Сутерен.мк

Бранка Д. Најдовска: Осмомартовски Архимедов закон

Во недостиг на нормален живот, една реминисценција како го доживував 8 март пред коронавирусот, кога се беше ненормално

Едвај тој 8 март го убедив домашното ми стадо дека е доволно топло, а и татко им поприлично богат, за да го посетат нашиот велелепен аквапарк, помал од канцеларијата на секој газда на домашниве ни „светски“ универзитети. Тоа што човекот кој ми го „подарил“ семенскиот материјал за неговото разгалено потомство, се избезуми на моите ораторски способности на деца да им ја презентирам калта од најградскиот парк на светот во забавно водно игралиште со дозвола да се кашкаат во него, не ми ја намали ни за грам мојата пролетна попладневна намера.

Ги облеков во стари скафандери герилците, не е уште доволно топло за костими за капење нели, и испраќајќи ги со широка насмевка и охрабрувачко потчукнување по рамо на средовечниот им старател, му се препуштив на планираното. Наполнив тоа кадата со топла вода, малку се прелеа, ама нема врска, зедов куп магазини в рака со месеци што ги собирам и почнав да читам и да се релаксирам со новостите по светот особено, оној женскиот.

Така се заѕверувам во една статија  според која група на израелски научници по години и векови истражување дошле до заклучок дека жените се најплодни во пролет. А и децата што биле зачнати во оваа сезона на парење биле поздрави, поумни и посреќни во иднина. Види, види, чудесија! Не знам за другите, ама јас останував во блажена состојба спростирајќи ги пижамите на маж ми, така што и покрај неодобрувачките погледи на комшиите вработени во Македонски железници, мораше да почне сам да си ги суши „спавачите“. Децава, сите до едно се родени некаде околу Нова година и Божик, а богами, штом ги праќам во скафандери на почеток на март, во нешто што глуми аквапарк, тешко дека имаат вишок сиви ќелии!?

Стајлингот на желките       

Меѓутоа, да, морам да признаам дека секоја пролет ми е се поплодна. Во мојот двор нема март, а да не никне некоја животинка. (Откако главата на семејството сам си ја менаџира долната облека,  фала му на бога, не никнуваат веќе деца.) Во моментов среде кокичињата и зумбулите мене ми се меткаат еден пес, мачка, желка, два петли и една мравка – во тегла.

Да појаснам: кучето беше земено како јоркширски териер (ги знаете оние сорти што се чуваат во вазна), а излезе дека е мечка што лае. Која го влече ќебето од куќарката и редовно е со него на излет врз дрвата за огрев. Врнело, не врнело. Така што од Снупи, денес се вика Бернард. Мачката, која требаше да биде мека, бушава и мила излезе лик од Ивица и Марица, па ја храниме исклучиво со виршли (без обвивка), пилешки стиснати гради во црево и млеко. Подгреано. Се вика Константина, таканаречена Контеса, а се одзива на името Маца. Кога сака.

Петлите беа две слатки пиленца земени од село, еколошки производ, за да не ни умрат за два дена. Во сегашно време тоа се две магариња кои скокаат и колваат по секој што ќе покаже и најмала намера да се допре до дворната врата. Јадат се – од поштенското сандаче до ќерамидите. Желката е во постојано бегство особено по третманите за убавина. Штом насети дека и се подготвува лакирање, облекување и шминкање од женскиот дел од микро – племето ми, добива на неверојатна брзина и вештина. (Подобра е од сите МКД спринтери заедно, а и скијачи. Нордиски.) Пола ден ни треба да ја пронајдеме во околните дворишта. Ја препознаваме лесно – колку желки можете да сретнете маникирани и облечени ко барбики!?

Мравката е всушност, најголемиот фајтер во приказнава. Постојано е во обид на самоубиство, ама теглата не и дава – се крши од напад на паника! А богами и порасната е побајаги од лани. Ова ви го раскажувам апропо текстот во „топ“, „ин“, „вип“,  магазинот за домашните миленичиња и нивното смирувачко дејство врз хуманоидите…

Следува егзалтирачки текст за модните трендови, топ формата, топ изгледот и сите останати ТОП-ови… Знаете она –  шетање, кафулиња, аксесоари, покажувања и докажувања. Никаде не се споменува кому и зошто. Се повеќе сум убедена дека вакви тривијалности пишуваат новинар(к)и од оној тип: топ изгланцани и крцкави до аритмија, кои на пороен дожд чекаат „градски“ со чадор. Зашто „спонзорот“, ако го имаат, баш тој ден има болна мајка, роденден на детето, дечко со задоцнети сипаници, климактерична жена…

Не сакам да сум злобна напротив, многу си сакам да мислам за себе како за добар човек, но навистина ваквите писанија ми се навредливи. Па како може да се дрнда со редови и редови за трендови, шминка, диети, деколтеа, а притоа сигурна сум, ниту една желка не би можеле да дотераат пристојно?

Поразот е уште поголем кога ќе дознаете дека  обично „писателкиве“ се средовечни хиени облечени во хеланки, кои фризурата не ја смениле сто години, како ни нијансата на карминот што исто толку време не го менуваат, а им чини цела плата. Поентата очигледно, им е да изгледаат како да ги чуваат во формалин. Им успева, признавам. Она што не им успева е да изгледааат како  25 – годишни, а дишат воздух веќе половина век. Не знам од кај им е потребата за тоа? Едвај се ослободив од сета таа младешка наивност и несигурност, па сега ќе и се враќам назад? Глупости.

Трендови… Побанален, попретенциозен, поапстрактен поим не знам дали постои.  Седите онака, во фризерница и читате за „трендовите“ за кои сте сосема свесни дека никогаш нема да ги носите. Ниту видите тродимензионално. Што е според мене, сосема непотребна фрустрација. Можеби никогаш нема да влезете во бутик на „Шанел“, но можете да имате „Шанел јакна“. Свратете до зафрлените продавничиња и тезги по Стара чаршија, Чаир, Топанско и Шутка и ќе видите еден цел неоткриен свет.  Всушност, откриен е на улица Македонија, ама чини тројно поскапо, а исто се „склопува“. (А и расклопува по две перења. Барем тоа што доаѓа кај нас.) Проверено.

Топење сланина и туршија

Што се однесува до диетите, знам за себе дека не постои ни една што кај мене функционира. Ни со, ни без перење теписи, миење дворови и прозорци, бришење и забришување по се што оди на две, а и на четири нозе. (На мравката уште не сум и ги пребројала колку ги има.) А тие физички активности траат преку цела година.  А храната? Мене пролет ми е секое годишно време. Туршијата и ајварот се зеленчук. Конзервиран, ама зеленчук. Не, месо. Чистење, трошење калории, веганство и слично вагабонтство едноставно, не  функционира. Вагата не мрда.

На крај на моето „релаксирачко“ попладне ми дојде при рака археолошката анализа и проценка од типот (и топ и вип, секако) што да подарите на женскиот дел од вашиот пекол за Осми март. Правете што ќе правите, ама мене тој осми ден од мартот ми преседна откако се омажив. Имено, овој самонабеден празник и овозможи на мојата свекрва секоја година слатка одмазда затоа што нејзиниот син не стана домазет во Кочани, заради мене.

Така, првата година ми подари мидер, па стегачи за вени, па лонец во кој што собира сто килограми пржен  ајвар, па мешавина од чај за смирување, па неколку години по ред пижами на точки во кои изгледав како Шрек. Е, ама ни јас не сум бенигна појава. И се одмаздив искористувајќи ја лакомоста на мојот свекор. И однесов четири килограми зачинето мелено месо, што не може да се смрзне туку мора веднаш да се употреби, па окапа правејќи сарми, мусаки, полнети пиперки и ќофтиња.

Следниот пат, огромна ќеса со „подготвена специјална“ смеса за крофни, палачинки и вафли од „најпознатата“ пекара во градов. Не мрдна жената од шпоретот ни на 8, ни на 9 – ти, па ни на 10-ти март. Наредната година и однесов пет килограми праз. Фати некој час и од 11-ти.  А потоа и десет килограми сланина. Е, прашајте ја како и беше варосувањето? (Сами варосуваат. Од Тетово се луѓето.)

На крај се откажа, а се откажав и јас па таа година и го подарив „Ангел“  од Тери Муглер. Го чува како украс и не му дава на маж и ни нелупен кромид да приближи до ѕвездестото шишенце.) Со тоа завршија моите осмомартовски дарувања. Двосмерни. Патем, од мојот животен сопатник сум добила само еден подарок – апарат за депилација. Кога сфати дека со него не може да се бричи, веќе не ми подари ништо.

Како што ми се олади водата во кадата, така ми се олади и главата. Доколку посакаш да се релаксираш не ти требаат ни топ, ни ин, ни вип медиуми. Само некое добро интервју и осврт од умен, образован и непретенциозен човек, наречен жена. Како на пример, од Слободан Рељиќ, долгогодишниот главен уредник на култниот НИН, кој велеше дека денешните медиуми постојат заради профит, а не заради информирање и образование. Заради соголена пропаганда. Од секаков вид.

Медиумите, како и банките на пример, се главните бранители на статусот кво. Тоа народот го препознава и затоа и кренал раце од нив. Затоа и нема сила ништо друго да гледа освен забава, спорт, реални шоуа, сапунски серии… Граѓанинот токму благодарение на некогашните „сериозни“ медиуми т.е. она во што тие се претворија, веќе не верува ни дека судството е независно, ниту дека лекарите се држат до заклетвата на Хипократ, ниту дека било која денешна храна е здрава, ниту дека мафијата не стигнала до врвот на власта, ниту дека политичарите ја водат државата во добар правец, ниту дека орбитрекот не е справа за мачење. Лагата се шири како карцином.

И сега јас, токму оваа пролет, со сета оваа менажерија околу себе и студената вода во која сум, решив да учествувам во тоа „кво“!? Да читам за надградба на нокти, трепки, коса и памет!? Ја смотав бањарката околу себе, свртев телефон повикувајќи ја гардата да се врати дома запрепастено прашувајќи ги од кај им е идејата дека во аквапарк се оди во март, нахранив  тоа џукелите по калливиот двор и си ветив дека ништо што содржи зборови како тренд, топ, вип, ин, нема да конзумирам. И ги фрлив магазините во печката. (Кога василевсот ќе ја види пепелта од нив има да шизне, што е придобивка плус.)

Всушност, животот е едноставен. Личностите без професија, а со огромна потреба за претерано внимание, како политичарите и она чопорон Кардашијан ни го искомплицираа.

Најважното останува непроменето: баш е добро да се дочека пролетта здрав, жив, радосен и со сите драги луѓе на број…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *