Сутерен.мк

Светлана Антиќ – Јовчевска: Молчи и танцувај!

Пред неколку години кога од тастатурата ми излегоа овие два збора не премногу го окупираа моето внимание. Искуствено водена од тоа дека ништо не е случајно и можеби се е случајно, ги оставив да дремат над текстовите кои подоцна се нижеа. Не спаѓам во молчаливите, затоа што од кога паметам за себе најблиските не ретко ме опоменувале да замолчам. Не знам дали затоа што моето дрдорење не соодветствувало со нивните ставови, или пак затоа што мојот природно силен глас им пречел на нивните ушни тапанчиња. Тешко ме замолчувале, а не е лесно ниту сега. Сепак, умеам да молчам, а кога ќе замолкнам гласно не се чувствувам непријатно. Тогаш зборувам во себе и со себе. И никогаш не ми е здодевно. Ха,ха!

По некое време наидов на запишаната мисла на Исидора Секулиќ која вели дека молчењето не е некаков од зборови испразнет простор, туку е проголтан и промислен збор. Така ми се расветли „шепнатото“ –молчи, оти во тоа време имав потреба од голтање на промислените зборови. Подоцна пак пред очи ми излезе објаснувањето на Зорица Томиќ, белградски културолог, која дури и објавила книга насловена „Книга за молчењето“. Таа вели дека молчењето е еден од најинтересните комуникативни феномени. „Иако веруваме дека да комуницираме првенствено значи да зборуваме, тоа е суптилно и незабележливо плетиво на комуникацијата.“ Молчењето според д-р Томиќ, може да има сосема различни значења зависно од контекстот и комуникативните стандарди. Тоа е и психолошки и социјален, но и културен феномен, исто така. Молчењето е отпор и внатрешен егзил. А јапонскиот писател Д.Т.Сузуки забележал дека Истокот е молчалив, додека Западот е зборлест. Дека на Истокот тишината зазема значајно место, а говорот е одмерен и содржаен, додека Западот го преферира вербализмот и зборот го претвора во месо. Замолчувањето, што погоре го споменав е еден вид покажување моќ. „Остракизам, лов на вештерки, одбивање другиот да се сослуша, игнорирање на соговорникот, закани, казни, одмазди и секако цензурата, се дел од видовите на замолчувањето“, објаснува д-р Томиќ.

Мојот молк не случајно е сврзан со танцот. Кога ќе ме замолчат, или кога ќе почувствувам дека внатрешниот глас не треба да се замеша во етерот, танцот е тој, со кој ќе се искаже и покаже бунтот против молкот. А танцот пак не се само кореографски осмислените движења на телото преку кои се покажуваат емоциите предизвикани од музичките звуци. Танцот е секое движење на телото уште од пред раѓањето, па се до последниот миг на овоземното опстојување. Танцот е еден од најстарите начини на изразување на луѓето, за што сведочат бројни цртежи или скулптури. Танцот е говор на телото кој покажува како се гледаме себеси, но и укажува на меѓусебното однесување на луѓето. Имено, танцот е многу повеќе од обична површна форма на изразување, која исчезнува истиот миг штом ќе биде изведена. Дури и повторувањето на истите движења во танцот од истиот танчер никогаш не се исти. Природно. Танцот и со едвам воочливо движење придвижува многу нешта.

Од запечатувањето на двата збора пред неколку години кога барав одговори на многу прашања поставени пред себе и во себе, многу нешта се сменија. Некои на подобро, некои пак навлегоа во уште покомплициран лавиринт. Умните велат дека таков е животот. Некои, исто така умни велат, дека во ова 21 столетие се случува нешто ново и непознато. За некои ова е големо искушение за човечкиот род, кој ја загуби границата на пристојноста. На алчноста. На зависта. На злобата. Казната е заслужена и сите ќе си ја плаќаме, некој поскапо, некој помалку скапо. Како и да е, од лошото да извлечеме нешто добро. Подобри луѓе, некако тешко ќе станеме. Напротив. Хм!

Со променлив интензитет веќе 13 години вирее мојот молк, оти тогаш значаен дел од животот ми се смени. Тогаш не лесно требаше да се олабави цврстата и сигурна прегратка. Требаше да се поткрепат крилјата на млада птица опседната со танцот. Требаше да се охрабри и да одлета по својата животна патека.

Случајно или не, на овој 21 септември, денот кога православните верници го одбележуваат големиот празник Света Мала Богородица, кога на тој ден под сончевите зраци ќе заблеска заборавената убавица на падините на Скопска Црна Гора, над селото Матејче од 11-ти, обновена во 14 век, молкот на немоќта ќе ми го обземе денот. Неколку стотици новинарски извештаи особено во таа кризна 2001 година, а уште неколку и подоцна завршија под дебел прав на заборавот. Под темниот и лажен превез на мирот се сокри немирот.

Па, дали е фраза дека се чудни патиштата Господови кои од нам неразјаснети причини и околности се преплетуваат, вкрстуваат, поврзуваат, спојуваат и разидуваат? Ете, вечерта на денот на Света Мала Богородица, во дворот на Театарот во Куманово, на импровизирана сцена, ќе затанцуваат младите актери Сања и Никица. Од танцот нема да „избегаат“ и ограничен број присутни љубители на молкот,танцот, на љубопитноста…

Ах, да, птицата опседната со танцот, пред речиси две децении, а одлетана од гнездото пред 13 години, не може да долета. Такво е сценариото на моќта на молкот именуван во пландемија. Хм! Токму на 13-годишнината, од ист град, родена на 13-ти декември, како и Дарио, на 13 годишна возраст, на иста сцена, далеку од гнездото, танцот ќе го продолжи Евгенија…

Дарио, Марина и Радина, заедно со Евгенија вечерта кога премногу ќе се споменува „Молчи и танцувај“, ќе танцуваат на сцената во Софија, под светилките на радоста и надежта за поубава иднина.

(Авторката е родена во 1960 година, во Куманово. Во новинарството е од 1985 година – за што има добиено две значајни признанија, а до сега има објавено и три книги: публицистика – „Патот на вистината“, раскази – „13“ и романот „Ликот во огледалото“.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us