Сутерен.мк

Отец Пимен: Обиди се, вреди!

Ако се запрашаш, а ќе се запрашаш кога тогаш, треба ли човек да е добар со сите, ти знај дека треба да се обидеш човечки да бидеш добар со сите. И обиди се секому да помогнеш. Во помошта не се гледа на вера, нација, а уште помалку партија. Многу пати ќе се изгориш и пак сам ќе се запрашаш, та треба ли да продолжам. Не се обесхрабрувај!

Та нели ближните ни се аманет од Бога да ги љубиме како себеси што се љубиме и си угодуваме? Како Христијани дури и чекор понапред треба да сме, па да го љубиме и да се молиме и за непријателот наш. Да, токму за оној кој упорно те мрази и патот со сопки ти го постила, па некогаш дури и гробот ти го копа.

Е да, често ќе се измачи човек со години трудејќи се. Бидејќи простата математика ќе ти покаже низ животот дека и сто добра некому ако си му направил радувајќи се, на стоипрвото кога ќе се обидеш и не ќе успееш, ближниот приколка дрва и камења ќе истури врз тебе за да те затрупа, да те снема и да нема кому веќе да каже едно фала за тоа што тој стигнал до таму каде што е. Разбирливо, поубаво му чешка уво неговата прикаска дека ете, тој сам со своите две раце се направил, дака никому ништо не должи. Да е жив и здрав.

А ти, ако веруваш во Бога, нема од камењата да се сопне ногата твоја, како што кажал пророкот во псалмите, и нема да се предадеш прифаќајќи дека ете тука ти е крајот на патот.

Не застанувај, наведни се и собери го каменот и дрвата. Со толку камен и ограда и мост се прави. А од тебе зависи што ќе направиш. Ама гледај да е мост, да не е ограда. Оградата ќе те заштити, но само преку мостот ќе го продолжиш патот. Може по него ќе помине оној што те затрупал со тие камења и пак ќе те затрупа, ама па може некој и до Бога да стигне преку него заедно со тебе. Преку оградата нема да ти се приближи, ниту оној што ти го дал не сакајќи материјалот, но ниту некој друг што можеби навистина има потреба и ќе знае да заблагодари за твојата помош и добрина. Не дај Боже, можеш и сам и изолиран да останеш, а сам човек за никаде не е.

Друг пат правејќи добрини некој ќе ти признае дека си добар, дека си благ, човекољубив и богољубив.

Најчесто до пет – шест пати ќе те сметаат за добар, а потоа почнуваат оние на кои им помагаш да те третираат како наивен, глупав, па дури и будала.

Е да, ќе те боли и тоа до солзи. Но, никако не се откажувај од намерата пак да му помогнеш, да бидеш тука кога навистина ќе му затреба помош.

И ова човеку имај го на ум, колку ти е поблизок оној преку кој растеш во правењето добрини, кога ќе се заврти против тебе не ценејќи ништо што си направил за него, толку ќе е поголема раната што ти ја прави. Ќе боли, но ќе помине. Има нешто добро и во тоа. Раната од лузната ќе те потсетува секогаш кога ќе ја видиш да се помолиш за него, та белким, по твоите молитви ќе се поправи и друг нема да повреди со неблагодарноста негова.

Од оној што те плука и те клевети јавно, а нит го знаеш нит го познаваш, може ќе ти затрепери душата што од болка, што од нервоза. Заблагодари се и заврти се. Пробај, ако сакаш и да се објасниш, но непотребно ќе се истрошиш.

Нека ти биде за утеха дека луѓето не го разбрале нит Христа и како на совршен Човек и совршен Бог Му нашле маана поточно, Му измислиле, и го распнале. И, ако него Совршиниот без мана го осудиле и распнале, размисли дека можеби од твоите маани и несовршенството твое извира гневот и омразата на ближниот кон тебе. И, ако него без маана го предале ете, нема ни тебе да те чешлаат.

Ближниот, можеби некогаш ќе сфати, а можеби и никогаш, дека има и поинакви размислувања од неговото и дека треба да го почитува колку и да е различно. Белким ќе разбере дека има право да ти го мрази мислењето и да се противи, но нема право да те мрази како личност поради твоето мислење. Ако ти истраеш во подвигот на чинење добро, а тој сфати и се поправи, според ветувањето од Бога вечно ќе го гледаш покрај тебе.

Ти гледај да истраеш, а за него моли се и надевај се. Надежта последна умира.

Имај на ум, дека спротивното мислење станува најголем камен на сопнување денес. Не змолчувај, ако имаш што да кажеш.

Но, знај дека тогаш ќе те сретнат и луѓе кои в црква последен пат биле на својата крштевка или и некрстени останале и ќе си земат за право да ја чуваат црквата дури и од тебе, кој животот си го дал токму за таа црква и ќе те убедуваат дека подобро знаат од тебе што треба и како треба да се направи, а не се потрудиле никогаш, ниту Оче наш да го научат. Но, знаат да бројат до 33-34 пати колку што сме биле ние Македонците спомнати во Библијата. Како тоа да е само благослов, а не и обврска.

Прифати ја и убеденоста на таквиот човек – можеби следниот пат кога ќе спори, нешто и ќе научи за Бога за да биде поуверлив пред тебе. Секое зло за добро нека биде. Не отстапувај од патот свој и не престанувај да се молиш и за него.

Гледај да измолиш и за себе сила за да можеш и навредите од оние најдрските да ги голтнеш што со бриеови и магариња ти се закануваат. Белким, ревноста за Бога, а не голиот патриотизам ги тера натаму. Не заборавај, не можеш патриот да бидеш, а братот свој да го мразиш. Не може патриот таквиот да се нарече, уште помалку човек и далеку е од тоа хистијанин да се именува. Но, поради тоа не смееш ни ти за ближен да не го сметаш и да престанеш добро да му правиш.

Има и во нив луѓе кои при прва неволја на која ќе наидат, ќе се размислат да не го разгневиле Бога со тоа што плукале и се заканувале со клетви и клевети и кај што треба и кај што не треба, па ќе дојдат и прошка и молитва ќе побараат. И од душмани во ближни се претвораат. Малку треба. Од тебе истрајност, а он нив расудливост и грам, покајание.

И ете така, во реката наречена живот, на изворот како остри камења влегуваме сите, се тркаламе и се судираме, се рониме еден со друг. При крајот на текот на оваа река што живот се вика, кога водата ќе се избистри и ќе се смири, толку мазни стануваме што за сегде сме употребливи камења. Дури и за вечността. Бидејќи за таму и сме создадени.

И кога до крај ќе прочиташ, пак запрашај се, треба ли добар со секого да бидеш, но и заклучок извлечи дека не треба да се плашиш добро да правиш и сите да ги љубиш. Така и ти стануваш подобар човек.

А Оној Кој гледа тајно, ќе те награди јавно.

(Авторот е митрополит на Европската епархија на МПЦ-ОА. Попознат, како отец Пимен. Роден, одамна во Ресен. Од ‘97 година во Водочки манастир. Живее во кола.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk.

One thought on “Отец Пимен: Обиди се, вреди!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *