Еден половен автомобил е стар шест години и има поминато 150.000 километри. Другиот има само 90.000 километри, но е стар 12 години. Која е посигурна куповка?
Одговорот не е толку едноставен како што често се мисли. Податоците на Центарот за возила на Хрватска покажуваат дека и староста и километражата имаат големо влијание врз појавата на неисправности, но на различни начини, пишува Tportal.hr.
Кај автомобилите помлади од пет години, стапката на неисправност кај најдобрите марки се движи од само еден до три отсто. На пример, во текот на 2025 година Volvo имал 1,36 отсто неисправни возила, Mazda 1,38, Suzuki 1,92, Toyota 2,28, а BMW 2,44 отсто.
Кога возилата ќе влезат во старосната категорија од пет до десет години, бројките значително растат. Honda во оваа категорија имала 4,75 отсто неисправни примероци, Volvo 5,04, Toyota 5,53, Mazda 5,67, додека Volkswagen бил на 6,59 отсто.
По десет години разликата станува огромна

Кај возилата постари од десет години, сликата е сосема поинаква. Дури и марките со најдобри резултати имаат двоцифрен процент на неисправни возила. Mercedes-Benz бил на 14,35 отсто, BMW на 17,41, Volvo и Audi на околу 18,3, а Toyota на 19,01 отсто. Кај некои марки, неисправностите надминувале една четвртина од прегледаните примероци.
Километражата исто така го зголемува ризикот, но тука постои една замка. Автомобил кој за шест години ќе помине 150.000 километри често голем дел од својот живот го поминал на автопат, каде што моторот, менувачот, спојката и сопирачките се изложени на поинаков режим на работа отколку кај возило кое секојдневно поминува кратки градски релации.
Од друга страна, малата километража не е гаранција за добра состојба. Времето подеднакво влијае врз гумените заптивки, цревата, корозијата, течностите, акумулаторот, сопирачките и бројни други делови кои стареат дури и кога автомобилот малку се вози.
Ако, значи, се избира меѓу помлад автомобил со 150.000 километри и значително постар автомобил со помала километража, добро одржуваниот помлад автомобил често може да биде посигурна куповка.
Тоа не е универзално правило, туку заклучок кој произлегува од фактот дека податоците на Центарот за возила на Хрватска јасно покажуваат значителен пораст на неисправностите со стареењето на возилата, пишува Tportal.hr.
Затоа, најважно е да не купувате километража или годиште, туку конкретен автомобил.
Сервисната документација, прегледот на шасијата, стартувањето на ладен мотор, состојбата на моторот и менувачот, како и проверката на историјата на возилото, можат да бидат многу повредни од петте цифри на километражата.