Стои нашинец пред статуата на Галилео Галилеј во Фиренца и му вика: “ееее, Шекспире, Шекспире, алал да ти е бе брат, како ја испеа онаа твојана ’..на, на, на, нааааааа, на, на, на, наааааа….’“
Верувате ли дека беше токму вака случкава? Баш ми е гајле, ако не ми верувате, исто како што пред некое време не му беше гајле и на еден наш познат градоначалник за барањата на УНЕСКО, па продолжи лежерно да си потпишува дозволи за градежни активности околу струшкото крајбрежје.
Веднаш по него истата реченица ја изусти и владиката Тимотеј, прашан за реакциите околу литијата која го прослави овој великодостоинственик и во регионални рамки. Разликата од моето „баш ми е гајле“, до „баш ми е гајле“ изустено од гореспоменатите господа, е едно големо колку бандера – Не ми се верува!
Во оваа неверојатна категорија „верување со неверица“ спаѓаат оние вести, факти, појави и доживувања, кои се косат со здравиот разум и секаква логика, арно ама се вистинити!
Генијалната рубрика на некогаш омиленото тинејџерско четиво „Политикин забавник“ насловена како „Верувале или не“ излегува веќе 81 година и никој на светот досега не ја демантирал, или не дај боже ја оспорил нејзината вистинитост! На овдешниве простори има толку многу материјал на оваа тема, што колегите од Забавник не треба да се грижат за што ќе пишуваат, ниту во наредните сто години.
Дали ви бил познат фактот дека човековите очи призведувааат околу половина литро солзи дневно, дури и кога не се плаче? Којзнае колку произведов јас пред некој ден, кога слушнав дека Лекарската комора ги искарала своите колеги лекари, кои не веруваат во коронавирусот и кои си играле на свадба, на која што се заразиле од болеста во која не веруваат!?
Плус една ѓоамити докторка, трудница, дошла да се пораѓа на Клиника, без да каже дека живее со болен од Коронавирус, па се изналутила што ја преместувале, па отишла во Редемика, па и таму ни зуц не рекла. Па, после од таму завршила директ на Инфективна. Како ќе биде понатака ќе гледате во следната епизода на „Жолтко и Лутко“.
Многу солзи исплакав, право да ви кажам и во моментот кога го слушнав прашањето на новинарка упатено до д-р Караџовски кое гласеше вака: „како велите дека се излекувани 1600 лица до сега, кога сите знаеме дека лек за ковид не постои!? Цввврцццццц, да те видам сега бекни Караџовски!
Науката докажала дека комарците имаат точно 47 заби, а јазикот на камелеонот е два пати подолг од неговото тело. Е добро де, чудо големо! Јазикот односно зборот, на најпознатиот младоженец во земјава –реис Сулејман, ако баш сакате да знаете, има моќ да убива корони. Можете вие да не верувате колку што сакате, ама и од авионите што ги нема, јасно се гледа дека ги дотепа сите до една. Треба само да ги погледнете последните ковид – статистики за да се уверите и во невозможното.
Во биографијата на Исак Њутн е запишано дека брилијантниот физичар го напуштил школувањето уште како тинејџер, за да работи на фарма. Докажал човекот дека знаењето е сила, знаењето е моќ, дури и ако работиш како маникирка.
Имено, „Цаци нокти ефтино“ која уште на почетокот од кризата рече дека вирус нема, сто нула ги победи сите приучени експерти од СЗО, кои секој ден си го повлекуваат стручното мислење што го дале вчера. Наша Цаци еднаш рече – и не порече! Доследност за сите пари!
Може нема да ви се верува ама постои запис дека за време на Првата светска војна, руските и германските сили заеднички се здружиле за да се одбранат од волци. Арно ама, жива вистина е и следново: полициските сили од една иста држава т.е., нашата, заеднички се обединуваат за да делуваат различно!Јасно ви е ова? Ни мене. Ај, да појасниме.
Мицковски со другарчиња влегува у кафана. Не ги пуштаат инспекторите внатре, затоа што конобарите заборавиле да му кажат дека не смее баш да седи, каде што седнал. Мицко му се јавува на Чулев, нагалено викан – Отсјај, да прати полиција. Нареџење – извршење! Во меѓувреме за оваа неверојатна противтерористичка акција разбираат и специјалците од ЕБРД и прават опсада на лице – местото. И едните и другите ги бараат снимките од сигурносните камери и едните и другите за различни цели. По долга и напорна стручно – техничка операција, снимките ги наоѓаат ЕБРД – овци скриени во буре! Чича мича готова прича! Ееееее, па не е баш готова, има уште една.
Полицајци од Кратово си прават игранка во село Куклица. Ама, пошто кај нас на еден војвода и на еден сердар, има и по еден кодош, третиов ги издава во полиција дека нарушуваат јавен ред и мир и им доаѓаат колегиве од ноќната смена, за да ги апсат. И тука журката се распламтува како љубов на прв поглед, па повторно мора да интервенира специјалната единица за брзи интервенции, која со брзина на светлината – што им е во описот и пописот на работните задачи – ја расипуваат забавата. Дека нашите органи на редот се прилично успешни расипувачи на забави, се докажа и со случката во Капиштец, која не мора подробно да ви ја раскажувам!
На крај дозволете да изнесам уште неколку факти. Дали ви е познато дека гуската е првата припитомена птица од страна на човекот, а следствено на тоа и најинтелигентна од сета домашна живина?
Понатаму, ви се верува ли дека иако спротивно на востановеното мислење, магарињата спаѓаат во најпаметните копитари? Тие на пример, со влакната од брадата проверуваат дали на жичаната ограда има струја и никогаш не згазнуваат на лизгав терен пред својот господар. И на крај, познато ли ви е дека тиквата е една од најхранливите растенија и дека може да да се одгледува на целата територија на планетата Земја?
Затоа во иднина, добро размислете кога ќе сакате да навредите некоја министерка нарекувајќи ја гуска, кога на некој премиер ќе му залепите етикета- тиква зелена, или кога некој опозиционер ќе го поистоветите со магаре!
(Авторката е новинар во ezp.com.mk. Фото: Андреј Гиновски)