Сутерен.мк

Ноне Абрашева Ноциќ: „Да ти ги вакцинирам ќерките!“

Оваа реченица ја напишал прилично талентиран мразач на современата медицина, како одговор на советите и изјавите на професорот Никола Пановски, покажувајќи го притоа најжестокиот облик на човековата искреност!

Пљуканките „токмак“, „акмак“, „предавник“, „стоко“, „копиле гнасно“ „гнидо“, „гомнар“ и други, кои во превод значат – “ја знам боље“ како и „сега ќе си го добиеш“, експлозивно се размножуваат под секој пост или изјава која на мразачите не им се поклопува со нивното ценето мислење.

Оваа многубројна популација живее така што си ја полни устата и сите останати телесни отвори со разнородни фекалии, а откако ќе се добере до интернет врска, ја вклучува детонаторската каписла при што виртуелниот етер почнува да личи на канализациона мрежа. Во народното творештво оваа појава е отсликана во мудроста што сите ја чуле – „да му умре козата на комшијата“, а во модерното денешно, ѓоамити цивилизирано време, наивно се нарекува говор на омраза.

Ако го пребарате во речникот поимот омраза, ќе видите дека тоа е силно чувство на непријателство, одбивност спрема некого или нешто, а јас само би додала дека омразата е другото лице на љубовта. Само што за несреќа, омразата трае многу подолго од љубовта, има посилен самодеструктивен интензитет и го труе и мразачот и оној према кого е насочена омразата. Пукнале или не, тоа е.

Говорот на омраза, односно трескањето ко “Максим по дивизија”, наоѓа широка примена во сите ситуации каде недостигаат факти! Ааааа, да. За поединци мразењето е и единствен начин да бидат забележани и различни. Предмет на гнасење може да биде секој и сешто, но најчесто се почнува на локално ниво.

Станарите од една зграда, ги мразат станарите од другата зграда, зошто овие од првата ги гледаат овие од втората кога го џиткаат ѓубрето низ прозор. Водњанци се мразат со центарци од векот и затоа порано на договорени маалски тепачки си ги кршеле вилиците. Никој не знае зошто. И не треба. Важно е да се мрази. Деца од иста генерација, ама од различно школо, учат да билдаат мачоизам затоа што едниве пред нос им ги ќаруваат женските на другите.

Чкембарите си ебаваат мајката со Комитите, оти Битола нема аеродром, а Скопје нема нов земјотрес. За тоа време Балистите сложно скандираат УЧК, УЧК… Има такви што додека во кола до даска го слушаат последниот албум од Дара Бубамара од дното на душата ги хејтаат возачите на точаци, скејтборди и тротинети, инаку горди припадници на хип-хоп културата. Некои дечки органски не поднесуваат некои други дечки, иако овие вторите на изволте им ги оставаат сите жени на светот без ни да ги пипнат! Не е логично, ама што да правиме.

Како што неодамна се потврди сите ги мразат џандарите, (освен можеби полицискиот синдикат), затоа што ги тераат луѓево да дуваат без потреба, а им се силат и на тие што се веќе надувани, плус со стекнат имунитет. Многу гнасотии им се упатуваат и на поповите, освен кога ќе им притребаат во случај на свадби и погреби. Убедливо пред сите на оваа листа најхејтани, се носителите на јавни функции. Ако ме прашате мене, на последниве –малку им е!

Да не заборавам да споменам дека на планетарно ниво, пред сите води Бил Гејтс. Овој човек секоја секунда е бомбардиран со такви клетви, навреди, анатеми и магии, што се чудам како е уште читав. Така му требаше кога е дрзнува да го менува светот и да измислува интернет поле каде сите мразачи можат до бесконечност да пљампаат се што ќе им текне. И тоа без пари. Да не си му у кожа на Бил. Не е лесно да бидеш најголем филантроп во историјата на човештвто!

Да резимираме: говорот на омраза е поголема епидемија од сегашнава пандемија, за која се уште не е измислена вакцина. Најсилно букнува за време на морална криза и материјална немаштија. Се шири со геометриска прогресија, иако е тотално промашен механизам за одбрана од стегите на секојдневието.

Омразата е највпечатливата карактеристика на сите оние кои не се способни за нешто подобро. Во време кога стариот систем на вредности е девастиран, а нов не е измислен, оваа појава е несовладлива пречка за се што е добро. И немојте да заборавите: мразењето е само материјализиран бес на послабите! Се шалам бре, ве зезам. Хејтате си, ве боли г’з!

(Авторката е новинарка.)

*Ставовите изнесени во колумните се лични ставови на авторите и не го претставуваат нужно ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *