Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Помеѓу потребите и желбите!

 

Мерката на постигнатото не е дека сте имале тежок проблем со кој што сте се избориле, туку дали е истиот проблем од минатата година. Секое постигнување има своја цена која, ако го посакуваме, ќе мора да ја платиме. Неуспехот доаѓа сам од себе, но неговото чинење е многу поголемо и не не прашува дали сакаме или не да го подмириме…

Помината е уште една бесмислена еуфорија на глобалниот празник и бесцелното трошење на пари, кои ги немаш, но мене се уште во главата ми се вртат муабетите што се верглаа покрај преполна маса со сарми, руска салата, кифлички, свинско печено и жива туршија.

Оваа година бев попрактична, па наместо да пречекувам, отидов на гости. (Четворица на маса, на дистанца и без подмладокот.) И да ви кажам право, ова не само што е покорисна опција, туку е и многу порелаксирачка. Бапни им се, не дозволувај да те нагазат! Ако се упорни, речете им дека одите семејно во Аспен. Белким, следната Нова нема да има ни трага од коронава! (Нема да ви веруваат секако, со оглед на вашата финансиска черга, но ете им, нека вртат по хотелите и нека докажат дека не сте биле таму. А после измонтирајте за на социјалните мрежи – секое дете постаро од 4 години знае како – фотки со пожелната позадина.)

И така, бапнати ние во домаќинска куќа и на уште подомаќинска трпеза, дискутираме и мозгаме не за теоријата на струната и квантната механика, ниту пак, дали е историјата здодевна, а филозофијата глупава, туку за тоа дали и колку секој од нас е успешен?! (Плус, имаше уште неколку пријатели вклучени преку Зум, па можете да замислите што муабет течеше!)

И еве, деновиве потоа, јас се уште се заморувам со таа тема. Всушност, продолжувам да шмелцувам. Па до пред оваа Нова година јас си бев онака лежерно убедена дека тоа што сум била најбрзиот сперматозоид е доволен доказ за мојата успешност! Или тоа што сум фина (!?) средовечна персона која некого јаде т.е. никој до сега не ја изел неа! Ајде и малку по „егзистенцијалистички“ – мислев дека тоа што оддамна веќе не ми се важни статусните симболи, комплиментите и публицитетот е доволен доказ дека сум успеала во животот! Ама не било така.

Бесмислена анализа

Не ми се баш ни расправа што се луѓето подразбираат и сметаат за успех, ги имате сигурно и вие ваквите егземплари во своето опкружување, но темата секако бара едно теоретско, а богами и искуствено расчленување.

Маркетите (да, да големите гранапчиња, не книжарниците), се преполни книшки од типот: “12 чекори до работата од соништата“, „4 тајни на врвната фигура“, „9 принципи на успехот“… ( Самоизмислени професии, кои задоволуваат непостоечки потреби, откриваат со векови познати флоскули. Тоа се оние млатачи на празна слама – лајф коуч, селф – промоушн, консултанти, советници, експерти, аналитичари, јогини, шамани, мастери… дрн, дрн… паразити, кои ќе исцицаат се што им е на дофат! Уште, ако и е спакуван/а во фина амбалажа, иха! И никој од нив нема – конкретен начин!)
Нејсе.

Дресирани сме да ги прифаќаме туѓите, убаво наредени „клуч на рака“ решенија и системи и потоа да се обидеме да ги примениме на себе. Ако не делува еден, ќе пробаме друг. Она што е неугледно, очигледно и едноставно го отфрламе зашто, мислиме дека одговорите се покомплицирани инаку, сите би биле среќни и задоволни, нели!? Вистината е всушност, дека секој од нас си ја пишува сопствената и единствена книга за успехот и среќата.

Самореализацијата, себепозиционирањето во општеството пласирано е како највисока човечка потреба, но во суштина, претставува концепт базиран на американските културолошки вредности, а САД реално кажано е колевката на модерната психологија.

Од друга страна ширум светот, од „примитивните заедници“ до исто така модерните општества, повеќето луѓе живеат неоптоварени со апсолутното самореализирање како највисока цел. Некои ја запоставиле таа потреба, други ја задоволуваат на поинаков начин. Накусо, за еден монах би рекле дека се изолирал, исклучил од цивилизацијата т.е. сам себе си се казнил да не го реализира својот потенцијал. Но, дали е тоа баш така? Чии се овие мерила и кој меродавниот да го утврди стандардот?

Можеме да дрндаме до бескрај за нашите потреби и која, колку ни е битна, ама она што е сигурно е тоа дека помеѓу потребите и желбите има огромна разлика. Потребите ги имаме природно, а желбите се создаваат. Значи, потребите мора да се задоволат, а желбите не мораат или барем, не мораат онака, како што сме си замислиле. Тука е и замката: ако премногу човек се врзе за начинот како нешто треба и мора да се случи многу ќе страда. Односно, работиш на нешто упорно и посветено и замислуваш како се драстично ќе се смени на подобро само кога тоа ќе го завршиш. Нема. Ќе биде само во ред.

Втор „проблем“ се и преголемите очекувања од другите: од семејството, пријателите, колегите, љубовниците, авторитетите… Да се разбереме: никој ништо не мора и ништо не мора да се случи како што ние очекуваме и, покрај се. Зашто и на оние кои ги имаат најдобрите предиспозиции за остварување на своите најголеми фантазии сепак, тоа не значи дека и ќе им се реализира според нивниот план. Постојат повеќе причини, но за да нема измачување заради „неуспехот“ потребно е соочување со себе си. Вистината ослободува, фантазијата анестезира.

Важноста на патувањето

Добро е да се има цели, високи стандарди и да се стреми кон подобар, поквалитетен живот, но не треба во грч да се држиме до резултатите, туку повеќе да уживаме во самиот процес. Ништо не е однапред ветено, загарантирано, мое. Не е ни битно колку време траело, битно е дека се случило. Патот е пат, лесен, тежок, важно е дека постоел. Поентата е да научиш да ги прифаќаш последиците, без премногу драма, без кукања за резултатите од тие патувања. (Најде кој да ви каже, ама ај…)

Вистинските учители на живеењето (психијатри и психолози, по нашки) ќе потврдат дека успешните не горат само во една животна категорија, додека создаваат хаос во друга. Успешните луѓе проблемите и предизвиците во животот ги решаваат според нивната хиерархија. Не дозволуваат да работат нешто што им „излегло“, нешто што некој друг започнал…

Бидејќи чувствувам дека забегувам со „лекцииве“, да ви кажам набрзинка што јас научив во овие мои повеќе од пет децении трошење на кислородот и другите неопходни ресурси за опстојување на многу поквалитетни суштества на планетава. Што ќе рече, сето претходно кажано слободно фрлете го во вода и запомнете дека успехот речиси на било кое поле зависи повеќе од енергијата и мотивацијата на личноста отколку од неговата интелигенција. (Како поинаку може да се објасни масовноста на глупави лидери!?)

Успехот е често резултат и на погрешен чекор во вистинскиот правец. И, не постои текст на интернет што ќе ти го надомести сето време за џабе потрошено во животот. Лично, не можам да го чекам успехот, па продолжувам понатаму без него…

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *