Сутерен.мк

Ана Мартиноска: Преку леб – погача

Кога ќе штиклирате голем професионален предизвик кој ви стоел во работната агенда неколку месеци и кога сте презадоволни од сработеното, треба да се почестите себе си нешто. Мојот избор обично паѓа на нови чевли, онака без око да ми трепне вклопувајќи се во стереотипот за најголемиот женски фетиш кој обединува милиони жени од Имелда Маркос до Сара Џесика Паркер. Но, бидејќи си купив едни џиџани баш за поводот, под принуда на платата што доцни решив да се почестам со the second best thing – малку време сама со себе. Маж ми беше на пат, а детето заспа навреме, што е ужасно ретка комбинација последниве неколку години, па си пуштив Нетфликс во потрага по малку релаксација. Со оглед на тоа дека преморот ме стигна и интелектуалниот капацитет во петок навечер ми беше на минимум, кликнав буквално на првиот предлог – „Секс/живот“. Како што вели една моја пријателка, „сексуљави лимунади се бољи од хелекс и прозак заедно“. Со еден збор – токму она што ми требаше во тој момент.

Базирана на мемоарската проза на Б.Б. Истон насловена „44 поглавја за 4 мажи“, од оние топ 100 продадени на Амазон во 2016 година, серијата е класична полу-романтична полу-семејна американска драма, зачинета со згодни глумци и прилично експлицитни секс сцени. Без да ви ја раскажувам содржината во детали, ќе ви откријам само дека зборува за една жена заглавена во рутината на животот во предградието, обврските околу децата и монотонијата во бракот. Тоа е онаа толку пати видена ситуација во која се испреплетуваат депресијата и чувството на задушливост во сегашноста со флешбекови од минато и дилемите дали животот треба да нуди нешто повеќе од долгогодишната задремана моногамност. Главната хероината се прашува дали е „нормално“ што посакува бегство и промена и дали спомените од бурното минато се опасност за брачниот завет. Заплетот навидум се врти околу тоа кој партнер ќе победи, нерамноправно и прилично поедноставено поставувајќи ги страста и возбудата од една наспроти грижата и посветеноста на другата страна на биполарната оска, но всушност најважна е битката што ја бие сама со себе, во миговите на искреност пред дневникот кој го пишува или во разговорите со другарката со која ги споделува сите тајни мисли.

 

Ако ги отфрлиме локалната сценографија и конкретните слабости на сценариото, дали зад наивната и плитка мелодрама, навидум лесна за голтање, сепак се кријат и некои покомплексни прашања: Дали е алчно да сакаме сѐ или треба да се задоволиме со 85 проценти? Дали можеме да ѝ одолееме на опсесијата околу преостанатите 15 отсто дури и под ризик да изгубиме сѐ? Дали е безобразно да бараме „преку леб – погача“? Дали е подобро да се каеме за она што сме го направиле или за она што не сме го направиле? Што е животот ако не го живееме во неговата полнотија?

Теоретски, како што пее Роби Вилијамс во „No regrets“, добро е ако тераме низ животот без жалење, без каење. Убава мантра која можеме да си ја повторуваме како поука да го живееме животот до максимум и да го искористиме секој ден, затоа што, тажно, но вистинито, никогаш не се знае кој ќе ни биде последен. Баш би било тажно ако треба да го сумираме животот со мисли „можеби требаше да…“ или „веројатно ќе беше подобро ако“. Или како што вели писателот Ник Хорнби всушност и нема толку многу нешта од кои треба да се плашиме. „Се сеќавам дека мислев дека е смешно да го дознаам тоа во последната ноќ од мојот живот; остатокот ќе го поминев плашејќи се од сè.“. Но, во пракса, ништо не е толку едноставно. Оваа фраза не смее да се сфати како оправдување животот да се живее неодговорно и непромислено, без оглед кого ќе повредиме во својата егоистичност.

 

Во која фаза и да сте во животот, некои од овие прашања се веројатно валидни и за вас и вашата реалност. Дури и да не сте биле исправени пред слична црно-бела дилема дали да го изберете жешкиот секс или стабилноста на семејството, сигурно барем сте имале моменти на преиспитување на сопствените одлуки, мигови во кои сте се обидувале да го скротите детето во вас, двојби околу вечното прашање „Кој сум јас?“ кога вашето јас е дел од некое поголемо ние, емотивни битки околу комплексноста на родителството и/или партнерството во баналноста на секојдневието и копнеж по некој друг свет во кој нашата прва идентификација не се мајчинството и семејниот статус. Симплификацијата на овој избор дури се чини и навредлива во однос на комплексноста на идентитетите на секоја жена, уникатен микс кој не мора да е поставен на оска или-или, туку се создава и пресоздава постојано во текот на животните трансформации од надежен студент и фокусирана сама-на-сопственото-задоволство сингл девојка кон семејна жена која жонглира меѓу валкани пелените, рутините на секојдневните обврски и сопствените оази на задоволство. Во секој случај, нема еден вистински одговор на сите овие прашања, туку секој треба да го направи изборот за себе. ОК е да сакате секс, ОК е да се фокусирате на себе, ОК е гласно да зборувате за вашите потреби и желби, ОК е да сакате сѐ, затоа што уште култната феминистка Бети Фридан нѐ учеше дека ниту една жена не доживува оргазам при светнување на кујнскиот под.

А кога сме веќе кај оргазмите и врските, прашањата инспирирани од оваа моја мала ноќна прошетка по светот на популарните мелодрами продолжуваат и натаму, овој пат во линија на сексуалната компатибилност како клучна за успешноста на една врска. Дали оној кој ви нуди сигурност може во исто време да ви понуди и страст? Дали лошите момчиња секогаш победуваат? Помислувам на еден селебрити гуру за љубовни врски Сантагати кој тврдеше дека „жените повеќе сакаат агресивно куче што ги гризе соседите отколку куче со подвиткана опашка“. Други истражувања пак, тврдат дека тој мит не е ни близу до реалноста. Иако хетеросексуалните жени можеби ретко одолеваат на предизвикот да скротат некое лошо момче, тоа главно се однесува на врските на куси стази. Кога се работи за подолгорочни планови, посакуваните карактеристики одат во насока на чувствителност, самодоверба, љубезност и пристојност, свесни дека возбудата со време ќе спласне, а арогантниот маж кој нè третира како ѓубре не е материјал за мажење. Ваквите анализи сепак не нудат директно решение за дилемите од серијата, иако е јасно кој избор делува како зрела и одговорна одлука, сигурно пологична од тоа да фантазирате за бившиот додека се одмолзувате со пумпа за мајчино млеко. Впрочем желбата да го подобрите вашиот сексуален живот звучи провокативно, но страста не е магичен лек за успешна врска и за сите проблеми кои се јавуваат на пазарот на љубовта.

Ова секако не е препорака за да ја гледате серијата, впрочем интернет врие од мемиња кои се потсмеваат на еднодимензионалните, незрели ликови и на некои нелогичности или претераности како фул фронтал сцената под тушот која ги разгоре дилемите околу можниот протетички додаток на пенисот на еден од ликовите. Сепак, факт е дека секси сцените ја фрлаат „Бриџертон“ во заборав, а девојките сигурно ќе го прогуглаат Адам Демос и coital alignment technique. Малку зачин е секогаш добредојден афродизијак!

(Авторката е професорка по културолошки студии, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка, феминистка и активистка за родова рамноправност. Објавила седум книги и стотина научни трудови, како и над двесте колумни.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *