Утре до Апелација ќе биде поднесена жалба за притворот на таткото на 14 годишната Вања Ѓорчевска, вели адвокатот на Александар Ѓорчевски, Владимир Туфегџиќ.
Освен жалба за притворот одбарната на таткото на Вања ќе бара и ОЈО да му објасни, зошто неговиот клиент се уште не е повикан на распит. Туфегџиќ е дециден дека од обвинителот ќе бара и инфорамции како снимките на кои тврди е гласот на Ѓорчевски, стигнале во рацете на контроверзниот српски политичар Срѓан Ного.
– Како бранител до овој момент бев доволно трпелив и имав разборање. Неколку пати го контактирав Јавниот обвинител меѓутоа до овој момент не добив одговор, ниту покана мојот клиент да даде исказ и да бидеме повикани во просториите на ОЈО да се запознаеме со доказите поради кои има основано сомнение за негова инволвираност. Јас сум лично изненаден од објавувањето на тие материјали. Истражните органи ќе треба да дадат одговор како и на кој начин се креирани материјалите и како дошле до лицето кое ги објавува. Во оваа прилика, јас можам да потврдам автентичност на оној аудио запис каде што се слуша гласот на таткото, а надлежните истражни органи ќе треба да дадат одговор кој го креирал овој аудио материјал и како овој материјал е дојден до лицето кое ги објавува – вели Туфегџиќ.
Од Обвинителството за тв 24 велат дека Ѓорчевски веќе дал исказ. И по нешто повеќе од еден месец од убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за вештачењата на материјалните докази, за исказот на Ѓорчевски и што ќе се преземе во врска со објавените материјали на српскиот јутјуб канал, велат дека во тек се истражни дејствија.
– Истражната постапка е во тек. Јавниот обвинител ги спроведува истражните дејствија онака како што налагаат доказите и потребите на постапката. Лицето за кое покажувате интерес даде свој исказ уште на почетокот на постапката. За разлика од останатите осомничени, тој ја негираше неговата инволвираност и какви било сознанија за настанот. Што се однесува до објавените снимки, јавното обвинителство веќе апелираше лицата кои објавуваат вакви снимки да размислат за етичноста на објавите и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите – велат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Како снимки од случајот за убиството на Ѓорчевска и Жежовски, завршија кај српскиот политичар Срѓан Ного? Тој објавува фотографии и аудио и видео записи на неговите социјални мрежи од овој случај. 74 годишниот Панче и 14 годишната Вања беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември, а беа пронајдени мртви во близина на Велес и на Скопје на 3 декември. Еден месец по свирепите убиства, течат вторите 30 дена притвор за Александар Ѓорчевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, како и за Стефан Димковски возачот на Љупчо Палевски Палчо, кого Обвинителството го сомничи дека е планер, организатор и реализатор на грабнувањето и убиствата. Палевски се уште е во затвор во Баликесир, Турција и за него се чека екстрадиција, за која се уште не се знае кога ќе се случи.