И беше мачно кога ќе помислеше на роденденот.
Долго стоеше пред полицата со средства за мачнина во аптеката.
Мачно ви е? Имаме се што ви е потребно против сите облици на мачнини по ниска цена.
Ама го немаа тоа што нејзе и беше потребно. Нејзината мачнина беше отпорна на се. Беше тоа мултирезистентна супермачнина.
Од онаа страна на педесеттата година наѕираа само надолнини и здодевност. Бескрајни понижувања. Практични ситнурии. Нееластична кожа. Малодушност. Подготовка за смрт. Недостаток на забава, леснотија и магија. Ниту едно утро во коешто мора да се штипне за раката затоа што не може да верува дека е толку среќна.
Роденденот ја демнеше меѓу броевите на деновите, подготвен да скокне и да ја проголта.
Што имаше да слави?
Тоа што е напуштена заради нечија ѕвонлива смеа? Тоа што во животот ништо вистински не ја допре? Тоа што никогаш не доживеала голема љубов? Никогаш безусловна љубов? Не, никогаш таа безусловната. Или тоа што никогаш не најде работа што ја исполнува, како што другите очигледно најдоа?
Ништо немаше за славење. Баш ништо.
Имаше деца. Ама сите имаат деца. Тоа на почетокот беше нешто особено, но потоа, како што деновите одминуваа, се повеќе ја губеше својата посебност, за на крајот да стане нешто сосема непосебно и банално. Логистика, распоред на часови, ужинки, лутење. Ова последново го наследиле од татко им, намќорот којшто сака ѕвонлива смеа. Нејзините деца, и девојчето и момчето, загарантирано ќе бидат исти како него. Во нивното однесување веќе имаше застрашувачки знаци.
Ерленд Лу, „Пекол“