Сутерен.мк

По една таква, на сите ни треба

Меѓу бабите на село и пијаните чичковци, се појавува уште една група што од далеку се гледа како мавта со винските чаши – хаотичната, згодна тетка.

На светот секако му треба ремонт, ама тоа ќе бара време и нерви, па затоа во меѓувреме можеме да се порадуваме дека имаме – тетки. И по крв и по избор. И такви што праќаат честитка еднаш годишно, и такви што ти ѕвонат секој ден.

Името од насловот, се разбира, доаѓа од ТикТок. Инспирирани од дискусијата за „Култура на богати мајки“ и „Баби со куќа на море или на село“, луѓето го смислуваат новиов момент во желба да се стремат кон нешто пореалистично, нешто што е јако без многу напор, но истовремено и има простор за подобрување.

Хаотичната тетка е уште пијана од синоќа, ама ќе ја подели последната мастика со тебе.

Колата ѝ е полна со ѓубре, пцуе и се шегува дека ќе ти го однесе детето на тетовирање. Кај ваква тетка се остава дете на чување, ама никогаш не ти е сеедно. Досега имавме „откачена/забавна тетка“, ова е подкатегорија.

Идол им е на нејзините помлади роднини и е мост меѓу девојчинското и женското искуство. Нема деца затоа што така сака и исполнета е. Има свој приход, слободно време и светоглед што се врти околу живеење, а не создавање живот.

Долго време, архетипот за „стара мома“ беше тетка Марч во „Женички“, бистрата Г-ѓа Марпл на Агата Кристи, или грозната тетка Марџ на Хари Потер. Често, ваквите ликови се пишуваа како предупредување – ако не се омажиш, ќе се оттуѓиш од сите, или ќе те отфрлат. Само понекогаш, на ваквите тетки им се дозволуваше малку забава (Хилда и Зелда од „Сабрина“).

Но, новооткриениот вид на тетка едноставно има многу работи за радување во животот – нема ништо против деца, само не ѝ се потребни во животот.

Хаотичната тетка не ја интересира она „ќе посакаш деца понатаму“ што им се нафрла на жени што избрале да не раѓаат и си наоѓа алтернативи за да се вклопи во општествените очекувања што им се наметнати на жените.

И ако имаш среќа – ќе ти се најдат неколку такви во животот.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *