Сутерен.мк

Трета (не)среќа

Неодамна бракот кој траеше една година и во кој родив дете ми се распадна заради друга жена. Јас му бев трета сопруга, а тој ме остави заради друга, погрда, понеобразована, промашена личност. Најмногу ме боли што јас му бев најубавата од претходните, со кои исто има по едно дете, а и сум позгодна од сегашнава. Капак на се, се неговите родители кои ич не се заинтересирани за моето дете. Се однесуваат како да не постоиме.

М.К.

М.К. дарлинг, просто не можам да верувам дека убавица како вас, образована и професионално реализирана, се залетала по обичен плејбој, кој згора на се, се дрзнал да ве напушти за никаква шмизла!? Некој што се венчава на секоја пауза за ручек и таман поминале Младенци, а тој веќе успеал дете да направи, со нова сопруга, стигнал и вас, таква надобудна, да ве искомпромитира со четврта жена!? Се испотресов.

Вие навистина имате голем проблем. Со себе. Само за доброто на тоа кутро дете што го имате со ветропирот се надевам дека нема да бидете толку неодговорни како и неговиот татко, па да исполепите пола град со ваши фотографии под кои ќе пишува „Видете што пропушта оној неранимајко!?“ или „Јас сум најубава, тоа сите го знаат!“ Туку дека ќе ги соберете парчињата од вашата раскашкана суета, ќе ги ставите во некој подрум и ќе почнете посериозно да мислите на вашата иднина и пред се, на онаа на тоа мало човече што ви го оставил дотичниот.

Што се однесува до бившите ви свекор и свекрва и тука немате голем простор за лутење: па каде попрво да стигнат!? Синот им ем, ака наоколу ем, трошоци за свадби им прави постојано ем, деца расејува по улици!? Детето не е нивно наследство туку ваше!

Впрочем, наспроти сите наши традиционални предубедувања, факт е дека многу од дедовците и бабите поколенијата ги гледаат (има и меѓу родителите доста конформисти) само како бројка, како знаменце за пред роднините и познаниците, за чие добро всушност, никогаш не би си ја нарушиле својата комоција. Баталете ги големите очекувања од другите. Одењето бос по светот и со крстот на грбот е тешко и бара голема пожртвуваност. Меѓутоа, тоа е еден од најефикасните начини да се стане човек. Квалитетен…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us