Сутерен.мк

Што е љубов? (2)

Многумина страдаат од илузија на љубов. Додека љубовта е само една, илузиите за љубовта ги има ептен, многу!

„Вредам онолку, колку што сум сакан од страна на за мене важни луѓе“ е една од најчестите и скриени илузии во која чуѓето цврсто и имплицитно веруваат.

Таквата личност верува о дека не заслужува да биде сакана како некои други луѓе. Тоа е се разбира, илузија бидејќи тоа што личноста не добила онолку љубов колку што сакала од за неа важни луѓе (родители, роднини, партнерите) не значи дека не може да биде сакана од некои други луѓе.

Верувајќи дека не заслужува љубов ваквиот човек ова свое убедување го потврдува и во реалноста. Привлекувајќи и бирајќи ликови кои од разни причини не можат да ја сакаат, низ искуството само си го потврдува своето почетно убедување.

Од каде им е на луѓето увереноста дека не можат да бидат сакани или дека нешто им недостасува заради што не можат да бидат сакани воопшто или онолку колку што би сакале? Таквиот став потекнува од детството – отсутност на родителите, недоволно внимание и нежност, одбивање… сето тоа детето го толкува како личен дефект, што подоцна преминува во чувство на помала вредност односно, во анксиозност и депресија. Подоцна, како возрасна личност, со сфаќањето дека љубовта е присутна сега и овде, дека не е резервирана само за одредени луѓе, тоа може да се промени.

Многу важен столб на менталното здравје е љубовта кон себе си. Љубовта кон себе не е нарцизам или самовљубеност. Нарцизмот е карикатура на себељубовта. Себељубовта е предуслов за љубов, лична благосостојба и душевен мир.

Да се сакаш себе си значи да се прифатиш во секој момент, во сите состојби и изданија безусловно. Само личноста која себе си се прифаќа во целост може вистински да се менува, развива и живее во мир.

Секое одрекување, неприфаќање и самообезвреднување води до расцеп со самиот себе, што претставува основа за сите дисфункционални чувства како анксиозност, вина, потиштеност, срам и бес кон себе.

Нарцисот е личност која не умее да сака ни некој друг, па ни себе си, затоа и страда од чувство на празнина. Нарцисот е психички инвалид кој се храни со туѓата енергија на љубовта, но како што не е во состојба да дава љубов, така не е способен ни да ја прима, па заради тоа постојано страда од внатрешното чувство на празнина.

Љубовта почнува во семејството и таа матрица врз децата ја пренесуваат родителите и роднините. Доколку ништо во меѓувреме не се промени во односите тој „програм“ може да се пренесува со генерации… Меѓутоа, секој возрасен може да научи да се прифати себе си безусловно и да се поврзе со сите на едно пошироко рамниште на вселенската љубов.

Љубовта и Еросот не се исто нешто. Љубовта постои и без еросот. Љубовта за разлика од еросот не е желба, туку начин на постоење. Љубовта и еросот се спојуваат во љубовта меѓу партнерите и служи за продолжување на видот, уживање, ослободување на стресот…

Љубовта не е исто што и страста, желбата за восхитување и поседување. Љубовта не е суета. Не е еуфорија нит копнеж. Таа не е дури ни чувство: радоста, мирот се манифестација на љубовта. Кога некој ќе ги измеша овие работи, тогаш има навистина проблем…

Д-р Владимир Мишиќ, психолог и психотерапевт

(продолжува)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Contact Us