Сутерен.мк

И во болница повикаа Брза помош

На единствениот број за итни случаи 112 дневно се примаат околу 2.000 повици. Како што вели директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов. Половина од повиците се лажни, погрешни и злонамерни, но вработените сите ги сослушуваат. Со тоа, вели Ангелов, помагаат индиректно затоа што овие граѓани не ја држат зафатена линијата на Брзата помош или полицијата.

„Често се случува да се јави некоја повозрасна госпоѓа само за да си направи муабет. Има луѓе кои се јавуваат да проверат дали им работи телефонот или пак се јавуваат деца“, вели Ангелов.
Пред неколку дена, на 112 имале, како што велат, бизарен и чуден повик. Се јавило лице кои пријавило дека паднало и не добива никаква помош. Кога вработените во 112 го прашале каде се наоѓа за да испратат помош, лицето рекло дека е во болницата во Велес.

„Нашите оператори мислеле најпрво дека станува збор за некое недоразборање оти како е можно лице кое е згрижено во болница да бара помош? Но, навистина било така. Лицето било примено во болницата, но во текот на ноќта паднал од кревет и барал помош од сестра и доктор. Никој не доаѓал два часа. Успеал да дојде до мобилниот телефон и се јавил кај нас. Имал шипки во рацете и ‘рбетот. Кога нашите го префрлиле повикот во Брзата помош, тие биле збунети како сега да одат во болница да интервенираат. Нашите го контактирале и обезбедувањето, но тие немале соодветен клуч и не можеле да влезат. Настанала вистинска драма која траела 40 минути додека влегла Брзата помош. Нашите мислеле дека умрел пациентот оти одредено време го немало на линија, а тој го исклучил телефонот за да ја зачува батеријата. На крај, овој бизарен случај се заврши успешно, Брзата помош спаси пациент кој падна од кревет во велешката болница“, кажува Ангелов.

Единствениот број 112 беше пуштен во функција пред три години, во февруари 2021, дури после 15 години откако почна овој проект. Ангелов вели дека на почетокот имало скептицизам и опструкции од сите институции, а сега сите се многу задоволни.

„Десет години правеле муабет да го направат, а јас за една година седнав заедно со двајца вработени кои се вистински професионалци и го направивме. На почетокот беше многу тешко, имавме опструкции од самите институции, ни велеа ‘ајде бе, од вас ќе добиваме повици‘. Се разбира дека има одредени слабости, но станува збор за систем во изградба и многу помагаме на останатите институции, а и самите вработени спасуваат човечки животи. Паметните телефони и новите автомобили имаат можност при сообраќајки сами да испраќаат повик со координати до бројот 112. Сме имале ситуација кога вработените не знаат кој се јавува, но според координатите веднаш испраќаат информација до полиција и Брза помош. Значи, со еден повик или ниеден повик, затоа што тоа го прави возилото или телефонот, спасуваме живот“, вели Ангелов.

Нема вработен во 112 кој, како што вели Ангелов, не плачел за време на смена. Операторите се соочуваат со многу страшни ситуации, повредени луѓе, луѓе на умирање, млади луѓе повредени во тешки сообраќајки.

„Додека зборуваат со нив пискаат, врискаат. На нашиот број 112 не се телефонски секретарки кои механички ќе го поврзат повикот, туку го водат и му зборуваат на лицето за да го одржуваат во живот. Понекогаш е многу важно да се зборува на повредените лица за да ги одржуваме во живот, но и да им се даваат правилни инструкции. Мојата намера е бројот 112 да биде како 911 во Америка, но за тоа ќе ни треба малку време, а за жал доаѓаат избори и нема време“, вели Ангелов.

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *