Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: За зборот да остане збор

„Соломон, те надминав“. Тоа е првата реченица што императорот Јустинијан ја изговорил во ново изградениот храм Света Софија или Аја Софија. Местото каде се случило крунисувањето на византиските императори, како и првата петочна молитва, по освојувањето на Цариград од страна на Османлиите. Храм, сведок на конфликтот и падот на две империи, две култури и две религии. Денес повторно активен. Повторно камен на сопнување меѓу религиите, културите, вредностите…Тоа едноставно мора така да биде, бидејќи приказната за Аја Софија е таква. Градена да даде љубов, да бара љубов, да предизвика восхит, немир, солза, мир, спокој… да проникне во сечие срце и од него да го извади најдоброто и најлошото.

Колку само некогаш не разбираме дека сета мудрост е во еден збор. Во еден збор што сме го слушнале или кажале. Со колкава леснотија денес ги кажуваме, или некој ни ги кажува без да се размислува колку тие тежат. Се прашувам од кога навредите почнаа да се сметаат за зборови, чие значење има рок од неколку часа. Од кога лажењето стана толку безопасно? Од кога зборот престана да биде збор? Не се согласувам дека е од секогаш. Не. Сето ова е помодарство. Начин оваа генерација да соопшти дека воспоставува нови, но сосема погрешни “вредности“. “Вредности“ базирани на манипулација, лага измама и лична корист. Се прашувам како само се доведовме до ова дереџе. Толку ли многу не измори транизицијата поради која ги напуштивме сите морални концепти. Впрочем дали денес веќе воопшто знаеме да распознаеме добро од лошо, или и тоа ќе биде само прашање на перцепција и збор фрлен во ветер.

Секоја генерација има своја битка. Битката на оваа е да го врати значењето на зборот. Да научи да и пркоси на лагата, да ја врати почитта. Барам ли премногу? Секако. Знам. На тоа се потсетувам секој ден. Кога зборувам со пријателите, колегите, семејството. Кога гледам телевизија, кога одам во маркет, кога седам на тераса. Зборовите едноставно само се кажуваат, без вредност и последица. Не постои авторитет, не постои граница. Оддамна дури ја немам слушнато и реченицата “кажаа на телевизија“, или “прочитав во новина“, која некогаш се сметаше за неспорен факт и вистина. Зборот е како магла, како ветер, но не и како камен.

Потребна ни е промена. Потребна ни е мудроста на Света Софија. Да не смири, да не маѓепса, да не прошета низ историјата и да не врати назад. Да не натера секој сам на себе да си рече “Се надминав себе си“.И одново да се сопне на мудроста, на речта, на пораката.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *