Сутерен.мк

Ѕвездан Георгиевски: Вештачкиот бог интернет

Кога зборуваме за интернет, зборуваме за Бог. Оваа еретична мисла произлегува не само од (пре)честата употреба на глобалната мрежа или од преголемата фасцинација на технолошко-комуникацискиот напредок, туку од сознанието дека интернетот не е само алатка што ни го толкува светот (иако е тука најупотреблив), ниту она што најмногу ни помага во комуникацијата (иако е тука најпопуларен), туку тој и најбуквално – го менува светот. И не еволутивно, како што обично го сфаќаме напредокот на технологијата, туку, најбуквално, револуционерно. И тоа без волја, или барем без некоја особена волја на неговите творци, а уште помалку на неговите корисници.

Постои еден, за чудо, ретко познат настан, кој можеби најдобро ќе ја илустрира горенаведената теза. Станува збор за далечната 1983 година. Извесно момче, студент по компјутеристика во Карнеги Мелоун (САД), сакало многу да пие „д-р пепер лајт“ (американски освежителен пијалок). Автоматот со освежителни пијалоци се наоѓал на два или три ката над него и тој редовно одел таму да си ја земе својата лименка, но бидејќи често се случувало да снема токму „д-р пепер“, момчето често се враќало со празни раце. И на крајот се сетил дека во автоматот има чип. Нормално, тој имал компјутер, а студентскиот дом имал сопствена компјутерска мрежа, па студентот се сетил да го вмрежи и автоматот во нивната мрежа. На тој начин можел во секое време да ги провери резервите на пијалоците во автоматот и да не оди бадијала неколку катови.

Арно ама, конкретната универзитетска мрежа била дел од интернетот и на тој начин секој интернетски корисник во светот во секое време можел да ја види состојбата на автоматот. Признавам дека оваа информација и не е од некоја животна важност, но, сепак, ќе се испостави дека е фасцинантна во поглед на независната моќ на медиумот. Имено, чипот не само што давал информации за тоа дали има или нема „д-р пепер“, туку ги давал и сите други податоци. На пример: „има седум ’кока-коли’, три ’диет-коли’, четири ’швепса’, се чуваат на таа и таа температура, автоматот е дополнет со резерви тогаш и тогаш…“. Меѓу сите овие информации има една навистина неверојатна. Некој во автоматот уфрлил 50 центи, меѓутоа не го притиснал копчето. Чипот ја дал и таа информација!

Во тој момент, некој, на околу пет илјади километри подалеку, преку својата интернет-конекција, бил случајно „логиран“ во автоматот, го притиснал копчето, и без, во суштина да знае, предизвикал – вистински потрес. Некаде, далеку од него, извесен автомат направил „банг“ и исфрлил – лименка „кока-кола“. Токму во моментот кога крај автоматот поминувал некој студент.

Сега, ова е сосема луда и блесава приказна, но истовремено е и фасцинантна. Таа, имено, покажува дека некои наши реакции можат да го менуваат опкружувањето на илјадници километри далеку, односно, што би се рекло, на „другиот крај на светот“. Секако, принципот на „црвеното копче“, со чие притискање наводно се активира атомска бомба која ќе експлодира на другиот крај од планетата, е познат уште од почетоците на „ладната војна“. Во меѓувреме бевме сведоци на цели војни што се водат со „далечински управувач“, меѓутоа испалувањето на лименката „кока-кола“ е првиот „куршум“ што го исалува еден од оние таканаречени обични луѓе, човек кој, по дефиниција, не поседува моќ за геостратешки промени. Како е тоа можно? Ако се обидете на ова прашање да дадете одговор по некои важечки норми на логичното размислување од пред-интернетските времиња, тогаш секако ќе кажете дека станува збор за магија, или во најмала рака со божја помош.

Да кажеме вака: на пример, во Куманово се случува некаков криминален чин. Идентификуваниот криминалец, истиот ден кога е сторено злосторството, е виден во Цирих. Извесен инспектор од XIX век ќе заклучи дека се работи за шејтанска работа, додека извесен инспектор од XX век ќе го провери редот на летање од скопскиот аеродром. Инспекторот на XXI век ќе мора да ги провери и интернетските конекции.

Во ред, криминалот е нус-продукт на секоја новина, но она што е најважно во оваа приказна е –демократичноста! Ако некој љубопитник во 1983 година случајно го активирал автоматот, сега тоа може да го направи со – намера. Сакам да кажам дека новата доба ни овозможува да одреагираме на некоја реакција што се случува било каде во светот. И да ја менуваме тамошната реалност. Ваквото сознание целосно ја менува сликата за постоечкиот свет. Повеќе не важи: „Делувај локално, размислувај глобално“, туку токму обратното „Делувај глобално, размислувај локално“, бидејќи како што ние можеме да одреагираме на состојба што се случува илјадници километри подалеку од нас, така некој може да одреагира од таа далечина за да ја менува нашата стварност.

Можеби е банално да се споменува дека Џулијан Асанж го промени светот (и тоа во политичко-економска смисла) без да мрдне од својот компјутер, но во целата оваа приказна тоа е најголемата придобивка. Моќта веќе не е отуѓена! Конечно, не е случајно што најголемата светска сила впрегна огромни напори токму да го елиминира Асанж и да прати порака дека моќта треба системски да остане таму каде што е. Проблемот е што тоа повеќе, едноставно, не е можно.

Давањето на божествени својства на интернетот не е претеризам. Конечно, човекот ја има таа навика да создава вештачки ентитети, кои, едноставно, ќе се отуѓат од неговиот творец. Сетете се само на – парите! Тие не се ништо друго (и не служат за ништо друго) освен медиум, посредник при размена. А го менуваат светот.

Иако своевремено бев мошне заинтересиран за делото на Маршал Маклуан, сепак не сум сигурен дека мислел токму на ова, кога ја рекол онаа славна реченица дека светот е глобално село. Би рекол – не! Селото подразбира кмет, а интернетот подразбира колективно господарење.

Затоа, следниот пат кога ќе се логирате, помислете на ова. Можеби некој некаде ќе добие „кока-кола“ од вас!

(Авторот е новинар. Фото: Владимир Плавевски)

One thought on “Ѕвездан Георгиевски: Вештачкиот бог интернет

  1. Me voodushevuvate so izborot, vestite i licnostite sto gi tretirate ili vi pomagaat, seedno. Bitno e da se chita il da se pishuva.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *