Сутерен.мк

Јасна Котеска: Монтажа на емоции

Разлистувањето на историските фотографии стана форма на туризам на ужасот
Телевизиската монтажа на историските емоции е со цел да го анестезира гледачот!


На Интернет налетав на кратката снимка позната под името „Човекот пред тенковите“ или „The tank man“. Снимката е направена од екипите на Си-Ен-Ен и на Би-Би-Си во текот на 1989 година, за време на крвавиот судир на демонстрантите и на кинеската војска на плоштадот Тиананмен во 1989 година. Најпознатата фотографија од овој настан ја сними новинарот на Асошиејтид прес, Џеф Виденер и таа, во експресно време, ги обиколи светските насловни страници, а денес редовно се наоѓа на списокот на 100-те највлијателни фотографии што го смениле светот. На снимката е прикажан анонимен Кинез како со подигната рака стои пред колоната воени тенкови во движење. Тенковите се обидуваат да го заобиколат човекот, но тој постојано го менува местото на стоење, во зависност од движењето на тенковите. Оваа снимка, освен по крвавиот масакр од Тиананмен, стана позната и поради симболичната порака за растечкиот контраст помеѓу апстрактната воена машинерија и очигледната немоќ на човекот, кој, сепак, нема намера да отстапи.

Се сеќавам на серијата музички спотови на Мајкл Џексон, од „Man in the mirror“ (1988) до „Heal the world“ (1991), на кои со голема брзина беа излистувани кратките снимки од големите светски катастрофи, од сликите на глад, болест, војни и смрт. Дел од култните филмови од 1990-тите, ја следеа постапката на Мајкл Џексон. Во „Народот против Лари Флинт“(1996) на Милош Форман, сопственикот на Хастлер, во одбрана на порнографијата, со голема брзина наизменично покажуваше слики од крвавите фронтови и од порнограските сцени, и прашуваше „Што е подобро, ова или ова?“ А всушност, со наизменично прикажување на двата типа фотографии во серија клишеа, тоа што го направи беше точно изедначување и поистоветување на двата типа фотографии. Во „Петтиот елемент“ (1997) на Лук Бесон, таква беше сцената во која „петтиот елемент“ што треба да го спаси светот, ликот на Ли Лу (ја играше Мила Јововиќ), на екранот ги прелистува фотографиите од светските катастрофи, и плаче.

Фотографската минијатуризација на катастрофите, тоа нивно телевизиско „разлистување“, создаде еден нов медиумски жанр, да го наречеме – туризам на ужасот. Тој доведе до исчезнување на самите слики за катастрофите. Моторизираното забрзување на сликите од кои е избришана секаква културна навика, секаква културна трага, доведе до театралниот ефект на ексхумиран свет. Тоа е свет на ограбувачите на гробовите, свет на „денот потоа“, кога повеќе ништо не е важно. Ова порамнување на фотографиите конечно не служи за ништо друго, освен за задоволување на есхатолошкиот воајеризам, тоа е гледање во лешинарството на фотографската рамнодушност. Ме боли ли оваа слика? Мене повеќе не. А тебе?

(Авторката е македонска писателка, теоретичарка и филозоф. Работи како редовна професорка по книжевност, родови студии и теориска психоанализа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Има објавено 11 книги и преку 200 студии, преведени на 12 јазици.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични мислења на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *