Сутерен.мк

Најмалиот етно – музеј е во Џепчиште

Веќе пет години Симеон Златев – Моне упорно се обидува да го привлече вниманието на канцеларијата на Гинисовите светски рекорди и својот приватен мал музеј во селото Џепчиште да го “смести” во оваа книга на достигнувања, но барем до сега, од глобалниот регистар на суперлативи, нема никаков одговор.

Златев не се откажува бидејќи, убеден е дека она што тој го поседува може да завземе место во категоријата најмали музеи односно, дека тој го има создадено најмалиот етнолошки музеј на земјината топка. Во меѓувреме, додека го очекува потврдниот одговор од зборникот на (не)обични информации, тој работи неуморно на збогатување на својата збирка и истата, што повеќе луѓе да ја видат.

Ја поканил дури и англиската кралица Елизабета Втора да го посети, од чиј кабинет добил љубезен одговор дека таа сепак, нема да може да дојде во Џепчиште, но на изненадување на Златев, многу брзо по писмото, минијатурниот музеј го посетил тогашниот британски амбасадор во Македонија, Роберт Чатерсон Диксон.

Всушност, многу странски допломати во земјава се запознаени со пасијата на Златев. За сиве овие години, впрочем, овој необичен простор го посетиле десетици илјади луѓе, за него направени се десеттина документарни записи, објавени се многу новинарски написи, “патувал” на петнаесеттина изложби, како низ државава, така и во странство, а еден студент од Етнолошкиот факултет дури и ќе дипломира на тема “Најмалиот етнолошки музеј на светот”…

Неговата работа не е игнорирана од авторитетите во државава. Благодарен е на разбирањето што го добива од Министерството за култура на Македонија, тетовскиот градоначалник, локални бизнисмени, но, најважно, како што вели Златев е тоа што најголемата поддршка ја добива од жителите на селото т.е. на целата тетовска околија, без разлика на нивната верска и национална припадност.

-Ме знаат сите односно, го знаат музејот и постојано ми доаѓаат да видат дали има нешто ново, да направат муабет со мене, да ги донесат своите гости тука… Тоа најмногу ми значи. Што мештаните веруваат и го почитуваат мојот труд!-потенцира тој.

Благодарение на упорноста на овој “чувар на дел од богатото културно наследство од сите етникуми што живеат овде” сочуван е вреден материјал, што потекнува од сите делови на нашата држава. Од големиот фундус со кој располага, селектирани се 1 150 предмети, кои се сместени во седумстотини и дваесет сантиметри квадратни, но сосема функционални.

Предметите главно се од крајот на 19 – иот и првите декади на 20-от век, а поединечни експонати потекнуваат и многу од порано (некои датираат од околу 8 000 година п.н.е.). Основната идејна замисла на концепцијата, како што ќе констатираат и професорот Крсте Богоевски од Природно – математичкиот факултет од Скопје и вишиот кустос, историчар на уметноста со археологија, Стојан Костадиновски, кои и ја потврдиле веродостојноста на Музејот во апликацијата за Гинисовите светски рекорди, не е да покаже се што поседува сопственикот и предметите да бидат средени и спакувани, како во некоја современа стоковна куќа, туку да го прикаже народниот живот во минатото на луѓето од овие простори.

Постојаната постановка во дел од викенд – куќата на Златев, во селото Џепчиште, кое се наоѓа на пет километри од Тетово, е своевидна публикација за едно минато време и ефикасно средство за информирање за истото. Своевиден медиум, кој пак, на никаков начин не ја материјализира таа своја улога.

– Влезот е бесплатен, но има место само за еден посетител, а, ако е малку подебеличок, нема да собере ниту еден! – полу на шега, објаснува Златев и додава дека токму малиот простор, соодветно осветлен, дава едно убаво чувство на интимност, на блискост со експонатите и поинакво нивно доживување.

– Всушност, ова е единствениот музеј каде посетителот директно контактира со предметот. Нема бариера, може да фотографира, да снима, а на крајот, како добри домаќини, ги почестуваме и со кафе или друг пијалок – раскажува Златев.

Материјалот во поставката, во зависност од изработката и неговата намена е распореден по групи (експонатите се од сребро, алпака, месинг, алуминиум, олово, калај, бакар, железо, керамика, дрво, хартија, платно), а посетителот на почетокот има можност да се запознае со стари книги и прибор за пишување, со монети и банкноти, што биле во оптек кај нас и во соседните земји и со предмети за чување на пари, накит и други скапоцености.

Веднаш по ова, забележливи се археолошките предмети како, монети, прстени, апликации, алатки, оружје, што се најдени површински и случајно на повеќе локалитети, што потекнуваат од раната антика, па се до доцниот среден век. Следува женски и машки накит т.е. детали за украсување како, пафти, брошеви, прстени, ќустеци, крстови, обетки, часовници, ордени, медали…

Во овој дел се презентирани и предмети од порцелан и стакло и разни штембили и печати. Обработката на металот како бакарот, месингот и цинкот е изложена во засебна целина и тоа како производи од казанџискиот занает, што бил многу развиен во нашата држава. Тука се разни ѓумови, ибрици, тепсии, вазни, легени и слично.

Од ентериерот во градската куќа ќе забележите мангали и тагари што служеле како носачи на жар за затоплување на просториите, потоа ковчези за чување на облека, ѕидни часовници, грамофони и огледала, како и фотографски апарати и фотографии. Понатаму, прикажани се алатки и орудија од разни занаети, а народните носии поточно, комплети на женски носии, претежно од Долни Полог, се одликуваат со извонредни изведби и украсување со растителна и геометриска орнаментика. Најчесто, како мотив преовладуваат ромбови, крстови, гранчиња и симболи на сонцето.

Всушност, премал е новинарскиот простор да се набројат сите изложени предмети, но да споменеме дека тука се сместени и ламби, свеќници, грнчарски производи и украсна керамика, дрвенарија…

Колекцијата на Златев е создавана три децении, а се започнало спонатано, кога тој инаку, роден скопјанец, како дипломиран архитект, добил работно место во подрачната единица на Министерството за транспорт и врски во Тетово и се преселил таму односно, се вратил во местото од каде што потекнува неговиот татко. Добивајќи во наследство од дедото имот во Џепчиште и разни, ретки предмети од секојдневниот живот на неговите претци, Златев направил викенд куќа во селото, а дел од неа, ја пренаменил за музеј.

– Во 1986 година на таванот на викендичката поставив изложбена поставка, каде моите пријатели ме посетуваа и уживавме заедно во етно амбиентот. Потоа, дојдов на идеја ова национално богатство кое се зголемуваше од ден на ден, да го пренесам во приземниот дел од куќата и да го споделам со повеќе луѓе. Така се нижеа годините. Купував и добивав донации од граѓаните, а во 1999 година, музејот беше подреден и презентиран од Стојан Костадиновски, виш кустос по историја на уметноста и археологијата, покој му на душата – раскажува Златев.

Збирката се проширувала со негови истражувања, прибирања и случајни наоди на колекционерот и други лица. Нашиот соговорник признава дека имал неколку можности да ја продаде колекцијата или дел од неа, но вели дека и на понудувачите им рекол дека нема пари за кои би ги отуѓил овие за него, скапоцени предмети.

– Оваа просторија за мене е Лувр! Има ли цена Лувр!? Ова е непроценливо богатство и не може туку – така да правиме купи – продај! – категоричен е Златев, кој својата љубов кон музејот ја искажал и така што, експонатите во него ги опеал во збирката песни, “Етно бројница”, а неодамна, ја објави и монографијата, насловена како “Монеграфија”, посветена на овој негов проект.

– Посакувам сега, откако излезе “Монеграфијата” на виделина, стручните лица поинтензивно да ги проучуваат предметите од минатото, затоа што тие го имаат клучот на вистината. Да се проникне во душата на Македонецот, кој пее кога му се плаче, а игра кога му е најтешко, човекот кој умее каменот да го стопли и навлезе во кодот на оставината, резбарејќи ја филигрански мислата, може само човек во кого е разбуден генот на чувството и вистината – смета, Златев, додавајќи дека тој не е етнолог, но со душа и љубов и почит пристапува кон нашето минато.

– А дали ги прочитав и разбрав доволно пораките и аманетите на нашите претци, времето ќе покаже и докаже – вели на крајот, сопственикот на најмалиот етнолошки музеј, потенцирајќи дека нема да се откаже од намерата, раритетната просторија од Џепчиште да ја внесе во Гинисовите светски рекорди.

За таа цел, тој веќе испратил во нивната канцеларија доказен материјал, што тежел десеттина килограми, каде впрочем е целото битисување на музејот односно, како што ќе рече неговиот креатор, на неговиот живот зашто, “Музејот” вели, “е мојот живот!”

Бранка Д. Најдовска

„Теа модерна“, 2010 година

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *