Сутерен.мк

Оправдувања што никому не ги должите!

Еден од најважните предуслови за мирен живот е да се биде сигурен во своите избори и постапки. Психолозите велат дека во оној момент кога ќе сфатите дека не мора никому ништо да објаснувате и да се извинувате за своите одлуки, ќе ја превземете контролата врз својот живот и нема да дозволите нечие мислење да влијае врз вашето егзистирање.

Изборите што ги носиме, не дефинираат кои сме и какви сме и затоа треба да се поседува доза на самоувереност (не, арогација) кога станува збор за нив, затоа што не засегаат само нас и нашиот живот…

Што ќе рече, никому не должите објасување за:

  • На што трошите

Луѓето знаат да бидат страшно љубопитни за туѓите финансии – тоа се роднини, пријатели, но и ликови кои за прв пат ги гледате во животот! Некои забелешки им се сосема бенигни, но некои се преполни со осудување.

Сеедно дали станува збор за скап мобилен или стотиот пар чевли, се додека вие ги заработувате парите имате право да ги трошите на што сакате!

  • Вашата кариера

Понекогаш ние ја бираме својата кариера, но почесто, таа не бира нас. Како и да е, секогаш ќе ги има оние кои „најдобро знаат што е најдоброто за нас“! Што е посигурно, подобро платено, поугледно.

Имајте на ум дека ваквите критизери се обично луѓе кои никогаш не згазнале на „трула штица“! Се им било испланирано, сервирано, олеснето… Нивно било само да ги спроведат „задолженијата“! И, никогаш не ја сфатиле цената за таквиот комформизам. Или, не сакале да си ја признаат.

  • Потребата за самотија

На сите ни доаѓаат моменти кога ни е потребен мир, за да си ги собереме мислите и да уживаме во тишината на друштвото со себеси. Обично, ако не живеете сами, има луѓе кои таа потреба за изолација не можат да ја сфатат.

Ќе се обидат да ве забавуваат, да ве „ангажираат“, да ви наоѓаат „лекови“… Мислат дека нешто не е во ред со вас. Всушност, нешто не е во ред со нив. Тоа се обично личности кои никогаш не живееле, а и се плашат да живеат сами! Од татковата куќа, право во онаа на мажот/жената, па во гроб.

Уживајте во своето немање волја за интеракција, кажете го тоа јасно и гласно (и на најблиските), немојте да чувствувате грижа на совест заради тоа, ниту пак, потреба од извинување, објаснување…

  • Да кажете не

Не заборавајте дека повеќето мислат прво на себеси, а потоа на другите! Не дека не ви мислат добро, но приоритет им е да планираат како им е ним најлесно! (Повеќето, не сите.)

Затоа, кога ќе ви дадат совет, колку и да ви се блиски, прашајте уште некого. И, доколку не ви се допаѓа нивниот предлог, кажете не! Не треба да прифаќате ништо, што ви ја нарушува рамнотежата, ритамот, расположението… Ако ве почитуваат и сакаат, ќе разберат.

Едно не вреди повеќе од стотици да!

  • Своите сништа

Нашите соништа честопати на другите им се смешни, патетични, детинести, глупави… Некои ќе мислат и дека се преценувате. Никому (особено не, на вгнездените во сигурни јасли) не морате да ги објаснувате вашите планови! Па, ни на најблиските!

Најважно е да имате соништа (малкумина можат со тоа да се пофалат), да верувате во нив и да правите се за тие да се претворат во реалност! Соништата за тоа и служат.

  • Приватниот живот

Начинот на кој живеете не е ничија грижа, а уште помалку нечија одговорност. Секоја возрасна, полнолетна личност има целосно право да одлучува за себе и да живее онака, како што и одговара.

Вашиот живот не го живее никој друг, освен вие самите, а времето одминува пребрзо така што, не ви требаат никакви компромиси заради другите, а уште помалку да трошите време на објаснување и барање на одобрувања.

Кој сака, ќе ве разбере и без објаснување. Кој не сака, нема да ве разбере никогаш.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *