Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: На патот за никаде!

Уште еден старт е пред нас, кој толку долго трае што забораваме и зошто и кога сме го смислиле. Ама толку е полн надежи, како кога загазуваме во некое море од најавена среќа што, иако длабоко во себе знаеме дека е само фалшиво празно ветување, ама баш ништо не може да не поколеба, да загазиме во него, по којзнае кој пат!

Да, да… Секоја Нова година, исто. Веруваме дека нејзиното пречекорување на прагот ќе донесе огромна промена што ќе ни внесе радост во секојдневното битисување. Дека конечно, нема да бидеме повеќе сами, ниту тажни, ниту уморни, ниту сиромашни… Дека повеќе ќе се смееме, а помалку плачеме. Дека нешто ќе се случи! Нешто убаво…

Наспроти сета таа, со ништо разумно оправдана еуфорија околу подоброто утре, мене паралелно по шините ми мозочни ми клацкаат успесите и неуспесите (овие вториве многу повеќе) од минатото, соочувањето дека (пак) ми се потврдува дека животот ретко е убав, дека големите очекувања засекогаш ќе останат такви – само големи очекувања.
Па туку така, ќе ми излезе „пред очи“ кредитот што ќе го плаќам и од оној свет, па сите здодевни и самопреценети роднини на кои треба да им се јавам и им честитам празници, па чистењето по куќа до онесвестување, готвењето без никаков усул, за на 31-ви хипнотизирана, уште во 22 часот да се струполам в кревет.

А следното утро, наместо „Среќна нова година мила“ или „Среќно, мама!“ (да не речам, сварено црно, свежо кафе), ќе ме пречекаат будалаштини од типот – „Каде ми е десниот сиво – црн чорап?“ , „Најди ми ја те молам, шнолата што ја купив пред пет години во Н&М во Солун!“ (шнола од 50 центи?!) , „А пената за бричење, за одмазда за шо ти ја знам, ми ја фрли, нели?!“ (ко божем би фрлила нешто, што јас сум го купила за друг?!), „Што да појадувам?“, „Дали да се бањам?“, „Кучето треба да се прошета!…“

Славниот куфер

Нејсе.
Една од најрелаксирачките работи ми е акањето по продавници, а ич не сум шопингохоличар – мразам пробувања, луѓе, каси, наакани продавачи, шефички… ама сакам да набљудувам.
Сепак, новогодишните набавки сериозно ги сфаќам и на време, па така, уште во ноември ја почнувам празничната набавка. Секако, со списокот информации присобрани од колешките и комшиките каде, што е најефтино и…
… Го сретнувам еден свој познаник со нов куфер самсонајт в раце.


„Уф, пак има нова жена!“, си велам во себе со самосожалување зашто, човекот, а најдеше нова сопруга, а купуваше нови куфери (бившите не му ги даваа самсонајтите за жива глава!), но и едвај чекаше некого да нагази за да му раскажува за новата, која секогаш беше „единствена, долгочекана, неповторлива…“ што ќе рече, со златна! Така, едно 4-5 пати…
Меѓутоа, на мое големо изненадување, тој ме запира со зборовите „Не, не бегај! Не се женам овој пат! Се селам на Нов Зеланд. Преку глава ми е и од жени и од пријатели. Продадов се и бегам.“
Е сега, веќе го имаше моето внимание. Навистина, созреа на 56 години, ама како велат – подобро некогаш, отколку никогаш.
Ми потенцира дека по седумте жени (што венчани, што невенчани, ама сите добро го одраа) и едно дете (не раѓаа кучките, си купуваа пудлици), некаде во Швајцарија кое не го видел 20 години, никогаш повеќе ниту една личност нема да прибере дома подолго од една недела, дека секогаш ми е на располагање, мене и семејната ми глутница да не прибере и на подолго, ако решиме и ми подели неколку совети пред големото бегство:

• Многу е важно да имаш недвижности во само своја, сопственост.
• Највозбудливото не значи дека е и најпријатното.
• Заради висината на платата не треба да се занемарува самиот живот.

Продолжува да ми зборува како уште по својата 40-та сфатил дека „бајката“ е раскажана, особено откако му почнале болките во грбот, вратот и колената. Кога веќе рестораните му здодеале, дуќаните му станале банални, а ноќните клубови го потсетувале на реликвии од некои стари, мамурни денови. Меѓутоа, тој пусти страв од старост, од немоќ, од смрт, го терал да се „глупира“ и понатаму. Особено, оние денови кога доаѓа новата година. (Што е право, во декември му беа сите женачки.)
„Е, сега“ вели, „доста ми е! Одам да се одморам и да живеам со себе! Ај, чао!“ Е, чао, де, си мрморам повеќе за себе зашто јас за разлика од него, ниту можам, ниту смеам, на нешто/некому да кажам чао!
А и ме мрзи.


Исто како што страшно ме мрзи ова акање по улициве за да најдам „се што е потребно за Новата“! А за возврат, како и секоја година, под елката ќе најдам од моите најмили, нешта за кои навистина треба многу мозгање да ги смислиш?!
Една година тоа беше миксер, па тостер, па некој „сецко“ (еволуција инспирирана од ТВ рекламите), очигледно очекувале да не се мрднам од шпоретот следните 365 денови!
Друг пат тоа беше еден огромен џемпер. Јасна беше пораката – „ослаби, ма!“
Во еден друг случај тоа беше „негова“ фотографија, убаво врамена и со посвета во стилот „срцка, се уште сум само твој!“ Демек, се испотепаа Македонкиве меѓу себе по него!?
А да, добив еднаш како подарок и гмечач на компири за пире (никогаш не го употребив, компирите ги рендам)… Па и плазма телевизор, влезници за спортски натпревар, парфем на кој сум алергична, ситни глупости што не се подаруваат ни на шестгодишно девојче, крем против брчки, а еднаш и 20 евра, бе!?
А јас ќе ги мозгам и мислам, да не се почуствуваат навредено, да ги погодам „у душа“, да им покажам дека ги разбирам и сакам!? Нов Зеланд е блиску. На месечината ми доаѓа да се преселам!

Големите „почетоци“

Згора на се, кога ќе почнам да китам по дома се некому пречам: „Кај најде баш сега!?“ (Е, кога да китам, на 2 август!?) „„Мора ли ова да стои баш тука!?“ (Не мора. Како што не мора ни твојата долна облека да ја кревам смачкана и водена од бањата секој ден.) „Нели си стара за вакви работи!?“ (А не сум стара кога очекуваш да ти играм чочек на маса по 10 часови поминати на работа, а!?) „Мамо ма, врска немаш од китење! Се е по старски!“ (Ма, тоа најмногу ме вади од такт – стара, па стара си! Никому нему текнува дека полошо од тоа да бидеш стар е никогаш да не остареш!) Нели е конечно, докажано дека жените од 45 до 65 година се во состојба, а не во возраст!? Нели тогаш се најслободни, најреализирани и најсекси зашто се ослободени од многу (само)наметнати обврски и очекувања!? Нели велат, во овие децении доаѓа таков наплив на енергија од која секој маж би се уплашил токму заради тоа „враќање кон самата себе!?“ Мноооогу нелииии?!


На крај, доаѓа она: „А, ќе одиме некаде за Нова година?“ (Да бе, ќе одиме – откако ќе испотрошам се што чував во случај да не се разболам на вашите ќерефекии, исчистам, испеглам, изготвам, ги утешам сите роднини зошто синовите и ќерките не им се женети, а зошто снаите и зетовите им се обраќаат по име, им објаснам на комшиките дека не одам по куќи на кафе зашто не можам гаќите распослани да им ги гледам пред мојот нос, а не па муабетите да им ги слушам како улицата е раскопана шест месеци, ама градоначалникот е добар. Да, да, Нов Зеланд е ептееен блиску.

Ми ѕемнат рацете, ми ѕемнат нозете (тоа е нешто со женските хормони, нема врска со студот), ама продолжувам да се ѕверам по излозите каде што пишува „попуст до 70 отсто“. (Само нив ги есапам. Под тој процент се е „шала – комика“.)
И, види чудо! Еден од дуќаните разгласил: „Специјална понуда: самсонајт куфери на распродажба!“ Боже, Боже, кое искушение!

Да го земам, да не го земам… Може да ми послужи и за преспанска Сливница во лето… Да бе, за во Сливница баш, самсонајт ти треба!? А и скап е… Сосе сто од сто попустот. Ај, ќе видам утре…
Го ставам славниот куфер во помалечка фиока од мозокот ми, нешто испошопингував и, си одам дома. Кога таму – хаос! Се извадиле сите можни лампиони и светилки собрани во текот на 20 години „ропство“, сите машнички, божикни чорапи, торби, венци и слични мамци и тракатанци толку неоходни за пречекот на годината што доаѓа! Домашниов народ кој наутро не може да си ја најде ни десната пантофла за левата нога, се разбрефтал и кити ли кити!? Плус, ми велат: “Оваа година ти ништо нема да правиш! Веќе сецкаме за руска салата, се ќе смрзнеме, само треба да се измеша на 31-ви, сармата е свиткана и смрзната, измелено е се за колачите, исчистивме, само подарок не стигнавме да ти купиме. Сори…“

Ги гледам и не ми се верува! Некој им извршил колективна лоботомија, а јас не забележав!? Вонземјани ли ги заменија? Дури се свестам во која космичка димензија сум, околу мене се некој скока, со неверојатни признанија: „Де, одмори се, сега стигнува кафето. Сакаш перниче? Ги измив чиниите, да не се секираш. Ти ги исчистив сите чевли. Што да ти пуштам на телевизија? Ѓубрето е фрлено, а и мачката и кучето се нахранети. Купив јогурт, а и презла… Не ги купувам оние ролерки, навистина се бљак! Ја прочитав лектирата и ќе одам на натпреварот.“
Во зоната на самракот сум или некој Квантум Реј се зафркава со мене!? Таман да помислам дека Бил Гејтс нешто лично има со мене, домашното ни џукелче почнува да гризе некоја тутка од тврда хартија. Ја влечам од тоа раскезената му муцка и гледам – тоа не е никаква 5Г антена, туку картонска обвивка од бурбон. Скап.

Накусо (ако такво нешто е воопшто, возможно со мене), оној мој здодевен познаник кој се женеше секоја престапна година дошол да се поздрави (кој враг ќе го знае зошто, кога веќе се видовме пред неколку саати?!) и, покрај тоа што донел подароци за мене, не за нив (пола кило преубаво сирење, лепотан од бурбон и бонбони од бело чоколадо со кокос) им одржал и лекција од типот – вие сте обични, неблагодарни говеда!

Ете, што чуда може да направи едно појавување пред врата?! И тоа од кој?!
И наеднаш, веќе не станува збор за банален празник. Туку за прекрасна „лажга – тропалка“, што да ја немаше ќе мораше да се измисли. Зашто без таа Нова година, никогаш не би престанале со пушењето, почнале со учењето, барање работа, реновирање на домот, руска салата… Надежта во безусловната љубов ќе изчезнеше…
А и кога ќе имавте прилика да китите дрво со накит за дрво, а!? А и Нов Зеланд е толку многу далеку. Верувајте ми…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *