Сутерен.мк

Магдалена Андоновска: Самопомош револуција

Како да бидеме среќни? Како да бидеме задоволни со постигнатиот успех? Како да бидеме свесни за моментот? Како да дојдеме до идеалната верзија од себе? Како да го искористиме сопствениот потенцијал? Како позитивно да ги прифаќаме негативните ситуации? Како…

Ова се дел од насловите на одредени таканаречени Коучинг центри и гуруа кои се рекламираат по социјалните мрежи, повикувајќи ги заинтересираните да се претплатат за учество на тридневно (или повеќе дневно) предавање, на кое ќе научат како да управуваат со сопствениот живот. Учеството на оваа таканаречена обука воопшто не е финансиски занемарлива ( котизацијата се движи од 6.000 до 12.000 денари) , па најчесто оние кои ја посетуваат обуката мислат дека откако ќе завршат со предавањата, ќе го земат животот во сопствени раце и сите врати ќе им бидат отворени.

Илузијата што ја добиваат на обуката веројатно ја буди позитивната страна на нивниот карактер или можеби им дава воља за живот и продолжување по патеката по која тргнале, или, пак, можеби им сугерира да ја променат истата. Во секој случај тие од предавањето заминуваат полни со импресии и желба да ги променат нештата што кај нив не им се допаѓаат. Но, за жал тоа чуство им трае колку и обуката. Неколку денови, бидејќи сфатиле дека на предавањето слушнале убави зборови, добиле и одредени совети и тактики како да постапуваат, но отпосле разбрале дека истите во пракса се коомплетно непроменливи. И повторно се вратиле на почетокот, со единствена разлика што изгубиле 100 или 200 евра.

Сосема свесно ги пишувам овие редови, (иако ризикувам да ми “изнарипаат“ ваквите гуруа) бидејќи истите се резултат на искуството одредени лица (се разбира остануваат анонимни), кои присуствувале на вакви предавања и обуки. Немам намера да ја девалвирам работата на коучинг експертите и центрите, но се прашувам каде истите се образувале за да можат да држат вакви обуки? Со какво образование располагаат?

И од каде им е правото да се наречеат експерти за самопомош? Одговорите на овие прашања реално не треба да ги дадат тие, туку државната институција која им го дала правото да држат вакви обуки и која одредила (ако воопшто постојат) правила за тоа кој може да се нарече коучинг тренер. Се прашувам дали интитуцијата која дала дозвола за формирање на вакви центири или академии (кои најчесто се one man show), одредила и ценовник за услугите или тие самите ја одредуваат цената на нивниот труд?

Елем, се додека нема кој да постави ред, секој ќе може да се нарекува животен тренер. Но, ако државата не реагира (а не реагира бидејќи не ја интересира), се прашувам зошто не реагира стручната јавност од оваа област? Никаде не прочитав став за ваквите гуруа од на пример експертите за ментално здравје. Како психотерапевтите и психијатрите реагираат на ваквото тридневно „лечење“.

Во никој случај овие „животни разубавувачи„ не можат да им ја земат работата на докторите, бидејќи немаат звање доктор, но се прашувам дали освен што продаваат илузија дали прават и штети. Со вакви и слични ситуации се соочуваат и земјите од соседството, и благодарение на новинарите истражувачи кои стапиле во контакт со стручната јавност (која како и овде не сака експлицитно да зборува за новите гуруа) добиле зачудувачки информации.

Имено, како што изјавиле повеќето доктори за ментално задравје и псхолози, дел од оние лица кои посетувале ваква обука сега се нивни пациенти, но не е мал бројот и на оние лица кои предходно веќе имале контакт со стручната докторска јавност. За нив докторите велат дека се потешки за работа, бидејќи доаѓаат скрешни и работата со нив треба да започне од почеток, иако предходно бележеле напредок.
Вакви искуства кај нас не сум прочитала, бидејќи како што реков стручната јавност молчи за овие нови трендови за самопомош на животните гуруа.

(Авторката е долгогодишна новинарка.)

*Мислењата изнесени во текстовите се лични коментари на авторите и не го претставуваат ставот на сајтот suteren.mk

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *