Сутерен.мк

Татјана Алексиќ: Шоу тајм

Сензационализмот на политичките партии е хронологија на едно хронично болно политиканство, зависно од скандали и сензации. Политичарите сѐ повеќе личат на церемонијал мајстори, на забавувачи, ама без смисла за хумор, оти нивната дрскост и ароганција не е поткрепена со продуховен интелект.

Невоспитаноста владее, интелектуалната инфериорност триумфира, а криминалот брилира! Нормалните полудуваат, кој од револт, кој од глад, ненормалните оро вијат – ,,живео коловоџа” кој и да е!

На народот, кога е гладен, дај му занимација да си најде ,,заебанција” и да не мисли конструктивно! Така удобно сместени ,,карши” моќниците, ако не ни се тие со нивната забавна политичка програма, платена или бесплатна, обичниот плебс не би имал теми за ,,домашна” по фб профилите и порталите.

Имам чувство дека се натпреваруваме за подобра оценка додека шоу-гејмерите се играат со нас Hunger games. Истите, многу реторички луто изгледаат во нивната јавна комуникација, забиберена со одмазнички пориви и ниски страсти, со кои хипердеструктивно создаваат услови за нови препукувања во недоглед…

А всушност, истите си имаат исти бизнис агенди, седат заедно по кафеани и прават планови за иднина – секако, нивната лична иднина, оти ова е време на ,,личното пред колективно”. Поради лични апетити владее колективна глад.

Политичките аналфабети тешко се дистанцираат од разорното влијание на лошата политичка клима во хаотична држава. Без демократски потковани институции и правда, не може да вирее слободна критичка мисла.

Разбирањето на стварноста е потисната од владеењето со стварноста – затоа сите ,,бистриме” политика која владее во матни води.

Допрва ќе имаме шоу-тајм само без лајт-шоу, оти ќе мора да штедиме струја и веќе нема да треба некој да го изгаси светлото пред да замине.

Од церемонијал мајсторите, во очекување шоу тајм крешчендо.

(Авторката е наставник по македонски јазик е една од малкуте дами на ова тло, која не само што има да каже, туку и го кажува тоа. Без задршка, калкулации и уште поважно, не обзирајќи се на бамборењето на бесрамните, кои толку многу ги има, а богами и со добро здравје и долг животен век се.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *