Сутерен.мк

Игор Пачемски: Протестантите се побогати…

Англискиот Канал 4 е мајстор за “off the wall” комедии, со препознатлив бленд на хумор што не се потпира на големи комични гестови, бурлески, мафтање со раце, туку е суптилен и базиран на иронијата на секојдневието.

Дефинитивно, наменета за поинтелигентен свет, еден од последните бисери и беше “Derry Girls”, сурово смешна драма за група гимназијалки во Ирска во 90-тите, ерата на помирување меѓу католиците и протестантите во Северна Ирска. Во една култна епизода, протестантско и католичко училиште каде што персоналот претежно го сочинуваат опатици, одат на заедничка екскурзија за да се “спријателат”.

Екскурзијата кулминира со тепачка како резултат на длабоки предрасуди, недоверба, презумција дека неговиот табор е совршен, а другите се сатани. Згодниот поп со фина фенирана коса, во обид да гради мостови ги собира децата од двете училишта и им вика да напишат на табла сличности меѓу католиците и протестантите. Следува една тотална неможност да се каже една сличност! Фокусот е ставен на разликите, не успеваат да најдат една единствена работа што би ги поврзала, а иронично е што гледано од страна, двете групи изгледаат идентично. Така е и во Македонија.

На една страна СДСМ, на другата ДПМНЕ. Полни со недоверба едни кон други, полни со предрасуди, полни со омраза, полни со страв. ВМРО се небањати криминалци. СДМС се црпнати Северномакедонци. Во средината е еден микро слој на ужаснато граѓанство што врти со очи како Емилија Попадиќ и на двете. Мене ми е најстрашно што оваа поларизација и ригидно држење кон едната од двете струи, буквално води кон таква пристрасност и неискреност, што единствен губитник тука е Македонија, Северна или како и дае… Која ми е поентата?

Просторот на социјалните медиуми е исполнет со партиски војници од двете страни кои слепо го бранат својот табор (од кал да е, СДСМ/ВМРО да е) и тоа станува толку симптоматично што веќе го формира дискурсот на јавното мислење, го назадува и ја ерозира секоја платформа за критичко мислење кое неминовно, во покултурни земји доведува до подобрување во сите општествени аспекти. Двата клучни збора се кич и лицемерие.

Тамара ја згреши химната. Иако во тој период се имавме зајадено за онаа ужасна креација на Ношпал која ја носеше на Евровизија, не можев, а да не изреагирам бурно кон лудачката омраза и агресија насочена кон неа и најблиските. Теории на заговор, чадор, Гоце, Бугарија и свакојаки спинови проследени со клетви до 9-то колено грмеа еден месец.

На контра протест, Нина Феникс Јанева (попозната како елегантно пополнетиот пратечки вокал на Есма и Лозано на Евровизија), ја згреши химната. Плачела два дена. Ама бидејки е „жмрон“, секако дека одма и се прости и збрлавените чувари на нашата државност, со сладолед од поскапиот, си ќутеа комитетски.

Brass Eye, контроверзна комедија во 90-тите во Англија направи еден шокантен, но генијален скеч за сидата, односно за Good AIDS, фатена преку трансфузија и Bad AIDS, закачена преку секс или дрогирање. И ова малце нашево така испадна. (А и твитот дека нема дебела жена во Македонија која ја знае цела химната баеги ме насмеа – политичката некоректност настрана). Сепак, крајно лицемерно!

Државната посета во Ватикан направи скандал. Фактот дека папата се вика Франциск и супер симпатичниот гест на подарување на дрес, бордо дрес, пак направи да се пењават истите што ја распнаа Тамара. Од дестилираните фрустрации на неуспешни актери чиј хумор уште не еволуирал од оној на „Театарче Лево Ќоше“ до демек, елегантните вињети на професорки/ТВ водителки видно потресени од промената на бојата на дресот како ФК „Врњачка Бања“ да излегол од 9-та лига, до разни академии за протокол чии женски чии раце се заменети со перки од миксер, сите имаа „продлабочено“ мислење за дресот на Франциск, авионот на Радев, изгледот на Елизабета…

Статусот на Катерина Тодоровска ,што мислам дека заслужува да се објави во целост, најсовршено ја сублимира есенцијата на проблемот:

Иако поентата дека во Македонија професионалецот не се цени е точна, според мене фокусот треба да се стави и на еден многу подеструктивен модус операнди на Македонецот: сите имаат мислење за се и сешто. И не само тоа, туку истото дополнително го адаптираат според потребите на нивното политичко крило.

Во земја каде што Маја со смкнатите хулахопки на плебсот им беше топ, а на Бети која изгледаше како да доаѓа од европска монархија, а не од нашево жално земјиче и се наоѓаат маани, јасно ни е што го формира јавниот дискурс. Секако во тоа формирање не влегуваат зборовите кредибилитет, непристрасност и искреност. Крајно лицемерно.

Во неделава на Gay Pride морам да го кажам и ова: бидејки сите педери се еднакви, но некои поеднакви од другите, кога Заев го нарече Боки 13 педер, цела јавност ужасната се крена на нозе, иако на сите им беше јасно дека јакни од 10 000 евра на Луј Витон најчесто не се купуваат од поштена работа, особено од некој нон-ентитет како Боки.

Кога Биљана Ванковска, како универзитетски професор, ме нарече педериште, од госпожа Хелсиншки штама. Реакцијата која ќе беше на место и која ќе ја направеше Уранија најфраерка требаше да биде: „Иако Игор ме прозва во колумната, јас како борец за човекови права остро го осудувам говорот на омраза од професорката Rolanda Hoocs etc, etc.“  Ама бидејќи не влегувам во групата на good gays, таква осуда немаше. Но тоа не ја спречи да се слика на отварањето на Неделата на Гордоста. Крајно лицемерно.

Кога сме веќе кај Ванковска и нејзината армија универзитетски тапирани пиони, не можеше, а да не ме фасцинира нејзината гневна реакција не само кон мене, туку и кон Катерина Колозова која ја спомнав во колумната како пример за незгоден, ама кредибилен интелектуалец. И додека тоа „одбрано друштво“ врескаше во подршка на Даврос, а главниот Далек дека Катерина и јас можеме да им плукнеме под УКИМ-скиот прозор (On peut cracher sous sa fenetre УКИМ), смеејки се, замислив конверзација меѓу Catherine Malabou, жената што го наследи Jacques Derrida во  Univerrsity of California Irvine и Биби Ви откако разбрала дека нашата Катерина е поканета од самата Malabou да биде дел од комисија за одбрана на докторат базиран на нејзините тези на Сорбона на 11-ти јуни. Во мојата глава Биби Ви зборува Битолски:

Биби Ви: „Але чупо, ногу се саклдисав!“

Malabou: „Оти ле?“

Биби Ви: „Мори оти си ја земала онаја за во комисија да биди?“

Malabou: „Леле, одма ќе ја избркам, арно велиш, кај си можи таја со тебе ле?!“

И додека Ванковска пишува ваљда за пушката репетирка, додека јас подготвувам колекција за Париз во септември, а нашата Катерина застанува рамо до рамо со Malabou и учествува во Colloques Cerisy каде што странци не припаруваат, кучињата си лаат, караванот си врви. Јас и Катерина сме Ката и педерот, а Ванковска е парагон на интелектуалност. Крајно лицемерно.

Понекогаш се чувствувам како да живеам во сцената од „Пијано“: една салонска кокошка масакрира соната на клавир, а Ада, ликот на Холи Хантер свири божествено. Сепак, тоа не ги спречува злобните тетки, кои не еволуирале од плисираните сукњи на Мери Кафкалеска да и речат на популарната: „Остај ја неа, ти најубаво свириш!“

Да потсетам дека Катерина напиша колумна за Скопје 2014, пред и еден камен да се стави и кажа дека е сигурна дека тоа што ќе се направи ќе биде кич, повлекувајки паралела со „Неподносливата леснотија на постоењето“ на Кундера и дека секој тоталитарен режим е способен само за кич. Да цитирам ад вербатум:

“Kitsch is the aesthetric ideal of all politicians and all politicial parties and movements. Those of us who live in a societs where various political tendencies exist side by side and pompeting influences cancel or limit one another can manage more or less to escape the kitsch inquisition: the individual can preserve his individuality; the artist can create unusual works. But whenever a single poliktical movement corners, we find ourselves in the realm of totalitarian kitsch.”

Што значи ова? Па според мене, дека ние живееме во општество со два паралелни тоталиразми. Оној на ДПНЕ и оној на СДСМ. (Тој на ДУИ не го разбирам. Секој со своите проблеми). Место да се создаде клима каде што компетитивноста и опозицијата на мислење ќе доведе до развој и ерадикација на кичот (не само во форма на бесвкусни облеки и tchotchke украси, туку во својата деструктивна и малигна форма), тие два поларизирани света, амплифицирани со традиционалната македонска хипокризија прават да се изгубат сите критични критериуми и можноста да се донесе реално становиште апропо било која тема без да мора да се заземе политичка позиција.

Најтрагичен е фактот што ми се чини дека после толку години живеење во еден или друг тоталитаризам, начинот на кој размислуваме е сменет што веќе по дифолт кастриме квалитет од спротивниот табор, а со такво мислење никогаш нема да отидеме напред.

Само со радикална промена на начинот на мислење ќе ги елиминираме горенаведените симптоми на еден многу сериозен канцер наречен политичка пристрасност и мотивираност, еклатантни примери на лицемерие и базирање на вкус и формирање на јавен дискурс на основа на истото.

Само така ќе се избегнат лоши кадровски решенија, ќе се затнат токсичните муцки на академската фела која не заслужува да биде на повиска чиновничка позиција, а не да влезе во амфитеатар, ќе се избегнат субстандардни фестивали платени со наши пари (сте ја виделе ли трагичната програма на Охридско лето 2021-ва!?), така ќе се избегне пелеринчето на Васил на Евровизија и тој тоталитарен кич во сите општествени аспекти. Дотогаш, сево ова што го живееме е крајно лицемерно!

(Авторот знае да го реши Шродингер за Јаглерод 6, но одбра да црта гаќи. Горд татко е на 3 мачки и луда папагалка со субмисивен дечко папагал. Лош шеф и сопруг на една измачена бугарска мечка. Многу чкарт педер, кој пие, арчи и се тепа.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *