Сутерен.мк

(Не)раскинлива врска

Со дечкото со кој се забавувам неколку години веќе ми е здодевно, а мислам и дека не го сакам. Сакам да му раскинам, ама не знам како? Се навикнав на него, се двоумам постојано дали треба да го оставам или не!?
Виолета Ост.
Виолета Ост. дарлинг, прекинувањето на врска е тешка работа, сеедно кој е иницијаторот. Ама, кога веќе сте се нашле во таква ситуација нема белким самите себе да се убиете во поим, нели!? Барањето оправдани причини во вакви случаи, обично е обид да се пробие ѕидот со главата при постоечка врата. Да ја скратиме процедурата. Раскинете му на момчето, отворено разговарајќи, без заобиколувања и „завиткани“ реченици. Потоа, немојте да ги правите следните работи:

  • Ќе има моменти кога на бившиот многу ќе мислите, но тоа не е причина да му се јавите, зашто вие веќе и немате за што да разговарате.
  • Никако немојте секоја промена на расположението да ја објавувате на Фејсбук! Впрочем, веќе и научно се докажува дека оваа социјална мрежа направи повеќе штета од корист…
  • Што може да биде полошо од тоа да сте сами? Да бидете сами и да имате одвратна фризура. Никако не одете на фризер после раскинување на љубовна, па и каква и да е врска! Во оваа фиока спаѓа и тетовирањето…
  • Не се впуштајте во нови романтични односи! После секој емотивен потрес треба да се даде време на самиот себе за да „легнат“ работите. Нужен е одмор од чувствата, какви и да се тие. Осамете се и правете работи што ве релаксираат, а сте заборавиле дека има такви.
  • Обидите со бившиот да се остане пријател се бесмислени! Ова не значи дека него треба да го избегнувате и да не го поздравувате, ама не се обложувајте на другарство со него. Дури и да има такви случаи, тоа се инциденти.
    П.С.
  • Имав еден комшија кој не можеше да ја смисли сопругата (а навидум, делуваа како складен брачен пар), но никогаш не се реши да ја напушти смислувајќи разни изговори како „навикнат е на неа“, „што ќе прави сам“, па „кај/кога ќе бара нов живот“… Доживеа, нека му се алал, над 90 години и напиша „тестамент“ – желба му беше да биде погребан на различно место од жената со која провел шест децении живот. Луѓето драга моја, имаат различни перцепции за освојувањето на слободата…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us