Сутерен.мк

Парадирање

Како и во секој друг сегмент од животот, ако една формулација на закон функционира во некој дел од светот, не значи дека и кај нас ќе го има истиот ефект! Малку посмирено и поприземно на истото, ќе даде повеќе резултати. Затоа што, кај нас се уште бркаат двојки (женско и машко) кои се бакнуваат во ресторан затоа што ги навредуваат „сериозните, пристојни и фамилијарни гости“ или, никогаш нема да вработат во образовна установа некој тетовиран!? Па сега вие видете каде и особено, како убедувате!

Секако дека треба да има „Парада на гордоста“! На тие луѓе им е лошо и мораат да го кажат тоа. Како поинаку освен, да излезат на улица?! Како и сите останати на кои им е лошо. Секако дека не мора да се вика – парада!

Што пречи? Самото парадирање! Иритира и самиот збор, а не пак, „акциите“ и реквизитите што ги користат!? Протест ли е или искривена копија на некој карневал!? Дали е ова начин на борба или ревија преполна со вулгарно перчење и дрскост! Геј популацијата има мноштво проблеми, но ниеден нема да решат со ефтини провокации! Кон нив се однесуваат садистички, но со нивниот мазохизам нема да постигнат, ама баш ништо!

Дали ЛГБТ заедницата има навистина намера да се избори за нечии/свои права или само сака да стане бренд!? Односно, да го освои најдобриот простор и внимание! Зошто толку арогантно и агресивно бараат со закон да се гони „хомофобијата“ т.е. секој што не им е наклонет, да биде казнет поради тоа!?

Сите паради асоцираат на воени петлеења, слетови, организирани дешавки, што треба да испратат до некого закана, застрашување. Дека некој е моќен, дека му се може и дека ти, таков – никаков, си беспомошен во врска со тоа. И, затоа што како и во сите вакви, „воени“ редови постојат „борци“ на кои им е здодевно кога никој не им се спротиставува.

ЛГБТ заедницата е дел од нашиот живот, воопшто. Отсекогаш постоеле и ќе постојат. Во човечкиот и во животинскиот свет. Со тоа мора да живееме, нема сакам – нејќам. Меѓутоа, доколку сакаш некој да те прифати, треба и да му помогнеш во тоа. Мислам, ако тоа ти е навистина целта…

Затоа што, постои уште еден момент: политичките хомосексуалци. Тие заработуваат од својата сексуална ориентација – ја наплатиле преку разни организации, лобирања и парадата! Па логично, кога нема судир, за нив нема ни пари.

Има некој право да парадира? Да. Ама, има некој право и да биде против тоа парадирање, нели?!

 

Патем, преку „парадава“ од оние „домаќин(к)и“ со семејните вредности: не седете заглавени на ФБ меѓу гоблените и родендените на внуците што ги славите, па дури и на оние од комшиите! Ќе ви се подотворат очите доколку прошетате по другите социјални мрежи, па да видите децата и најблиските што ви прават и што преферираат во креветот! Има да се изначудите колку фантазија имаат! И ќе се згрозите од истата.

И престанете со она „да даде Господ децата да ви бидат гејеви, па да ви се изнаситиме“… Што има тука за ситење, за смеење, за било што! Деца се деца, ќе бидат тоа што се или тоа што сакаат да се и тоа ама ич, не е ваша работа! Исто е како да се ситите и дека некои деца (или вие) с(т)е ниски, дебели, ќелави, клемпави, срамежливи, еуфорични, необразовани, сиромашни… Ситење е ситење.

А и за „парадериве“: не ги злоупотребувајте најмладите! Мене ми е срам што не знам да им ја објаснам Питагорината теорема, а не па, зошто двајца мажи се јаваат на сред бел ден, на сред плоштад!?

И сум за истополови бракови. Што би рекол Робин Вилијамс: „Зошто бе, само хетеросексуалците да се осудени на тој пекол?!“

И кога сме веќе тука, не заборавајте дека да не беа хетеросексуалците, немаше да има ни хомосексуалци.

Бранка Д. Најдовска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *