Сутерен.мк

Бесрамност

Не е само глупавоста причина за отсуство на срам. Многу почести и поопасни се интелигентните и нарцисоидни манипулатори, кои не само што не знаат за срам, туку ги убедуваат другите дека треба да се срамат за нивните постапки. Глупавиот глупавее, но манипулатор владее сè додека му дозволуваш. „Сами си го баравте и потпишавте“! Ете, таков ќе биде одговорот на ЕУ во иднина.

Татјана Алексиќ

Толку за политиката, не ја разбирам, само интуитивно ја чувствувам. Малку генерално за бесрамноста во секојдневието.

Сè поретко забележуваме руменило по образите на луѓето поради срам. Само кај децата, во најрана возраст може да го забележите таквиот природен, феноменален феномен. Надворешна манифестација на внатрешни чувство на срам – феноменално. Но во систем каде владее расипаност, бесрамноста е поданик, блеферска алатка. Современите феномени за градење кариера на блеферски начин се модерни алатки за успех, кој е релативен, апсолутна е човечката глупост, што би рекол Ајнштајн.

Фолиранти и блефери во изобилие низ светот, а електронските медиуми податливи за реализирање на принципот „со лага до вистина“ во сите општествени сфери. Политиката е како квасец, во сè се меша, го нараснува тестото, зголемува и така надуено го пече во народната кујна спремна да проголта сè што ѝ се сервира.

Во систем на владеење без идеологија, со висок коефициент на неопределеност, поделеност и антагонизам, во ништожноста на една заедница без личен, но и колективен идентитет и инстант политика, со леснотија на површност непроверено се прифаќаат сервирани информации, за да се изразат моментални емоции со фрикативни гласови, без самогласки.

Во недостиг на емоционална интелигенција, а присуство на акумулирани горчина, гнев и омраза, често читаме и слушаме навредливи зборови од кои поцрвенува од срам и софтверот на компјутер, за разлика од човековата бесрамност. Наместо слободен и креативен истражувачки дух, бестијално се општи со животински инстинкт за опстанок на бескруполозните.

Изместени вредности инванзивно влегуваат без да „тропнат на врата“. На навредливи зборови, исто како и на спиновите, човекот се навикна небаре чита училишна лектира…

Извор: Човекот пред се…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *