Сутерен.мк

Вампирски дружби

Имам пријателка за која би се рекло дека ми дава поддршка и ме весели нејзиното друштво. Имам уште една, за која не знам што да кажам – навидум е пријатна, весела, но секогаш, после средбата со неа, кога ќе дојдам дома, се чувствувам лошо, испразнето, фрустрирано, параноично, со чувство дека сум дала многу, а ништо не сум добила за возврат. Се чувствувам како да сум искрварила. Зошто?

Исидора М. 41, Битола

Исидора дарлинг, се чусвтвувате така затоа што вашата (втора) пријателка е емоционален вампир. Вака, клиничкиот психолог Albert J. Bernstein во книгата „„Emotional Vampires: Dealing With People Who Drain You Dry“ ги нарекува луѓето кои на површината се сјајни, талентирани и харизматични, но кои ја цедат од вас сета ваша емоционална енергија. Споменатиот психолог ваквите штеточини ги поделил на неколку типови па еве, можеби кусата елаборација за нив ќе помогне барем, малку…

Контрол фрик: Оваа сорта на вампири е секогаш беспрекорно облечена, средена и организирана. Кај нив не постои едноставна одлука – секоја опција мора да се измери и анализира, но кога веќе еднаш ќе ја донесе, не го менува своето мислење. Во принцип, се верни пријатели и, ако нешто ви ветиле, сигурно тоа и ќе го исполнат, но нивната опседнатост со детали може да иритира. Тоа се перфекционисти, со јасен морален кодекс и очекуваат и другите да се однесуваат на ист начин. Во спротивно, ќе ги разочарате па иако, никогаш намерно нема да ве повредат тоа нивно разочарување без да трепнат ќе ви го удрат од глава. Од вашата. Меѓутоа, со сите маани, светот би се распаднал без нив. Тие се тие, кои одработуваат се. Прифатете дека никогаш нема да направите ништо толку добро како тие, но дајте им до знаење дека ве вознемируваат. За нив се е црно – бело така што, ако ги покажете своите емоции можете да им одржите добра лекција.

Параноичните вампири многу брзо се навредуваат, со денови знаат да бидат нерасположени и талентирани се од мувата да направат слон. Ним работите никогаш не им се случуваат туку така – тие се сметаат себе си за „одбрани“ и буквално, се’ доживуваат лично! Сомничави се кон сите, а страствено ги штитат своите најблиски и оние од кои имаат било каква корист. Нивните очи постојано бараат докази за нечии грешки па со нив, човек треба деноноќно да е на штрек зашто, ако решиле и ќе ги пронајдат. Тие, речиси по правило, се брутално искрени па најдобро е никогаш да не ги прашувате за мислење освен, ако не сте некој патолошки мазохист. Ако криете нешто овие параноици, тие токму тоа и ќе го пронајдат. Единствен начин да се заштитите од нив е да бидете сосема искрени, ако имате намера да ја продолжите дружбата. Зашто и најситните бели лаги тие ги доживуваат како атак врз себе и подлога за нивната теорија дека вие заедно со целиот преостанат свет сте во таен заговор. Против нивната величественост. Важно е да не наседнете на ваквите трикови за владеење и контролирање.

„Хедонистите“ кои секогаш сакаат да се напијат уште нешто плус, да останат подолго, кои немаат грижа на совест кога лажат за да го добијат она што го сакаат, импулсивни личности кои речиси за никого не се грижат, се исто потенцијални предатори. Шармантни се и забавни и, секој би ги имитирал, но не секој е неодговорен и несовесен. Најчесто го кажуваат она што вие го мислите и никогаш нема да ви се спротистават за да не им исчезне таа аура на кул дечки. Тука се само кога животот е добар. При првата пречка, непријатност, немилосрдно ќе ве напуштат. Финансиски се неодговорни, трошат премногу пари на разубавување и ви наметнуваат да мислите на работи кои инаку, не би ни претпоставиле дека можат да ви влезат во видокругот. Доколку не сте расположени за забава и дружење, вие сте тотално неинтересни. Уживајте со нив кога се оди на добро, но не очекувајте повеќе од тоа. Не се ставајте во ситуација да правите нешта за кои ќе зажалите, а демек, во името на вашето пријателство и, скриј те го добро паричникот.

Јас и само јас креациите се без сомневање многу успешни и на големи маки истото и да ви го дадат и до знаење. Не само достигнувањата, туку мора да станете свесни и за сите важни луѓе кои тие ги познаваат. Се трудат да ве импресионираат па ќе сторат се за да помислите дека им сте важни. Тоа се личности на кои им се восхитувате, се додека не ги запознаете одблизу и сфатите колку се во суштина, безобѕирни. Доколку не зборуваат за себе веројатно, нема воопшто да зборуваат. Можете да ги заинтересирате само, ако им го разгалувате егото величајќи ги нивните особини. Кога нешто им треба успешно ќе одглумат сочувство, како политичарите нели, но вистината е дека им недостасува топлина и емпатија. Доколку сакате нешто од нив, можете да се ценкате односно, ќе морате да ги убедите дека она што ќе ви го дадат, во суштина е добра инвестиција за нив. Инаку, ништо од бизнисот.

Доколку имате некој од овие вампири во близина, најважниот совет е дека треба да се наоружате со остри заби. Вештачки. Имате работа со вистински дебелокошци…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *