Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: Анимирани ли ти се веѓите?

Убавина е апстрактна именка од женски род, за која не постои доволно прецизна дефиниција. Таа живее во окото на тој што гледа, а сите очи, како што е познато, гледаат со различна диоптрија и поинаку поставен фокус.

Достоевски рекол дека „убавината ќе го спаси светот“, Кант додал дека таа е „она што ни се бендисува, без да имаме интерес“, а Волтер по обичај филозофирал, па запишал дека „идеалната убавина за жабецот е жабата“!

Јас тука немам што да додадам освен, дека не е убаво тоа што е убаво, туку она што ни се свиѓа. Плус, да не заборавам, лепотата е непогрешлив критериум што одредува која секретарка ќе биде примена на работа!

Постојат природна, вештачка и внатрешна лепота. Природната е кога убав ќе се родиш и чао, неам ситно. Втората е, кога од „убав(а) на мајка“ ќе се напраиш убав(а) на сите. Ова, на радост на пластичарските хирурзи бара многу труд, време и вештина.

Ако порано поголемиот дел од лепотаните барале да им се поткастрат ушите или носот, денес оваа дејност бележи плејада нови и иновативни интервенции. Само носиш слика со желби, и оп се кројат образи, муцки, бради, се додаваат коса, нокти, цицки на кои не им делува земјината гравитација и најголемиот хит на денешницата-газови колку два листа поранешна „Нова Македонија“.

Ја молам читателската публика да се изјасни зошто клекнатиот газ што изгледа дека во секој момент ќе изврши нужда, (како на пример оној на Ким К.), се смета за врв на современата естетика?!

Вештачката лепота секојдневно се протежира и со помалку инвазивини методи од гореспоменатите. Осмелете се и влезете во некој салон за убавина, козметичко студио, или шминкерница, и ќе бидете како Стојанка од Драгоманце у свемирски брод. Трпи бабо за убајна!

Не се вика цртан, туку анимиран филм!
Аааааа, о.к.: Анимирани ли ти се веѓите?

Ова само како увод за грандиозното значење на гајтан – веѓите во новата помодарско – козметичка револуција. Луѓе мои, веѓите станаа најважниот дел од лицето, опсесија, зависност и мерило по кое се вага поимот – убавина!

Ако порано требаше да искубеш неколку влакна и готово, денес треба да ги исчупаш сите, влакненце по влакненце, без око да ти трепне. Шминкерајството стана толку многу напорно и опасно, што се изедначува со градежната дејност, не само затоа што се користат слични материјали за фасадирање, туку ви треба и еден камион различни неимарски машинки, алатки и бои!

Значи, врз циглите мачкаш врска, па лепиш изолација од неколку сантима, па пак врска, па ставаш лепак, плескаш убаво да влезе во сите процепи, па нанесуваш водоотпорен намаз, после тураш прајмер, па саканата нијанса, убаво мазниш со мистрија и… и тоа не е се! Хајлајтерот каде е? Ееееее, дури кога ќе светнеш, тогаш канвасот е спремен за сликање, што значи шминкањето допрва следи.

Да ви кажам право, мене овие модерни техники на градење, опасно ми мирисаат на дивоградба! Ако, важно е да се гради.

За внатрешната лепота, нема што многу да се каже. Освен да се спомне дека нагалено ја викаат и утешителна!

Кога темата за опсервација е овој толку посакуван поим, мора да се кажат неколку несоборливи факти за да не настане забуна. Значи:

  • Само убавината прави пазар. Дека најважно е да си убав, знаел и Петре Андреевски, кој фино лепо забележал дека дури ни маската не кажува дека магарето и е татко, туку дека коњот и е вујко!
  • Убавината е релативна категорија. Тоа што било поим за лепота во минатото, денес не се важи. Тоа што се смета за совршено сега, нема да биде и утре! То ест, на сите ќе им дојде редот, само треба да се чека доволно долго. Бонус – плус, на овој факт е и тоа што лепотанството зависи и од вештината на ракувањето со – фотошоп!
  • Лепотата е пролазна. Депресивец и мрчатор како Буковски, во контекст на ова запишал дека „убавината и убавите мисли не траат долго“, и не згрешил, а богами и Јашар Ахмедовски знаел што пее кога му ја викнал :„Шта чеш драга, кад лепота проџе“!?

Догледање и нека е за арно, за убаво!

(Авторката е новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот сутерен.мк.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us