Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Можеш ти и без кибритчиња

Ладна зимска ноќ. Остра зима. На истекот на старата година едно девојче босо талка по темните студени и снежни улици. Во рацете држи кибритчиња што требаше да ги продаде, но не успеа. Да си оди ли дома? Без продадено кибритче? Не. Нема да оди. И дома е исто така студено и темно.

Прстите и беа премрзнати и вкочанети. Едно кибритче сигурно ќе ме затопли си помисли. Извлече едно дрвце и го запали. Светлиот пламен блесна во аголот. Русокосата душичка за момент почувствува дека седи покрај еден голем камин и го слуша пукотот на огнот од дабовите трупци. Ги пружи премрзнатите ноџиња кон огнот, но тој изгасна. Го снема…. Извади уште едно кибритче. И уште едно… И уште едно…

Го запали целото преостанато купче кибритчиња. Огнот беше прекрасен, толку силен и толку светол, посветол од било кое пладне што го имаше видено. Ја почувствува топлината и го виде прекрасниот лик на баба си. Баба и ја зеде во своите раце. Русокосото ангелче се најде во нејзината прегратка.

Изутрината околу аголот беа собрани неколкумина случајни минувачи. Го гледаа премрзнато девојче навалено на ѕидот. Нејзините образи се уште беа розеви, а насмевката го покриваше нејзиното невино лице. „Сакала само да се згрее“ тивко зборуваа луѓето. Никој од нив не ни помислуваше колку прекрасни работи малечкото ангелче виде таа ноќ. Никој од нив не можеше ни во сон да ја замисли убавината каде таа и нејзината баба влегоа понесени од радоста која ја донесе за нив таа новогодишна ноќ.

Се сеќавате на оваа приказна? Ја читаме секогаш кон крајот не една календарска година. Не за да бидеме тажни, иако ова е веројатно најтажната приказна. Ја читаме за да бидеме сигурни дека сме среќни. Дека имаме топол дом, полна трпеза и Новата година и Божиќ ги пречекуваме со семејството и нашите најблиски. Барем повеќето во земјава. Оваа приказна ја доживуваме како доказен материјал, кој треба да не убеди дека има полошо.

Дека ова што ни се случува не е дното за кое мислиме дека сме го достигнале како држава, град, нација и за кое често зборуваме и дебатираме.Приказната ни кажува дека секогаш постои нешто полошо од кое треба да се плашиме. Секогаш има бетер!

Поуката што треба да ја добиеме од препрочитувањето на оваа приказна треба да не исправи на нозе, да го зацврсти тлото под нозете и по кој знае кој пат да ни каже “Можеш ти!”. Можеш да поднесеш уште многу навреди и понижувања од оние кои треба да ти обезбедат подобар живот. Можеш ти исто како нив да бидеш шокиран од нечија недоверба. Можеш и да не одиш во Суд на пример! Можеш да бидеш изненаден од слободата што ја уживаат одредени затвореници. Можеш да ја понесеш и вината за испратените меилови за бомби. Можеш и да не се возиш во градскиот автобус. Можеш да одиш пеш, затоа што тоа е здраво. Можеш да поверуваш во лагите на политичарите. Во наводната способност на твојот шеф. Во прогнозите за тоа дека 2023 година ќе биде тешка година, ама дека ние ќе издржиме. Можеш да поверуваш во магијата што ја носи Новата година. Во Дедо Мраз…

Мислам дека немаме избор. Мораме да поверуваме во сето тоа. Бидејќи тоа е единствениот начин за да ги оправдаме нашите изгубени соништа и надежи. Оние за кои сме сонувале катадневно. Можеме да палиме и по едно кибритче секој ден до Нова година. За секоја желба која сакаме да ни се исполни во Новата година. Немаме друг избор, бидејќи на тие што ни го даваат изборот не им требаат кибритчиња.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *