зборуваат дека тоа е океј, ама истите тие и ме гледаат презриво кога сакам да го подојам бебето. Што мислите вие?

Лена

Лена дарлинг, најважната работа во доењето, ако веќе ме прашувате мене е што е бесплатно и нема ама ич работа околу неговата подготовка, а и детето веднаш го добива оброкот. Горна граница не постои, се е индивидуално, но експертите велат дека особено е важно детето да се храни исклучиво со мајчиното млеко до шестиот месец.

Жените во минатото ги доеле децата до три години па и повеќе. Особено Кинеските кои тоа го правеле до петата – шестата или Индијанките до осмата – деветтата година на детето.

Сепак, не претерувајте. Зашто, велат, оние кои предолго биле залепени за мајчината града, остатокот од животот го поминуваат со прстот в уста.

Жените имаат право да дојат на јавно место па дури и во продавници, кафулиња, конференции, но сите знаеме дека состојбата на теренот е сосема поинаква.

Најстрашно е што токму жените се тие кои со неодобрување гледаат на мајката која дои јавно! Игнорирајте ги малициозните погледи имајќи во предвид дека основната животна потреба на вашето дете е на прво место.

Но, ако ви е толку непријатно, носете со себе широка шамија за да го покриете бебето и вашата дојка или замолете го персоналот (кога сте во некој локал) да ви покаже некоја приватна просторија каде што ќе можете на раат да го нахраните детето.

Што да ви кажам!?

Нашиов човек ќе наведне поглед и немарно ќе помине покрај насилник кој малтретира некој послаб на улица, со леснотија ќе го прескокне онесвестениот на сред парк, но со директна потсмешливост ќе се заѕвери во бебе кое цица. Како тој да пораснал на дудинка?! Жално…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us