Сутерен.мк

Кој ја смисли глупоста – летно и зимско сметање на времето?

Од денеска започна зимското сметање на времето. Пред пет години 84 отсто од граѓаните на ЕУ гласаа за укинување на оваа докажано нездрава работа. Но – залудно. А кој, воопшто ја смислил „генијалната“ идеја за воведување летно и зимско сметање на времето?

Во рамките на ЕУ, промената на времето се применува во сите земји-членки од 1996 година (освен прекуморските територии) за околу 512 милиони граѓани и за милиони соседи во Европа.

Дискусиите за и против се водат од самиот почеток, а во 2018 година во онлајн анкета на Европската комисија, 84 отсто од испитаниците гласале за укинување на поместувањето на стрелките на часовникот. Оттогаш – ништо не се смени. А еве како почна тоа со поместувањето на часовникот.

Воведувањето на летно сметање на времето било предложено во 1784 година – на шега – од 75-годишниот Бенџамин Френклин (1706-1790), еден од татковците на САД, кој се занимавал со разни работи. Во тоа време, тој бил американски амбасадор во Париз веќе осум години, сакал да игра шах до раните утрински часови и обично спиел до пладне.
Во една статија, тој опишал како случајно се разбудил во 6 часот наутро и го видел – сонцето. И потоа пресметал колку свеќи и масло за светилки може да се заштедат со поместување на часовникот.

А бидејќи е познато дека Парижаните не сакаат да ги менуваат своите навики и да стануваат порано, мора да се преземат драстични мерки, мислел расположениот Френклин, а предложил и дека Париз треба да ги оданочува ролетните и да го буди населението со топовски експлозии. На Французите тоа исто така им било многу забавно, а предложената промена на времето паднала во заборав.

Но, 100 години подоцна, двајца научници, независно еден од друг, предложиле сезонско поместување на часовникот: во 1895 година, новозеландскиот астроном Џорџ Вернон Хадсон и во 1907 година, британскиот пронаоѓач Вилијам Вилет. Тие, исто така, внимателно пресметале колку би можело да се заштеди – на осветлување – со поместување на часовникот. Само Винстон Черчил бил ентузијаст за таа идеја.

Дури кога во 1916 година, среде Првата светска војна, Германија и Австро-Унгарија неочекувано вовеле летно сметање на времето, тоа го направиле и воените противници Велика Британија и Франција, како и некои други европски земји. Кога војната била изгубена, Германија го укинала непопуларниот воен реликт во 1919 година.

Во Франција, селаните со протести успеале да постигнат и таму во 1922 година да се укине летното сметање на времето. Меѓутоа, промената на времето била повторно воведена во 1923 година. Велика Британија, од друга страна, е единствената земја која континуирано се придржувала на летното сметање на времето.

Кога повторно почнала војната – Втората светска војна, Германија се сетила на идејата за заштеда на енергија и повторно го вовела летното сметање на времето во 1940 година. Берлинското сметање на времето морало да важи и за окупираните територии. Германија повторно ја изгубила војната и промената на времето била укината во 1949 година во двете Германии.

Кога нафтениот шок од 1973 година ја втурнал Европа во длабока криза и кога биле воведени забраните за возење, луѓето се сетиле и на поместувањето на часовникот. Франција биле првата западноевропска земја која повторно го вовела летното сметање на времето во 1976 година. Од 1980 година и двете Германии го направиле истото.

 

Извор…

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *