Сутерен.мк

Сезонско дотерување

Сопругот нагло ми се здебели, а треба да одиме на одмор и тоа со пошироко друштво! Му викам малку да се среди, знаете она, теретана, диета, а тој не сака ни да слушне! Дреме пред телевизор и стално повторува, ако се срамам од него да си одам сама на одмор, а дека тој нема намера да се мачи себеси заради некакви мои хирови!

Лена

Лена дарлинг, бидејќи сум непоправлив хедонист кој нема намера, ама баш никаква, дури ни во ретките продирања на одредена луцида интервала, да се откаже од било што пријатно (во рамките на важечките закони, секако) заради нечии ненадејни просветлувања од културно – општествени феномени и проблесоци на стихијната простачка идолатрија на детали, што и со најкреативната фантазија остануваат докажано сосема небитни во сечие и малку возрасно битисување,  за жал, морам да се согласам со вашиот партнер.

Купете си куче па, тренирајте го, масирајте го, чешлајте го, ондулирајте го, лакирајте го. Ма, правете му што сакате! Доколку преживее, држ’те го на кус ланец! За да не ви го испогани некоја маалска кучка врз која тоа едвај ќе чека да скокне.

Драга моја, одите на одмор или на избор за „маж што само јас можам да го имам“?! Една од женските победи е и таа што маж со сопруга никако не станува позгоден од останатите, но затоа пак, жена со машки партнер покрај себе, по автоматизам е со помал задник и потенка половина! Со било каков маж.

Почнете ли да го дотерувате сопругот поверојатно е дека ќе останете без него отколку дека нешто ќе средите!

Смирете си ги нагоните стекнати од озборувањата во фризерските салони и одете на летување опуштени во меката прегратка на животниот ви сопатник и збор да не чујам! Точка. Односно, три точки.

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us