Секоја нова година, како и секој нов почеток се пречекува со надеж. Дека нешто ќе се смени, на подобро. Чувството притоа е двојно: промената, колку и да е позитивна, со себе нужно носи и нелагодност и некако, како да се потцртува она што повеќето од нас сакаат да го потиснат – дека се е минливо, се е релативно, дека се што ќе дојде, останува некое време и си заминува!
Впрочем, светот постојано се менува. Без разлика дали ние сме го забележале тоа или не. И колку и да заличи ова обраќање како исечок од книшките што се продаваат по супермаркетите од типот „12 чекори до успехот“, некои работи едноставно, мора да се повторуваат, а почетокот на годината е како создаден за тоа.
На пример, дека моќта на овој свет доаѓа од луѓето кои живееле пред нас. Кои сфатиле дека и покрај тоа што секој период носи свои трендови, животни филозофии, секоја генерација го промовира сопствениот светоглед, некои базични вредности остануваат универзални и вечни – љубовта, трудот, вистината и почитувањето на автономијата на другиот.
Се што се случува, се случува во одредено време, следејќи го законот на растот и опаѓањето. Тоа е основниот аксиом и, ако не го почитуваме, не можеме да очекуваме ништо добро од иднината. Поентата е да ги тестираме своите илузии, претпоставки, амбиции, но притоа да сме свесни дека сета реалност е во сегашниот миг, а не на некое место кое не ни постои некаде освен, во нашите умови. Дека изборите што ги правиме, добрите и лошите, имаат цена: секогаш нешто губиме, за нешто да добиеме, затоа што ништо не е бесплатно. Меѓутоа, животот е возбудлив и има смисла само благодарение на промените. Затоа, да не забораваме дека не сме ние тука поради животот туку животот постои заради нас и да ја славиме вечната смена на случувањата, ако сакаме да уживаме во патувањето и да стигнеме некаде.
Еден многу мудар човек еднаш рече: „ Не ги престигнувајте попаметните од себе. Вистинската натпреварувачка дисциплина се вика – кој подолго, а не кој побрзо ќе вози.“ Јас би додала – и кој со помалку сообраќајќи, притоа.
Чувајте се себе си, чувајте ги најмилите. Не ги фрлајте старите ќебиња. Оваа зима допрва почнува.
Среќно…
Бранка Н. Доневска