Сутерен.мк

Снобизмот насушен

Другарка ми од пред некој месец како да го изгуби здравиот разум! Само се влече по кафулиња, по бутици со скапа гардероба, ништо не ја разбирам што зборува. Се однесува вообразено, се облекува без врска, јаде без врска. Целата е за никаде. А до вчера беше сосема поинаква, а и другарки сме цел живот. Сега е иста како оние водителкине на телевизија. Многу ја сакам и не знам што да правам со неа? Фала богу ги затворија рестораниве, па малку се прибра дома! Нит од вирус се плаши, нит од сиромаштија!

Верка

Верка дарлинг, вашата другарка е заразена од најмасовната болест – снобизам, а заболената личност има само еден симптом: да ги импресионира сите оние што се под нејзиното ниво! (Да, таа е таа апсурдност – не ги засега мислењето на оние над нив туку на останатите.)

Вие би требало да бидете внимателни бидејќи снобовите по правило, се востоличуваат секогаш на сметка на некој друг. Две (не)оправдани причини има за ваков вид на однесување: брзо стекнато богатство или физичка атрактивност, а ни едната ни другата не се со голем труд заслужени, нели!?

Најважно, лек нема, а епидемијата зема се поголем замав и последиците секој ден стануваат се пострашни. (Дури и првооделенци го исмеваат соученикот, ако ужинката ја носи во обична ќеса.)

Материјализмот стана позитивна особина, се форсира органска храна, ефтиното по дефиниција веќе не е квалитетно, дури се измислија и снобовски работни места.

Госпојци со стегачи за коса наместо здолништа, водат пладневни емисии на ТВ, нашминкани како анимир дами и зборуваат што е ин, а што аут, луѓе на наместо да работат нешто, облечени и намирисани како за на свадба, пијат минерална вода по системот капка по капка со часови по кафулињата на таа, единствената главна улица и се размафтуваат со фрази што ништо не значат, лудаци со бесни коли  можат да те прегазат на паркинг, старци шетаат кучиња, а внуците ги занимаваат фитнес тренери.

Не знам, драга моја. Ќе морате некако да се вклопите или ви отиде другарството. (Пандемијава од вирусот ќе помине еден ден, ама замлатувањето да се биде елита на ова педа земја, нема!)

Најбрз начин за трансформација е да забодете очила за сонце на темето со бела пластична рамка од што подречлива марка, стиснете под мишка што поџуџеста џукела и секако, го збогатите речникот со термини како фул, топ, ред карпет, ивент, велнес, опињон мејкер…

Не дека сум против тоа да станеме свет. Напротив! Конечно и треба да станеме свет. Нормален. Иако изгледите за тоа се безнадежни, сметам дека отпор мора да се дава. Ако за ништо друго, за да се зачува прометејскиот дух…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us