Сутерен.мк

Бранимир Јовановиќ: Аматеризмот е во владата, вината е кај пекарите

Лебот во Австрија е поскап за еден до два пати, но платите се повисоки за пет пати. Овде има „замрзнати“ цени на енергијата, на гасот, на парното и на струјата.

Австријците многу повеќе трошат на енергенси, отколку на храна и затоа цела Европска Унија донесе одлука за ограничување на цените на енергенсите и сите европски земји го почитуваат тоа. Апсолутно е неточно дека во пазарна економија не може да има контрола на цени. Напротив. Ниту една пазарна економија не може да функционира без владина интервенција и тоа го гледаме во оваа криза. Ако нема владина интервенција во поглед на контролирање на цени, ќе имате експлозија на инфлацијата.

Тоа сè уште е несфатливо во Македонија, ниту економистите, ниту политичарите и затоа ќе имаме ситуација како денешната.

Одлуката за „замрзнување“ на цената на лебот е задоцнета и не е спроведена на добар начин.

Ова требаше да се направи уште лани. Всушност се направи лани, на крајот на ноември кога три месеца имавме „замрзнување“ на цените на неколку производи и во тој период, Македонија имаше најниска инфлација во целиот регион.

Потоа Владата, од непознати причини, одлучи да ги „одмрзне“ цените и да оди со политика на „замрзнување“ на маржи, па им попушташе на фирмите, им даваше пониски даноци, пониски царини, пониски цени на струја. Практично се што ќе и побараа на владата, тие им даваа, и ги разгалија.

Им трупаа пари во џебови и сега фирмите се бунат затоа што владата им го ускратува тоа што им го даваше цела година. Така што, оваа одлука за „замрзнување“ на цената на лебот е задоцнета и не треба да се однесува само на лебот, туку на сите основни прехранбени производи, како во ноември лани.

Тоа е прва грешка, а втора е отсуството на мерка во одлуката на владата за фирмите кои нема да ја почитуваат.

И Србија и Албанија имаат „замрзнати“ цели веќе подолго време. Кај нив, во одлуката за „замрзнување“ на цените на храната, експлицитно стои дека фирмите се должни да продолжат со непречено снабдување со производите, во спротивно следуваат строги казни. Највисоката казна во Албанија е два милиони евра и предвидена е дури и конфискација на сите залихи на производите што ги имаат фирмите. Затоа Албанија има најниска инфлација во цела Европа.

Владата има голем аматеризам и направи многу грешки, но, сепак, главната вина, не лежи кај нив.

Целата вина за целата ситуација е кај фирмите, затоа што пекарите нехумано и прилично надмено, нечовечки, решија да престанат со производство на леб и, практично, да ја остават целата држава без леб, затоа што, пазете, малку ќе им се намалат добивките.

(Авторот е економист во Виенскиот институт за меѓународни економски студии.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *