Сутерен.мк

Светлана Антиќ-Јовчевска: Априлски флерт од мансарда

Вкусни ми се утринските голтки кафе под силната топлина на сончевите зраци. Проретчија шмукања од цигарите на балконот на мансардата во времето на изолација и карантини. Замреа гласовите на неасфалтираната тесна улица на која десетината жители повремено поминуваат зборувајќи меѓу себе или поздравувајќи ги соседите. Помладите често глаголеа по телефон. Сега сите се затворија во домовите. Откако „законски“ и против нивна желба ги преселија децата, единствени нарушувачи на тишината и чујното струење на воздухот, останаа птиците и нашите кучиња. А и кучињата повеќе спијат, одошто трчкаат, оти никој не ги вознемирува.

Утринската роса на тревата пред да испари се претвора во разнобојни кристали. Жолти, црвенкасти, синкасто виолетови. Втренчено гледам во кристалите, ги тријам очите и пак гледам. Дали така беше и ланскиот април кога не знаев за наеднаш светски популарниот вирус?, ми светнува прашањето. Одговор нема, ама ете ја мачката Катица се накострешила кон соседовиот мачор Белчо и не трепка. Мачорот грациозно се движи покрај оградата, ја погледнува и продолжува. Ха,ха! На оградата слетаа две врапчиња. Весело црцорејќи и потскокнувајќи се доближуваа и се оддалечуваа едно од друго. А потоа едно по друго одлетаа. Слободни. Некаде на друго место ќе продолжат со флертот, како што и Катица полека се доближи до оградата со долг и длабок поглед следејќи го Белчо. Природата си живее по својот нормален тек. Не страхува, не паничи како човекот, ама флертува меѓу себе. Не знам дали како што човекот тоа го прави, меѓу другото и заради сопственото его. Но, природата умее и од пепел да раззелени. Да се крене и да стане уште побујна и поубава.

Корона кризата претпоставив, ќе трае до 1 мај, или некој ден потоа. До тогаш ќе имам трпение, а потоа ги кинам сите „синџири“ и ич не ми е гајле. Што е многу, многу е. Од сето ова лудило и хаос успеав да си се внурнам во сопственото битие и да си подзачистам. Од многу работа немав време да ме обземе стравот, ниту паниката. Напротив. Вистина почнав почесто да пијам пиво, наместо таблети за спиење и смирување на нервите, но, се е вонредно, па и моето пиење. Освен тоа, пивото и не е некој алкохол. Ха,ха! Мојот ненадеен флерт со пивото на штета на цигарите. Немојте да мислите дека бројот на цигарите го намалив затоа што се исплашив од вирусот, кој бил пострашен за белите (моите се сигурно црни) дробови на пушачите. Имено, затоа што почнав да пушам само на отворено. На балконот. Си реков, ако не можам да одам во кафуле, барем дома ќе си направам некоја промена. Ха!

Откако веројатно се наближува крајот на флертот со вирусот, се надевам без штета ни по мене, ниту по него, ќе остане животот пред, за време и по вирусо – кризата. Демек, ова е единствениот вирус што опстојува во универзумот! Иако мислев дека секое лошо ќе биде за добро, однесувањата на многумина, ме обесхрабрија. Бидејќи прозорец во светот ми се социјалните мрежи, каде што читам и гледам нешто и што не сакам, се соочив со големи блувотници. Шибаат луѓето без пардон. Навреди, тешки зборови дури и кон непознати. Понижувања, омаловажувања, ма што ти не. Флерт заради моќ. Флерт за некаква полза. Флерт заради манипулација. Иако велат дека флертот е најраспространет преку контакт „очи во очи“, како на Катица и Белчо, на врапчињата, во времето на карантини меѓу луѓето се рашири и виртуелно. Флертуваат луѓето за политички поени. Се додворуваат за подобра функција, за вработувања, или одработувања…, флертуваат покажувајќи си го карактерот. И нека прават како што мислат дека животот и иднината ќе им бидат поубави. Нека се маскираат со видливи маски, за да си ги покријат невидливите на лицето. Темните очила за сонце се одлична маска за очите, а нели преку очите се покажува флертот. Ха!

Мојот флерт пак, со вирусот „круна“ е и ќе остане со многу љубов, достоинство, свое мислење, самопочит и почит кон другиот, различниот. Човечки.
И да не заборавам, доколку во времето на владеењето на „круната“ сериозно ми се наруши здравјето, не сакам да се лекувам. Имам јас премногу свои нарушувања за чиј баланс секојдневно голтам по цела шака „хемија“. Се уште мислам дека од стравот најлесно напаѓаат болестите. Од стравот, ама и од денот „Д“ се умира.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *