Сутерен.мк

Дојде, виде, победи

Шведскиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ доцна синоќа објави крај на својата играчка кариера, порачувајќи им на навивачите на Милан дека е време да се збогува со фудбалот.

Се веруваше дека 41-годишниот фудбалер ќе го напушти тимот на Милан по истекот на договорот и можеби ќе се пресели во Монца, но наместо тоа тој потврди дека засекогаш ќе ги закачи копачките.

По победата од 3:1 во негова чест се одржа посебна церемонија, играчите му направија почесен ѕид додека го напушташе теренот. Ибрахимовиќ се бореше да ги задржи солзите, пред да го земе микрофонот и да рече: „Дојде време да се збогувам со фудбалот, но не од вас“.

„Има многу спомени и емоции на овој стадион. Кога првпат дојдов ми пруживте среќа, вториот пат ми подаривте љубов. Сакам да му се заблагодарам на моето семејство… Сакам да му се заблагодарам и на другото семејство, играчите. Сакам да им се заблагодарам на тренерот и неговиот стручен штаб за одговорноста што ми ја дадоа, благодарам вам и на директорите за можноста“.

Тој подоцна на прес-конференција откри дека никој не знаел дека ќе ја објави големата вест.

“Ниту моето семејство не знаеше, бидејќи сакав сите да го слушнат тоа во исто време. Се чувствував како зомби, не се шегував, не зборував. Пред само три месеца почувствував паника од идејата да пензија, но денес ја прифаќам и чувствувам дека е созреана“, рече Ибрахимовиќ.

Тој им кажа на новинарите дека за време на неговиот говор по натпреварот, се обидувал да најде некој што не плаче додека гледа наоколу за да му помогне да најде сила да ги задржи солзите.

Ибрахимовиќ, секако, не ја пропушти можноста да се пошегува.

„Утрово кога се разбудив врнеше, си помислив дека дури и Господ плаче“, рече тој.

Дел од легендарните изјави на Ибрахимовиќ

„Не те повредив намерно и самиот го знаеш тоа. Обвини ме уште еднаш и ќе ти ги скршам двете нозе следниот пат, тогаш ќе биде намерно“, изјава по коментарите на Рафаел Ван Дер Варт дека Ибрахимовиќ намерно го повредил.

„Тоа што Џон Кару може да го прави со топка, јас истото можам да го правам со портокал“, изјава за француските медуми откако Кару рекол дека Ибрахимовиќ не прави атрактивни потези.

„Никогаш не сум ја запознал, ако имам прилика, веднаш ќе ја изведам на вечера“, одговор на новинарско прашање „Која е за тебе најубавата жена на светот“?

„Манчестер има еден крал, но јас дојдов тука да бидам Бог“, алудирајќи на прекарот „крал“ што го има легендарниот Ерик Кантона меѓу навивачите на Јунајтед.

„Ако ме купите мене, тоа исто како да сте купиле Ферари. Ставате квалитетно гориво и возите брзо по автопат. Пеп Гвардиола ме „возеше“ со евтино дизел гориво по регионални патишта. Требаше да си купи Фиат“, изјава за неговиот лош однос со Гвардиола од времето во Барселона.

„Не ѝ купувам подароци на сопругата, затоа што таа веќе го има Златан“, изјава за англиските медиуми после прашањето „што ѝ купил на сопругата за Божиќ“.
„Сакав да купам Порше, ама отидов и си купив авион. Авионот е побрз“, изјава за италијанските медиуми во 2021 година.

„Светско првенство во фудбал без мене на терените е најдосадното нешто за гледање“, изјава по привременото пензионирање од шведската репрезентација.

„Дојдов, видов, победив. Благодарам на навивачите на ЛА Галакси за топлиот прием. Златан сега си заминува, а вие вратете се на гледање бејзбол“, изјава откако му истече договорот со американскиот тим.

„Папу, на камера изгледаш многу погрдо отколку во живо. Жал ми е за шминкерите во студиото, сигурно се мачеле два часа пред да те пуштат во етерот“, коментар за Зумана Камара на француската национална телевизија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *