Сутерен.мк

Идна маќеа

Една година веќе излегувам со вдовец, кој има ќерка од 7 години. Кога и да сме излезени девојчето постојано му ѕвони на мобилниот да го праша каде е и кога ќе се врати дома. Мајка и е почината пред три години.

Ова се случува секој ден па и во доцна на ноќта и упорно ѕвони зашто не сака да заспие пред тој да си дојде дома. На почетокот на нашата врска се обидов да најдам разбирање, ама станува неподносливо. Почнав да се карам со него заради тоа.

Да бидам искрена, страшно ме нервира оваа работа и не знам до кога ќе издржам!? Не знам дали е во мене проблемот или девојчето треба веќе да научи да заспива само и да не командува со татко и толку?
С.М.


С.М. дарлинг, па вие како конкуренција доживувате дете кое има седум години?! Боже, Боже…
Кога сте се впуштале во романса со човек кој има обврски што мислевте?

Им поверувавте на сите оние приказни дека деца од туѓа жена/маж се прифаќаат лесно? Дека без проблем се заменува мајка/татко односно, се добива уште една мајка/татко и така сите среќно и безгрижно си живеат до крајот на животот?!
Тоа се претстави за јавност. Глумење широчини и височини. Притаена надменост пред светот, за да не се открие фрустрацијата, товарот и поразот.

Многу ретко во реалноста со раширени раце ќе се прегрнат децата од претходниот брак на партнерот. Толку ретко, што зборуваме за преседани. Обично, за жал, расправиите најпрво одат како – „ти ги сакаш твоите деца повеќе од мене“, а потоа – „ ти ги сакаш твоите деца повеќе од нашите“.

Звучите како да сте го игнорирале фактот дека личноста во која сте се вљубиле има дете. Девојчето постои, има татко и таа ситуација нема да се промени. Тоа дете ја изгубило мајка си и се плаши дека ќе го изгуби и другиот родител. Сте влегле во веќе формирано семејство и вие сте таа која треба да се прилагоди, а не тие. Особено не, некој на седумгодишна возраст.

Би требало многу добро да се преиспитате себе си и вашите чувства кон човекот со кој сте во врска. Особено, ако планирате во иднина и заеднички деца.
Нашиот менталитет ги зема здраво за готово децата и забораваме дека и ние сме биле некогаш деца и дека токму поради тој игнорантски однос кон нашите чувства и желби сме вакви, какви што сме – неспособни, недозреани, себични и цел живот – инфантилни.

Мајка не се само онаа која родила. Мајка е онаа која се грижела, сакала, штитела, негувала… Не само она физичкото, туку и емотивното.
Дајте му шанса на девојчето. Да ви верува, да ве почитува, да ве засака.
Има ли нешто подобро од тоа љубовта да се заслужи од едно дете?

Не инсистирајте на ништо со детето. Имајте трпение, бидете пријастел. Наградата е ненадоместлива. Секако, доколку навистина го поседувате вистинскиот човечки потенцијал. Доколку не, не се обвинувајте. Ептен ретки се „супермените“.
П.с.
Арно што почекал три години. Најчесто се преженуваат додека се уште не се ни „оладил гробот“…

(Упатствата во оваа рубрика се само субјективно гледање на меѓучовечките релации. Никако не треба да се сфатат како достојна замена за стручно мислење.)

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *