Сутерен.мк

Уранија Пировска: Ме трогнуваат тешките судбини

„Во нашата држава постои една традиција на прикривање на пропустите иако во помала мера од порано но морам да истакнам дека прикривањето на состојбите и пропустите не им одат во прилог на оние што ги прикриваат бидејќи после одредено време тоа се враќа како бумеранг со ужасни последици“ – вели, Уранија Пировска, државен советник за меѓународна соработка и односи со јавноста при Народниот правобранител на Македонија, која за оваа институција работи од 1998 година

  • Колкава е всушност, моќта на Народниот правобранител?

– Омбудсманот, како што популарно се нарекува Народниот прабобранител, претставува орган кој во своето постапување не користи присилни мерки или санкции и токму во тоа е поентата на неговото постоење. Значи, да делува во правец на заштита на правата на граѓаните со укажувања, препораки и мислења упатени до органите кои одлучуваат за тие права. Ова има двојна улога: од една страна, да ги заштити правата на граѓаните но, од друга страна и да делува на органите на државната управа да ја унапредат својата работа или поточно речено, да го унапредат генерално својот однос кон граѓаните заради кои постојат. Администрацијата е замислена да делува како сервис на граѓаните бидејќи од раѓањето па до својата смрт, граѓанинот е принуден да коуницира со јавната администрација заради остварување на своите права.

  • Кои луѓе најчесто се обраќаат до Вас?

– Во нашата канцеларија најчесто доаѓаат граѓани од ниските социјални слоеви. Многумина од нив се наоѓаат на маргините на општество. Луѓе кои остануваат зачудени кога ќе ги сослушаме. Понекогаш само тоа и им е потребно и излегуваат благодарни и покрај тоа што, не сме биле надлежни да им помогнеме. Некој ги ислушал и им обрнал внимание, ги поучил. Многу често токму поуката е решение за нивниот проблем бидејќи голем дел од нив и не знаат како и пред кој орган да ги остварат своите права. Тоа е она по што омбудсман институциите се разликуваат од останатите државни органи и тоа е она што ние се трудиме секогаш да биде присутно во нашата комуникација со граѓаните – хуманата димензија.

  • На што најчесто Ви се жалат?

– За сите овие години колку што постои институцијата најмногу се жалат на работата на судовите. Бројот на претставки за оваа област секоја година е се повисок. Поразително е дека граѓаните ја имаат изгубено довербата во судовите и многу често кога ќе им кажеме дека остварувањето на нивните права треба да го бараат во судска постапка, реакцијата им е песимистичка и многу често коментираат дека штом е така, значи, нема ништо од таа работа. За жал, не веруваат во правдата пред судовите. Секако, се обраќаат за права од сите сфери од општествениот живот но најчесто, поплаките се од сферата на имотно-правните работи, работните односи, социјалата, полициското постапување… Нашите годишни извештаи покажуваат дека од година во година се зголемува бројот на успешни решени случаи што претставува показател дека сепак, некои работи се движат во општеството од аспект на човековите права.

  • Кои стандарди според Вас, се најважните во една држава?

– Професионалност, ажурност и свесност! И, секако, хуманоста.

  • Постои ли тоа во Македонија?

– За жал, не доволно. Всушност, мал е бројот на луѓето што знаат кои се граѓанските права и што се, се подразбира под нивно кршење! Не можете да очекувате дека одреден државен службеник ќе постапува одговорно и совесно, ако нема воопшто чувство за тоа дека станува збор за кршење на човеково право. Сенсот е многу важен и тој оди заедно со менталниот склоп, а за тој да се промени потребни се години едуцирање. Тоа е сепак, процес.

  • Што е она што треба особено да не загрижува?

– Мислам дека најпоразно е што децата стануваат се повеќе жртви на насилство – и во семејството и надвор од него. Загрижува дека имаме случаи на деца кои умираат од раката на своите родители, а сето тоа како недостаток на систем на првенција и систем на заштита. Потребни ни се добро екипирани центри за социјална работа кои ќе работат на детектирање на состојбите што во одредени дисфункционални семејства можат да доведат до злоупотреби на најмалите. Децата се ранлива група и општеството треба да им даде посебна заштита. Впрочем, Република Македонија е потписник на Конвенцијата за правата на детето и според тоа се обврзала да ги обезбеди сите права гарантирани со конвенцијата! За жал, барем според нашите претставки, многу деца во државава не ги уживаат ниту, основните.

  • Какви беа почетоците на работата на институцијата?

– Тешки. Се соочувавме со груба игноранција, непочитување и тотално неразбирање на улогата на Омбудсманот. Државните службеници не доживуваа како натрапници и редовни критичари. Требаше многу напор да се вложи и многу зборување за да се постигне еден задоволителен степен на познавање на надлежноста и улогата на Народниот правобранител. Во првите 6 години мислам дека работевме за да си направиме простор за функционирање во системот, а во следните 6 за промоција и етаблирање. Фактот дека оваа година до овој момент во институцијата се примени 3300 претставки што претставува драстично зголемивање од лани, говори за тоа дека сепак граѓаните ја имаат довербата во институцијата но зборува и за тоа дека сепак и се уште се соочуваат со потешкотии во остварувањето на нивните права.

  • На кои области особено ќе се фокусирате во наредниот период?

– Па, пред се, во превенцијата од тортура бидејќи со ратификацијата на Факултативниот протокол кон Конвенцијата за превенција на тортура, Народниот правобранител е определен да ја врши улогата на Национален превентивен механизам. Тоа значи, дека освен заштита и ќе ги превенираме состојбите кои можат да доведат до тортура и тоа секако, во установите каде таа најчесто и се случува, а тоа се оние, каде слободата на движење е ограничена: казнено-поправни, воспитно-поправни установи, полициските станици, психијатриски установи. По однос на ова прашање Република Македонија со години наназад добива негативни оценки во извештаите на Комитетот за превенција на тортура особено за состојбите во затворите.

Втората област е дискриминацијата. Се очекува донесувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација и формирање на посебна комисија која ќе работи на ова прашање. Постоењето на оваа комисија сепак, нема да го попречи и постапувањето на Обдусманот во оваа сфера бидејќи, согласно Уставот Народниот правобранител е надлежен да презема мерки за заштита на начелата на недискриминација и правична застапеност. Ќе треба многу да се работи на промоцијата на овој закон и запознавање со формите на дискриминација бидејќи, голем дел од граѓаните нив не ги ни препознаваат, а дискриминацијата многу често е затскриена зад друга повреда на човеково право.

  • Одавате впечаток дека целосно сте „заглавени“ во работата…?

– Ја сакам својата работа и среќна сум со посветеноста на заштита на човековите права бидејќи, ние можеме само да им помогнеме на граѓаните, а не да им наштетиме. Нашите врати се отворени за секого. Транспарентноста е она што е иманентно за една омбудсман институција и јас се трудам овој принцип секогаш да биде почитуван. Особено, што сметам дека колку повеќе отворено се зборува за негативните состојби во општеството, толку повеќе правиме чекор напред во надминување на истите. Во нашата држава постои една традиција на прикривање на пропустите иако, во помала мера од порано но, морам да истакнам дека тоа не им оди во прилог на оние што ги прикриваат бидејќи, после одредено време тоа се враќа како бумеранг, со ужасни последици. За жал, кај нас се чека прво тоа да се случи па, потоа, да се преземат соодветни мерки. Признавањето на пропустите претставува карактеристика на зрелост која ние како општество се уште не можеме да се пофалиме дека ја имаме.

  • Како ги доживувате сите тие неправди? Ги „носите“ ли дома тажните приказни или по затворањето на вратата на канцеларијата се е заборавено?

– Си ја „носам“ работата секаде со себе и не можам да се ослободам од неа. Многу често се слоучува да сум „опседната“ со некој случај кој во текот на денот ме трогнал. Во нашата канцеларија доаѓаат луѓе со навистина огромни проблеми. Секојдневно сме сведоци на тешки човечки судбини и тоа човек не може, а да не го земе при срце. Од секогаш ме револтирале и ме растажувале неправдите и бескрупулозноста која се повеќе се чувствува помеѓу луѓето. Непочитувањето и бруталното кршење на правата и достоинството на граѓаните и најмногу од се неможноста и покрај се во некои случаи да се помогне. Ме растажува човечката бедотија и немањето свест за потребата од почитување на туѓите права како предуслов за почитување на сопствените. Се уште, бурно реагирам кога слушам за човечки несреќи предизвикани од нечија немарност и неодговорност, а особено кога станува збор за синдромот на неказнивост, кој се уште е присутен во нашето општество.

  • Како се справувате со негативните емоции?

– Патувам но, не премногу. Често се гледам со моите пријатели и тоа во голема мера ми претставува начин на совладување на стресот. Во последно време почнав да чувствувам поголема потреба да поминувам време на чист воздух па, се трудам од време на време да одам Водно, а од неодамна почнав да одам на јога и тоа многу ми помага. Се разбира, тука се и часовите по француски јазик што исто така ми претставуваат големо задоволство иако, и тоа претставува дополнителен напор во текот на работната недела. Сепак, она што најмногу ме релаксира е книгата. Пасионирам читач сум и времето поминато со книгата ми е од непроценлива вредност.

  • Има ли нешто сепак, во работата што Ве радува?

– Како не!? Силно се радувам кога ќе слушнам дека на некој граѓанин сме му помогнале или заштитиле со наша интервенција. Тоа ми дава елан и верба дека сепак, нашите напори не се безначајни и дека иако, кроце, се движиме напред. Верувам дека истрајноста е една од особините кои треба да ги имаме сите ние кои работиме на планот на заштита на човековите права.

  • Што мисли ќерка Ви за вашата професија?

– Се трудам често да разговарам со неа за она што претставува суштина на работата на омбудсманот од причина, што сметам дека треба да има познавања за основните начела и вредности на кои се темелат човековите права. Гледам дека покажува интерес особено што и самата изјавува дека сака да биде правник како мене. Мислам дека и се допаѓа тоа што го работам и забележувам дека и самата полека гради ставови за тоа што е праведно, а што не е.

  • На што се жали еден тинејџер чија мајка работи за обдусманот?

– Мислам дека нејзините “жалби и поплаки“ се типични за нејзината возраст. Секогаш “професорите премногу бараат“ и секогаш тие, тинејџерите остануваат неразбрани. Меѓутоа, многу често знае и да ми каже случаи кои во многу што личат на дискриминација помеѓу децата и тоа воопшто не ми се допаѓа. Ме радува што мојата ќерка тоа го разбира правилно и реагира на таков начин но и сочувствува со човековите несреќи. Секогаш сум имала другарски однос со неа и се трудам да се ставам и во нејзина кожа и да не заборавам каква сум била јас на нејзини години. Сакам да ја научам дека секогаш треба да верува во себе и да работи на своето надоградување како личност. Не сум конвенционална и не сметам дека треба да им се покоруваме на некои „квази“ вредности кои владеат во општеството. Ја учам да биде своја, да се сака себеси и да постапува кон другите на начин на кој и таа би сакала другите да се однесуваат кон неа!

Семејна приказна

– Борбата за човековите права ми е во гените со оглед на минатото на моите предци од двете страни особено, мојата баба чие име и го носам, инаку, хероина на романот на Петре М. Андреевски „Небеска Тимјановна“.
Израснав со приказните за борбата на нашето малцинство во Грција и за нивната голгота. Она што можам да го резимирам е дека без цврсто уверување и идеја ,сите борби за човечкото достоинство би останале безуспешни.
Убедена сум дека и во нашата работа доколку не ги внесуваме своите чувства, не сочуствуваме со човековите несреќи, нема да можеме успешно да ги заштитуваме човековите права.
Идеализмот е основата на која треба да се базира нашата работа.

Бранка Д. Најдовска
“Теа модерна”, 2009 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *