Лицата со трајна финансиска несигурност имаат и до двојно поголем ризик од срцеви заболувања или смрт од нив
Сè поголем број научни студии покажуваат дека финансискиот товар го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, независно од класичните фактори како што се пушењето, дебелината или високиот крвен притисок.
Лицата со трајна финансиска несигурност имаат и до двојно поголем ризик од срцеви заболувања или смрт од нив.
Анализата на Американското здружение за срце (AHA) покажала дека хроничниот финансиски стрес доведува до покачен крвен притисок, зголемена консумација на алкохол и тутун и нарушувања на спиењето, а сите овие фактори претставуваат ризик за срцето, пренесува Živim.hr.
На долг рок, финансиската несигурност делува како хроничен воспалителен процес, слично на психолошката траума или депресијата. Други студии покажале дека финансискиот стрес е посилен предиктор за срцев удар од недостигот на физичка активност или дебелината и ја зголемува кардиоваскуларната смртност за 50 отсто во период од десет години. Ова особено ги загрозува лицата со ниски приходи.

Фактор на ризик
Д-р Роланд Пронџински, кардиолог и специјалист по интерна медицина, фокусиран на психокардиологијата, вели дека финансискиот стрес е долготраен стрес што подмолно го оптоварува срцето.
„Финансискиот стрес може хронично да ја активира оската ХПА (хипоталамусно-хипофизно-надбубрежната оска) и симпатичкиот нервен систем, што доведува до зголемено лачење на кортизол, адреналин и норадреналин, како и до зголемување на срцевата фреквенција и крвниот притисок.
Долготрајната активација на овие системи може да придонесе за стеснување на крвните садови, оксидативен стрес и ендотелна дисфункција и, заедно со другите фактори на ризик, да го зголеми ризикот од развој на атеросклероза“, вели тој.
Што може да помогне?
Иако грижите поврзани со парите не можат да се решат преку ноќ, можете да научите како подобро да се справувате со нив. Финансискиот стрес може да се ублажи со мерки како што се советување за долгови, намалување на трошоците, користење на достапните социјални надоместоци и избегнување дополнително задолжување.
Психолошкиот стрес може да се намали преку разговор со блиски лица или стручни лица, со примена на техники за дишење и со редовна физичка активност.