Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Вера, Љуба, Нада и Мамон

Не мора човекот многу да е умен, особено надарен за нешто, ако умее да се потпре на сопственото искуство, интуицијата, да мисли со сопствена глава, да биде искрен пред себеси и пред другите. Да верува во доброто. Да шири добрина. Да ја насочува мислата кон срцето и да негува љубов. Да биде опуштен и смирен, во најтешкото да ги смирува другите. Од стравот почнав да се ослободувам на моите 27 години. Стравот почнав да си го контролирам откако сфатив дека некој друг сака да ми го наметне. Од мудрите прифатив дека стравот убива и дека од стравот најлесно се умира. Некогаш напрасно, некогаш постапно. Ха!

Во изминатиот период на социјалниот инженеринг не се плашев дека ќе умрам и дека нешто невидливо ќе ми влезе во грлото, па ќе ме задуши. Не е исклучено,но… Со грижите за моите најблиски, најсакани, моите роднини и пријатели не верувам дека ќе расчистам.

Вера или верба во луѓето главно ја прифаќам со резерва. А вера во космичката енергија,во природните закони на балансот, па дури и во Севишниот, ме ослободува од канџите на неверниците. Не во оние кои не веруваат во Господ, туку во оние кои веруваат и сосема му се предале на Мамон. Колку ли човекот треба да биде под силно искушение за да потпадне под тоа дејство. Да, човекот мора да има пари за да живее. За да има пари треба да работи и да заработи. При тоа да не биде измамен, да не биде ограбен. Да не биде оштетен. Да верува во себеси, во она што е негово, во она за што сака животот да му е благопријатен. Исполнет.

Периодот што е зад нас, таков налудничав, одамна бил испланиран и најавуван. За моја среќа, верував само на некои стручњаци. Не на тие што секојдневно менуваа ставови и изјави. Не на тие што како до вчера не лекуваа од многу други болести, па советуваа дека треба да се движиме, да бидеме на чист воздух, помалку да ја користиме технологијата. Децата да ги гушкаме и да ги шетаме, да не им даваме предмети кои зрачат, оти им го пржат мозокот, им го оштетуваат видот. Им ги кочат екстремитетите. Им го заматуваат умот и кој знае што се не. Наеднаш, само тие си знаат зошто (а јас само претпоставувам дека Мамон им чукнал на пенџерчето и тие паднале во искушение), сето тоа го укинуваат. Се што било нормално наеднаш станува ненормално. Нормални станаа бројки, бројки, плашење, намуртеност пред камери, задушување со разни крпи, зашто непознатиот убиец е жив и демне. Убиецот се најавува ли некогаш? Просветлете ме! Мамон пак, е верен придружник и на политичарите, а ете тие одлучуваат дека треба да се „грижат“ за нас како пастири за своето стадо и почнаа да го стегаат ременот, да тропаат со клучевите од нашите домови од надворешната страна. Да не дисциплинираат со подебели синџири, оти им треба нашиот глас за нивниот раскош. На здравје!

Двата месеца ги поминав со почитување на мерките, не затоа што смртно бев преплашена, туку да не создавам проблеми ниту на чесните бели мантили, ниту на моите домашни. Ха,ха! И за тоа време се дружев со Вера.

„Во светот има многу кралици и кралеви. Некои се крунисани, некои не се. Тие се измамници. Во природата се е живо. Живо е затоа што се храни од земја, од вода, од сончевата светлина. Да не разглабаме до деталји. Просто е. Види ја мувата. Таа стои на симсот. За кусо, оти од симсот не може ништо да добие, освен да се одмори и да собере топлина доколку е на сонце. Што сакам да ти кажам? Па дека животот раѓа живот- логично. Потпри се на логиката и опушти се“, ми кажува Вера секое утро додека го голтаме првото утринско кафе. Јас вшмукувам од цигарата. Правам облачиња од чадот и гледам во далечина. Истото го прави и Вера, само што нејзините облаци се поголеми и потркалезни од моите. Таа знае дека сум најголем намќор на светот додека го пијам утринското кафе, оти тешко ги отворам очите, а уште потешко и устата. Ама затоа нејзиното едно отворено око е како копче за вклучување на лентата.

„Логика! Потпирај се на логиката и биди без гајле!“, завршува Вера, а јас чувствувам како нејзиниот глас ми се разлева низ целото мое битие. Ми ја отвора секоја пора и влева топлина.

„Многу ти благодарам! Денот може да почне. Ха,ха!“ Се смееме и секоја си ја врши својата работа.

Вера, не би била Вера, ако живеела сама. Вера пораснала со нејзините две сестри Љуба и Нада. Трите сестри една на друга си дарувале многу љубов. И сите три, како што вели Вера, една без друга не можеле. Си помагале и кога не целосно се согласувале меѓусебе. Најчесто се расправале кога паѓале во некакво си искушение дека едната е поважна од другата. Ха,ха!

„Пред малку ги послушав вестите на телевизија. Толку намуртени ликови. Некои со крпи на уста како арамии кога се маскираат за акции во кои ќе вршат кражби. Страв да те фати. Како во некој хорор филм, а такви, јас не,не, не гледам. И телевизорот го исклучив. Уште еднаш се уверив дека Мамон е нивниот содружник“, вели Вера додека ја крева чашата да и се доисцеди и последната капка јогурт, оти таа и била најслатка. Ха,ха!

„Пара врти где бургија неќе“, велеше баба ми, низ насмевка додавам.
Вера ме гледа, се насмевнува и додава дека е благодарна за изминатиот сончев ден, кој и го наполнил телото со витаминот „Д“. За „Ц“ самата се погрижила.

„Пред да ти посакам добра ноќ и мирен сон, да ти кажам дека човекот лаже кога вели дека не го сака Мамон. А Мамон е добар слуга, но лош господар, како и огинот…“
Вера ја слушав. Љуба ја негував. А Нада ми е светлоста во мракот.
Вие, како сакате! Ха!

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *