Сутерен.мк

Петар Арсовски: Двојниот живот на Бугер

И пред и по историското „Земи цевку и работи“ со „седмата сила“ си немаше многу „оди ми, дојди ми“. Сепак, и најтврдокорните еднаш ги признаваат своите гревови од младоста и зрелото доба…

Земи цевку и работи“, рече и влезе во историјата! Рече уште многу нешта во славната „Среќна Нова ’49“, (оти Бугер си беше зборлест мангуп од маало), само што со „седмата сила“ си немаше многу „нати го, дај ми го“. Причините – двонасочни. Тоа време (1975 – 1985 година) и пред да се „роди“ Бугер, беше негово време: де во овој филм, де во оној, де на телевизија… само онаму каде што и падна првпат легендарното „земи цевку…“ – го немаше. На сцената на Македонскиот народен театар. Ни малку гневен, ниту со некакво жалење, раскажува:

  • Од тогашното раководство добив отказ. Требаше да заминам, како пример за другите. Во името на редот и дисциплината, кои ни пред тоа, ни тогаш, ни потоа, во МНТ ги немаше. Таа жртва, во името на нешто што не постоеше, ја сметав за непотребна. Својата битка ја извојував до крај. Отказот не беше реализиран, бидејќи не беше доволно аргументиран, но цената беше – исклучување од претставите. Ми направија услуга со тоа. Преку филмот излегов од анонимност. Онаа потреба на младиот актер – да се докаже, да го знаат, ја задоволив. Дел од вината веројатно носам и јас. Како и да е… Одамна беше.

Тогаш се појавува Слободан Унковски. И „Среќна Нова ’49“ во МНТ, се разбира. Со нив и Бугер. А со Бугер работите се враќаат на своето вистинско место. Само тој пак не е нешто „главна фора“, туку повеќе втор, трет… „Опериран“ од онаа суета што би била неизбежна кај секој во кожата на еден Бугер, вели:

  • Епизодата е за сладокусци! Без добра епизода нема ни добра главна. Освен тоа, епизодата како еден екстракт, може да биде многу поблагодарна од главната. Во секој случај, и кога бев помлад не бев оптоварен со тоа – што играм. Сеедно, јас глумата ја гледам како своја случајна професија. Сум можел да бидам и столар, трговец, архитект… Важен е односот што го имаш кон професијата што си ја одбрал, луѓето со кои работиш, семејството што го создаваш и имаш…

Денеска е „ин“ да се биде привилегиран, толериран, елитен… Само не и за Бугер. Тој е од оној добар, стар, реален ков…

  • Тоа што ќе ме пуштат преку ред на некој шалтер, или што ќе ми го дадат најдоброто парче месо во месарница, за мене не е привилегија. Искрено, мене ми е страшно непријатно кога тоа ми се случува. Сакам се да функционира како што треба и секој да си дојде на редот кој му следува. Привилегија ли е што младите кои се во театаров (како и секаде, впрочем) се оптоварени со безброј банални проблеми!? Што она што е нужно и основно, како стан, облека, па и храна, не можат да си го обезбедат од работата што ја работат? Привилегија ли е што денес на човека му е страв да се ожени, да создаде семејство, зашто неизвесна му е иднината? Кога секој она што го работи – го работи добро и за тоа биде соодветно награден, тогаш е привилегиран и елитен.

Во меѓувреме дојдоа токму тие, „новите клинци“. Нему не му пречат. Напротив. Знае да се „носи“ со нив. Поседува љубов и разбирање зa младите и за се што младоста носи. А сепак, си ги почитува своите години.

  • Во МНТ има потенцијал каков што одамна немало. Драмата ја чекаат светли моменти, благодарение на оваа генерација која дојде, која е носител на репертоарот и на која треба да и соодветствува тој репертор. Особено ми е мило што бев во таа комисија кога последен пат вработувавме дел од младите кадри. Примивме луѓе и надвор од квотата што ни беше доделена од Министерството за култура. Останатите се обидуваме на секој начин да ги задржиме и ќе бидат примени во првата пригода. Не треба овие различни, а сепак, хомогени млади луѓе, да чекаат со години да добијат некакво си решение, што тогаш нема ништо да значи, освен изгубен ентузијазам и верба. Не можеме да си дозволиме од млади, талентирани луѓе да направиме млади (и само) уморни луѓе. Не сум со нив намерно, за да бидам во некоја „жижа“. Никогаш не сум бил „скроен“ да бидам во центарот на вниманието. Со нив сум по чувство! Сакам да им помогнам колку што можам. Не со совет – советот за младите, како теорија, не значи ништо, туку да им помогнам да останат. Во оние кризни моменти (демотивирани од малите плати, од разни сопки – што од луѓе, што од ситуации, од отсуство на разбирање) да не го напуштат „бојното поле“. Освен тоа, нивното присуство, работата со нив, ми влева надеж и ме радува. Не се изедначувам со нив, јас сум покрај нив. Не сум уморен, но сум стар. Во оваа моја животна доба треба да се расчисти со тоа дека од некои работи човек мора да се откаже. Жива несреќа е, ако грчевито се бориш против годините, а природата веќе те сместува некаде. Се доведуваш во ситуација да не го живееш животот, овој сега, туку оној од вчера, од друго време и место. Се пропуштаат благодетите што ова време уште како ги има.

Иако не жали за ништо во животот, за ниедна пропуштена шанса (особено сценска), сепак би сакал да одигра улога што има многу текст, да го помине тој текст и на сцената да го каже сето тоа – без ниту еден збор. Знае дека се е неизвесно и релативно, ама баш би го сменил оклопот на Бугер со оној на Дон Кихот. На сцената – против ветерниците, а во секојдневието контра…

  • Се борам со оние луѓе кои пепелниците од своите автомобили ги тресат на улица, кои не се грижат за човекот до нив и во нив, кои прават списоци на сомнителни лица, кои постојано чекаат во заседа… Не сум страшливец, влегувам во судир. Поради тоа губам пријатели, губам луѓе. Не ретко пак и ги пропуштам ситуациите кога сум можел да пуштам некоја стрела. Ако нешто ме лути, кај себе и кај другите, тоа се тие „неистрелани стрели“. Бидејќи, ако не се трефне моментот, тие не се ниту толку остри, ниту толку длабоко забодени.

Надвор од светлината на сцената, дистанциран и од „Бугеровиот свет“ и од оној другиот. Ароганција или едноставно…

  • Се работи за еден вид заштита. Човек не може да издржи се. Некогаш сум расположен за шеги (особено невкусни), за контакти со луѓе со кои сум на иста бранова должина. Сакам да седам со луѓе со кои ми е пријатно, со кои ќе можам да кажам и некоја глупост, а да не биде земена како нешто што ќе се памети, како оружје што ќе биде некогаш употребено против мене. Имам мали оградичиња, кои ми го чуваат акумулаторот за битните нешта и луѓе. Не е тоа страв, но така полесно се живее. Подалеку од нештата што можат да ви влезат во дворот и да ви го изгазат тревникот. Во моите години тоа е повеќе од потребно.

Разговоров е воден во присуство на филмскиот („Најдолгиот пат„, „Пресуда“, „Нели ти реков“, „Време, води“, „Црвениот коњ“, „Тетовирање“, „Јужна патека“) и тетарски („Бунт во домот за старци“, „Јануари“, „Злосторство и казна“, „Лажга и паралажга“…) актер – Петар Арсовски, кој беше љубезен и стрплив да го издржи до крај. А Бугер? Бугер, во негов манир, на крајот само рече: „Шта ќеш!? Живот пише романе!“ И замина во магливиот ноемвриски ден.

Бранка Н. Доневска
„Екран“, 1996 година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *