Сутерен.мк

Признание за најдобриот

Највисокото професионално признание на СОКОМ за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата, наградата “Трајко Прокопиев“, ќе му биде доделена на композиторот Љупчо Константинов

Така по минатогодишната награда – Голема звезда на македонскиот филм, која му беше доделена на Интернационалниот фестивал на филмска камера во Битола “Браќа Манаки“, ова е второ големо признание од Македонија по бројните награди кои тој порано ги освои на театарските и филмски фестивали во културните центри на Југославија: “Златна арена“ на филмскиот фестивал во Пула за филмот “Среќна нова 49“, “Златни ловорови венци“ на театарскиот фестивал МЕС во Сараево за музиката во претставите “Електра““, “Шехерезада “(режисер Томаж Пандур), за која ја доби и наградата на критиката на меѓународниот фестивал во Мексико.

Љупчо Константинов е автор на музиката на филмвите “Црвениот коњ„, “Јужна патека“, “Хај фај“, “Тетовирање“, “Македонска сага“, “Преку езерото“… Има соработувано со Пенелопе Круз, Роберто Чули, Бранко Гапо, Димитрије Османли, Столе Попов, Антонио Митриќески…

Неговите музички квалитети ги откри и познатиот театарски режисер Паоло Маџели кој го ангажира како постојан соработник на сите негови претстави “Црна дупка“, “Вујко Вања“,“Тетовирани души“,“Метастабилни грал“, “Добриот човек од Сечуан“, “Буздо“…

Љупчо Константинов не зборува многу, но за неговиот креативен и творечки потенцијал најдобро говори музиката во 60-тина театарски претстави , 30-тина играни филмови и бројни телевизиски драми и документарни емисии, која беше високо вреднувана од филмските критичари и театарските уметници и публиката.

За Љупчо Константинов (роден на 11 декември 1946-та, Охрид, дипломирал на Музичка академија во Белград), критичарите ќе напишат дека “тој со своето долгогодишно искуство и фанатична посветеност во потрага по креативното, убавото, по оние тајновити музички тонови и варијации што ја хранат и возвишуваат човековата природа, се вбројува во онаа плејада на врвни оргинални, автентични творци-уметници, кои се достојни за почит“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *