Сутерен.мк

Светските заговори и пријателите!

После сите глупоштии (и од луѓе што сум ги сметала за паметни), се решив да организирам еден ЗУМ на имбецилните теми со мои ептен блиски и, нормално – се покајав! Накусо: нема ништо пострашно од бујна фантазија и површно знаење! (Дипломите само го шминкаат пештеризмот.)

Јас: Се што е научно, може да се побие. Со измислиците, оди ептен тешко…

Пријател 1: Така е дарлинг! Глобализмот е разлигавен, неговите граѓани научени се да добиваат одговори на се и веднаш! Науката не е толку брза, ама затоа пак, бајачите едвај чекаат! Со неуки е невозможно да се расправаш. Не – во – змо – жно!

Пријател 2: Те глеам на кај го вртиш муабетот… Ама, за поткопувањето на авторитетот на медицинските стручњаци, поопасни се шарлатаните во политиката отколку антиваксерите од ФБ!

Јас: Имаме заеднички корен и покрај маалските верзиии, а тоа е да се најде барем, објаснување за пандемијата! Сите, ама баш сите убедена сум, дека веруваат во победа над вирусот! Вклучувајќи ги и тие што не веруваат дека Ковид 19, воопшто и постои. А, не веруваат, бидејќи повеќе се плашат од Бил Гејтс отколку од болеста! Пошто се плашат дека Гејтс (во што не верувам) ќе им даде решение и ќе мора да бираат, а со траењето на заразата можат да бидат пасивни – мрзеливи, неодлучни, сигурни т.е. одлуката да му ја препуштат на друг – на пример, Бог…

П1: Антиваксерите во моментов се најопакото зло на планетава! Тие и ја почнаа целата оваа серија на заговори. Се сеќавате кога ќе не построеја во 4-то оделение (или, било кое) и кога ќе ни бапнеа вакцина? Нит родител, нит согласност, нит сомневања! А што? Да не беа тие вакцини сигурни!? Кој ги проверил? Кој прашал? Оние на Дедиње, Водно и т.н. да не се збогатија од тунели копање? Секогаш било исто, ама сега имаш интернет. Па можеш да наштетиш многу повеќе!

П2: Се знае дека Гејтс има патентирана вакцина против корона и само го чека моментот за што повеќе да заработи!

П1: Не Гејтс, друга компанија има патент за вакцина за коронавирус, но за жал, тоа е против коронавирусот што ги напаѓа кокошките! Ама да, Институтот добива донации од Бил.

П2: Сите знаат дека ги пумпаше бројките на заразени и умрени само за да го спроведе вакцинирањето т.е. чипирањето притоа!


П1: Лелее мајко! Па Гејтс отворено ги предвиде дигиталните здравствени сертификати, но никогаш не рекол дека тоа ќе бидат чипови!? Луѓе, не постои во моментов ни технологија која може да го спроведе ова што вашите умови ќе го смислат!?

Јас: Абе…

П2: Епидемијата ја најави уште во 2015 –та бидејќи целта му е да ја намали населеноста на Земјата и тој стои зад Корона вирусот и не туку ми продавај партиски памфлети!

П1: Друже, ептен си глуп! Во 2015 – та Гејтс зборуваше за епидемијата на ебола! За „депопулација“ никогаш збор не изустил!

Јас: Ама…

П1: Дај, ма, зуцни нешто!

П2: Што е со патентот ЊО/2020/060606?

П1: Тоа се „сензори“ кои регистрираат телесна активност. Наводно (уште не е ништо официјално) целта им е да го поттикнат здравиот начин на живот и тој да се награди со криптовалута!

П2: Русија не вика така!

П1: Зошто побогу Русија би слушала некој американски магнат, кој се обраќа исклучиво на американските пазари!?

Јас: Ама…

П1: Нема ама! Секако дека треба да се тргне од стравот на Поединци (поединци се во сите можни статистики) од вакцинирањето, но и од тоа дека нечие право на разбирање не може да биде над здравјето на колективот! Исто како што ни заразените не можат да им штетат на другите, така и оние кои не сакаат да бидат дел од колективната имуницазија не можат да бидат над колективот! Се се сведува на тоа, колку ние како општество ќе се договориме дали и, кој и што е над заедничкиот интерес!

Јас: Абе…

П2: Немаше да биде вака, ако токму ВИЕ, наводно, високо образованите не ги проширивте митовите за потеклото на вирусот, за таинствениот лек, таргетирање на групи… Сите нешто работат, а никому не му е важно!

П1: Да преведам: „каде е создаден, кој го прошири, како се шири“ (ко демек, најважно е ова во моментов!?), „варикина и озонизација на крвта“, „ништо не ни можеа ни поделбите, ни ослепувањето на Самоиловите војници, па сеа за некаков глуп вирус ќе се секираме“!

П2: Се повеќе е очигледна поврзаноста со болестите и особено Коронавирусот со 5Г антените!

П1: Во Иран нема базни станици за 5Г мрежа, а има околу сто илјади заразени и над шест илјади умрени од Ковид 19!

Јас: Ама…

П2: Што ма, ама!? Немаше да бидеме тука и вакви доколку при ширењето на некои човекови права, не ограничувавме други!

П1: Кај се обврските!?

П2: Вие шминкерите, денешниот разговор за правата го направивте незрел! Само се бараат права без да се мисли на обврските. А само според правата и обврските сме еднакви!

П1: Ај, погледни си во џебот каков чип (од злобната корпорација) имаш? Ајфон, нели!? Кој е после шминкер?

Јас: Абе…

П2: Сите заштитни системи ги имам вградено. Најскапите!

П1: Ахам. А од кај ги набави? И во компјутерот дома и лап – топот и таблетот… И тоа што си на интернет 24/7! Среќа, не ги интересираш ни ти ни јас, така што сме безбедни до баеги години…

П2: Сеа ти ми викаш дека сум глуп?

П1: Не, разговараме, ок! Ти ги почитувам личните искуства, но почитувај ги и ти моите!

П2: Не, ти сакаш да кажеш дека јас поим немам и сум будала и верувам во баба Ванѓа!

Јас: Ама…

П1: Па и личиш на таков, без разлика на образованието.

П2: А ти, на што личиш, си се видел? Грдоќа за пример!

П1: Барем се оженив.

П2: Јако! Се ожени за да не те зборат дека си педер. Да се венчаше со Северина, можеби и ќе ти поверуваа. Вака, утка.

Јас: Абе…

П1: Ти немаш ни жена, ни деца!

П2: Хехехехехенце! Која будала преполна его си ти! А демек, децана, твои се? Со љубов праени, во незаборавни страсни ноќи, со планови со госпожата за ветена романтична иднина, лојалност и паметење на секој нејзин мирис!? Божем не знаеме дека се ви е договор: таа да не се здебели и да не прашува кај си, со кого си, ти да носиш пари! Хехехехенцеа до смрт!

Јас: Ама…

П1: Што па ти – ама, абе!? Што не гакна нешто? Оди таму лечи си фрустрации на тоа сајтчето и не туку навлегувај во теми што не ги разбираш! Абе, ама… Бог да чува!

П2: Ти не навлече на ова! Тоа и ти беше целта – да се испокараме! Ваљда си задоволна. Тажно.

П1: Баталија бе! Глеаш која алапача е!? Дрнда, колку да се издрнда нешто!

П2: Така е!

П2: Иако, тебе кога сум те замолил што и да е, стално си ми велел „тури му ку.от“. Дарлинг бар, ќе праша…

П1: што ќе прашуваш, ако нема за прашуење!? А и твоите прашања стално биле глупи!

Јас: Абе…

П2: Ај, ма па ти, више кажи!

Јас: Нема поголема грешка од отворање дискусија на интернет! Само кафана е за вакви муабети!

П1: Хахахаххах! Ја откри Америка!

П2: Лелелеее, ова сериозно!? Ти мислеше ќе си чатиме, онака….

П1: Абе, баталија!

П2: Баталена.


Човекот е битие со имагинација и фантазија и овој период е пред се, предизвик за антрополозите!
Конфузијата односно, парадоксот е дека имаме информации од прва рака, а се помалку доток на важни податоци.

15 мај 2020 година, zoom meeting

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us