Сутерен.мк

Александар Чамински: Цената на (не)згодноста

Со една од најатрактивните, најхаризматичните и воопшто, најактерските појави на македонската театарска сцена, за „озлогласеноста“ дека е незгоден актер, за професионалноста, судирот со Мето Јовановски и најважните нешта во животот

Последната претстава на сцената на МНТ му беше „Јануари“, поставена пред повеќе од две години. По неа, а и подолго време пред неа, и покрај големиот број одиграни улоги како во театарот така и на филмот, не беше нешто „омилен“ за „експлоатација“ во својата прфесионална база.

Неодамна го видовме во ТВ филмот „Истрели во сонот на Марија“, околу кој се случија и други „истрели“, при што беше споменато и неговото име.  Следуваше улогата на Фауст во истоимената претстава, во режија на Ѓорѓи Јолевски (во Драмски театар) и толку.

  • Зошто се поретко ве има на вашата матична сцена, Македонскиот народен театар?

– Тоа би требало да ги прашате луѓето кои одговараат за (и кои го создаваат) репертоарот на таа куќа.

  • Еден од нивните одговори е дека сте незгоден за соработка…?

– Да. Тоа е еден од нивните „изговори“. Во ова време, кога се е свртено наопаку, што и да кажам околу тоа ќе е малку. Некои колеги доцнат на проби или воопшто не доаѓаат на нив. Доаѓаат пијани на претстави и што знам уште какви не, се откажуваат поради нив претстави и така натаму, но тие не се незгодни.

Се трудам, во рамките на моите способности максимално да и се предадам на работата. Си забранувам да се разболам, приватните проблеми ги оставам надвор од театарот, избегнувам да се „опуштам“… Не се задоволувам со малку. Секогаш барам повеќе од себе, а за жал, често го очекувам тоа и од другите. Признавам дека немам „флексибилност“ да се вклопам во одредени шеми, ниту пак да премолчам некои нешта и покрај тоа што така би ми било „поудобно“.

Никој не е совршен, па така ниту јас. Како што никој не е само добар или лош. Меѓутоа, своите ставови и принципи ги почитувам и се борам за нив се разбира, се додека некој или нешто ме разубеди, но со аргументи. Верувам во вредноста на достоинството. Ако сето тоа значи незгодност, тогаш не сакам да бидам „згоден“. Сепак, накусо, мислам дека таквите етикетирања доаѓаат од арсеналот на балканската битка со недозволени средства.

  • Не се плашите дека ваквиот поглед на нештата ќе ве осами?

– Не ми е тешко да бидам сам со себе. Не ми е тешко да бидам со другите. Напротив. Само не ми ни требаат оние кои ќе ме потчукнат „доверливо“ по рамото, зашто сум им одел по ќефот, без разлика што јас чувствувам или мислам. Знам дека мешањето со некоја „глутница“ божемни истомисленици може да резултира и со одредена корист, но цената според мене, во крајна линија, сепак е преголема.

Ми се допаѓа онаа на Крлежа: „Луѓе! Тоа што сум сам, се уште не значи дека не сум во право!“

  • Некои понудени улоги и сте одбиле. Постои ли можеби страв од младите актерски имиња?

– Смешки. Зар волкот може да се плаши од јарињата!? Одбивањето или прифаќањето на улога за мене зависи од минимумот творечки консензус што треба да го содржи потенцијалниот проект. Тоа не значи дека се исклучуваат можни промашувања, но таква е нашата работа – авантура. Никој не е осуден само на успех.

Инаку, во мојата „незгодна“ кариера сум имал среќа да работам со многу режисери и актери. Никогаш не сум се плашел да застанам покрај некој мој колега. Напротив, работата со актерски имиња  од вистински голем формат, како една Милица Стојанова на пример, само повеќе ме инспирирала и ми давала поттик да дадам повеќе од себе.

Знам што сакам, колку вредам, колку можам и си го знам своето место. Своите актерски способности сум ги покажувал и докажувал таму каде што треба – на сцената. Се плашат оние што „славата, наградите, името“ ги заработиле со кодошење, полтронизирање или било кој друг вид квазилојалност.

  • Задоволен ли сте од „Фауст“?

– Од претставата сум задоволен, но пред се сум презадоволен од самиот творечки процес на пробите. Со Ѓорѓи Јолевски сум соработувал и порано и имав доверба во неговите способности. Работевме максимално одговорно и тимски. Морам да подвлечам дека сум воодушевен од соработката со младите колеги (Ѕвездана Ангеловска, Искра Ветерова, Арна Шијаковиќ, Дејан Лилиќ) кои покажаа висока професионалност, креативност и преданост.

Се „вљубив“ во извонредната Кренаре Невзати Кери, која е „виновна“ за сценските движења и кореографијата во претставата.

  • Личи ли Алксандар Чамински на Фауст?

– Во секој случај, овој Фауст личи на мене, зашто јас го играм (се смее, нов.заб. ). Нашето битие во суштина е спој на спротивности, двополово. Секој од нас го носи во себе и Фауст и Мефисто. Расчеречени сме меѓу сомневањата, стравовите, несигурноста. Често не умееме да ги препознаеме вистинските нешта и вредности. Не можеме да се справиме со светот што сепак, по наша (човекова) вина изгледа така, како што изгледа.

Во  миговите на слабост и беспомошност паѓаме во искушение да и се препуштиме на нашата темна страна, да му дозволиме на Ѓаволот да не заведе. Му помагаме со вртењето на главата од проблемите, со прикривање, со непризнавањето на сопствената несовршеност. Во животот се трудам да се борам со сопствената фаустовштина, да не подлегнам на мефистофелските предизвици, кои денес за жал, се толку масовно присутни.

Да не се лажам себеси и другите, само поради тоа што така е привидно полесно.

  • Зошто сте незадоволни од „Истрели…“?

– Самата разврска гоовори доволно. Обвинувањата на Горан Тренчовски за кражбата на неговото авторство откриваат за што се работеше во суштина. Филмот нема врска со она за што јас се договорив со режисерот, ниту пак има многу врска со сценариото што го добив пред почетокот на снимањето. Но во текот на снимањето оној кој се афирмираше како продуцент почна да го зема филмот во свои раце и почна да измислува непостоечки сцени што филмот од една интимна психо драма, почна да го претвора во квазиакционен филм.

Најдобар пример за тоа е сцената на силувањето каде што заедно со младата колешка Кристина Христова една ноќ, четири часа поминавме во вода демек, поатрактивно било тоа да се случува за време на пороен дожд, молњи… Притоа, се што се бараше од нас, извршивме максимално професионално и не упативме ни збор на прекор, иако немаше ни минимални услови за некаква здравствена заштита.

Чашата се прелеа кога однесувањето на продуцентот (актерот Мето Јовановски, нов. заб.), со туѓи пари, ги помина сите долни граници на издржливост, односно се претвори во изживување. Што се однесува до мене, тој проект заврши кон крајот на август минатата година.

Меѓутоа, во филмот е користен материјал со мене, моето името име носи еден од учесниците во филмот. Ако е така, тогаш тоа повлекува со себе одредени финансиски обврски на „апсолутниот“ автор на филмот, што тој од своја страна не сака да ги изврши.

  • Ќе преземете ли нешто во врска со тоа?

– Засега побарав заштита на своите права преку Авторската агенција. Некој можеби би се помирил со сето тоа и би премолчел плашејќи се да не му залепат некоја „незгодна“ етикета, па така да остане без работа. Тоа е важно, но мене сепак, некои други нешта ми се побитни.

  • Што е најважно во животот?

– Да се препознае односот кон вистинската љубов. Низ своите подеми и падови, во професијата и приватниот живот, го препознав тој однос. За да се објасни пак тоа, не стигнуваат ни десет изданија на „Екран“ ни сите томови на Ленин.

Накусо, сфатив дека витинскиот однос кон оние што најмногу те сакаат, кон најблиските е во давањето. Безрезервното давање во кое што нема шпекулација за возвраќање. Без планирање колку ќе се земе назад.

Најважно е тоа, тој однос полн со почит кон оние што се покрај нас, на кои им го должиме тоа несебично сакање. Тука не сум се штедел никогаш, па ни кога работите изгледале безнадежно.

Бранка Н. Доневска

„Екран“, 1997 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *